Арапските и муслимански земји: Заеднички повик до Израел
12 ноември 2024Лидерите на арапските и муслиманските земји го повикаа Израел од самитот во Ријад целосно да се повлече од арапските територии кои ги окупираше со цел да се постигне „сеопфатен“ мир на Блискиот Исток.
Во завршната декларација од вчерашниот самит беше нагласено дека „праведен и сеопфатен мир во регионот“ не може да се постигне без „да се стави крај на израелската окупација на сите окупирани територии“ од 1967 година – кога Израел ја започна окупацијата на Западниот Брег, Источен Ерусалим и на сирискиот дел од Голанската висорамнина, и тоа во согласност „со резолуциите на Обединетите нации и арапскиот мировен план од 2002 година“.
Заедничкиот самит на Арапската лига и на Организацијата за исламска соработка, чиј домаќин е Саудиска Арабија, истовремено повикува на единство на сите палестински територии - Појасот Газа и окупираниот Западен Брег - во рамки на палестинската држава чиј главен град треба да биде Источен Ерусалим, кој е под израелска окупација.
Ердоган го повика муслиманскиот свет на трговски бојкот на Израел
Реџеп Таип Ердоган го зголеми притисокот врз владата на Бенјамин Нетанјаху за време на неговиот говор на самитот. Турскиот претседател повика на целосно ембарго кон Израел и крај на трговијата со земјата.
Ердоган постојано остро ја критикува израелската воена операција во Појасот Газа и го обвини Израел за „геноцид“ врз Палестинците. „Како исламски земји, ние мора да ги направиме првите чекори против Израел“, рече тој, повикувајќи го муслиманскиот свет да застане обединет против Израел. „Исклучително е важно да се воведе ембарго за оружје на Израел, да се стави крај на трговијата со Израел и да се изолира Израел на меѓународно ниво, доколку неговата агресија не престане“, рече тој.
Апел на Хамас до учесниците на самитот во Ријад
Палестинското исламистичко движење Хамас ги повика арапските и муслиманските земји да ги спроведат декларациите донесени на самитот и да го принудат Израел да запре со својата агресија.
„Афирмацијата на националните права на нашиот народ, од кои првото е создавање на независна палестинска држава со Ерусалим како главен град, бара итни напори и практични решенија за да се принуди (Израел) да стави крај на својата агресија и геноцид врз нашиот народ“, објави Хамас.
На заеднички самит на Арапската лига, панарапска организација која обединува 22 земји, и на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), панисламска организација која обединува повеќе од 50 муслимански земји, учесниците разговараа за „продолжувањето на израелската агресија на палестинските територии и на Либан“.