Нашата реалност отсликана низ две премолчени вести. Првата, нашироко објавена, наведува дека по караницата Исмет Рамадани му се извинил на домаќинот, водител на онаа шанк-бирцуз дебатна емисија на Канал 5. Проблемот е што веста не е точна, бидејќи е демантирана од самиот Рамадани во изјава за албански медиуми.
Втората вест, нашироко пренесена, е дека минатата недела висок службеник во некое министерство во Приштина завршил на црната листа на САД. Она што не е пренесено дека истиот службеник во рок од неколку часа бил разрешен од функцијата од страна на владата во Приштина.
И двете вести се речиси банални, дневнополитички, речиси ирелевантни а сепак суштествено значајни и политички битни. Да не беа битни, немаше да бидат објавени во еднострана форма и половично пренесени. На исчашен начин, токму цензурата ја повлекува тежината и важноста на веста како таква и особено настанот кој е покриен. Таа половичност е израз на други половични реалности. Како што е фактот дека и двете вести беа објавени во целост (изјава и демант, санкција и последица) од страна на медиумите на албански јазик и во половична форма од страна на медиумите на македонски јазик кои селективно го избраа настанот кој ја потврдува предрасудата и превентивно го премолчуваат настанот кој го демантира поводот или причината за таква предрасуда.
Најѕвездените мигови на Никола Војвода
Поводот за таков пристап кон известувањето не е предмет на уредувачките политики на медиумите, туку на нужноста наложена од повисоки мотиви на партиско-олигарските сопственици. Извинувањето на Рамадани е така толкувано како мелем на раната и панична потврда за проектираната невиност „на нашинецот” и однапред очекуваната вина, злоба и омраза на „туѓинецот”. Демантот, од друга страна, е премногу болен за да се објави бидејќи ја руши претставата за „чесноста на нашинецот” и ја детерминира „моралната чистост на туѓинецот”. Се разбира, објавувањето на веста во целосен акција-реакција аранжман би го издигнал кредибилитетот на медиумите на високо ниво. Но самиот факт што акцијата е форсирана а реакцијата е цензурирана, ја деградира веродостојноста на медиумите, ја потвдува дефанзивноста на налогодавачите и резултира во контраефект на самонанесен резил и понижување.
Санкционирањето на некој Албанец веќе не е вест за албанската публика за кој дебатата околу искреноста и чесноста на американската администрација во казнување на осомничените е заокружена со изјавата на Пендаровски дека „90 отсто од санкционираните се Албанци” како потврда дека, ете, Американците не ги сакаат Албанците. А за волја на вистината, ни овдешната Амбасадорска дегустаторка на пастрмајлии не направи нимал обид да таа математика и проценка ја демантира. Но она што беше вест и чест во очите на албанската публика беше резолутната интервенција на Владата во Приштина за разрешување на санкционираниот. Демонстрирајќи свест и решеност да не се задаваат во а ла Рамиз Мерко жмурки со оставки и не оставајќи простор да некоја Агелерка со пола уста бара реформи на правосудство а со пола уста ги фали оние кои реформите ги сведоа на банална шега помеѓу политичари и дипломати.
Но да повторам, медиумите се само последната линија на одбраната на партиите и дипломатиите. И нивниот исчашен однос кон обврската да се известува чесно, целосно и веродостојно е само одраз на менталитетот на нивните контролори од политичките партии. Менталитет и неморал деновиве искажан низ најбеспредметната кавга на политичката сцена, таа за (не)враќањето на Никола Груевски. Физичко враќање. Бидејќи духовно и политички, никогаш нема ни заминато. И да бидам искрени, а ако сакате бидете и вие со себе, Никола Војвода ги доживува најѕвездените мигови на својата политичка битност и слава. Насаден на врв на некоја кула во Пешта, смирено легнат врз канапе и во очекување да стројниците ја завршат тепачката кој од нив ќе ја грабне бегалката и ја врати дома за предизборен расплод.
Кој посакува враќање на спасителот Груевски?
Веќе не е никаква тајна дека и Ковачевски, и Ахмети, и Агелер, и Гир и Таравари срдечно и панично посакуваат и чинат сѐ да обезбедат враќање на Груевски дома – но под услов да тие останат невини. Барем за на весници и пред камери, со политички изрази на загриженост, со дипломатски изјави на едвај прикриено разочарување. И споделени уверувања дека "ни Груевски ни Свети Груевски” нема да и избегаат на правдата. И слични други дрндупки со сопствениот иоанака патосирани полит-дипломатски авторитети во огледалото, бидејќи во општеството таквите „изрази и осуди” предизвикуваат само потсмев и презир. И така, додека во Приштина некој санкциониран лета од работа во рок од 2-3 часа, во Скопје, во оваа членка на НАТО, оваа кандидатка за ЕУ, оваа вечна лидерка во регионот, комплетната политичка и дипломатска врхушка трепери од нервоза и возбуда како, аман како да го вратиме Груевски дома. За да ни ја спаси демократијата, анти-корупцијата и интеграциите кон ЕУ. Е да, до тоа дереџе на бесрамност стигнаа СДСМ, ДУИ, АА и славните дипломатии на САД и ЕУ.
Доколку ставот на Ковачевски, Ахмети, Груби, Агелер, Гир кон враќањето на спасителот Груевски заслужува општ презир, односот на Христијан Мицкоски и неговата веќе целосно живаљевиќизирана пародија од партија заслужува само потсмев. И трошка жалење. Како страничен гледач, очекував дека некој ќе му укаже на Мицкоски дека враќањето на Груевски може да биде од презиборен ќар за Ковачевски-Ахмети, но престојот на Груевски може да биде или прерасне во изборен „џандар збира” за него или бумеранг по главите на коалиционите владеачки партии. Но овој Мицкоски, заслепен од дневно-политичките лижалки со кои го хранат во Белата Палата, нема доволна концентрираност да ја препознае апсурдноста и контрадикторноста на својата тврда позиција против враќањето на Груевски.
Контрадикторна, егоистична и самопоразителна позиција бидејќи на овој Мицкоски му пречи она што самиот го има чинето кога по заминувањето на Груевски трчаше во Мала Речица за спас на сопственото водство и спас од судовите с'снати кон неговото раководство. Точно е, нема збор и двоумење дека целта на од СДСМ-ДУИ посакуваното враќање на Груевски цели кон поделба и слабеење на ВМРО-ДПМНЕ пред следните избори. Подеднакво како што се точни, и извесни, трдењата и убедувањата дека всушност токму овој двотактно дволичен став на Мицкоски кон Груевски ќе придонесе кон истото – поделба на партијата помеѓу оние кои имаат лични причини за невраќање на Груевски и оние кои веќе одамна имаат разбрано дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им посакува и спрема да заедно со Груевски, и нив ги снема од политичките јасли на профитите и кариерите.
Македонија заслужува да ѝ се врати Груевски
Мицкоски и Николовски можат да повторуваат како мантра, по пет пати на ден дека „нема да прават влада со ДУИ”. Но токму нивното лично искуство со Груевски треба да им разјасни дека со ваков нивен пристап, ДУИ можеби нема да биде во Влада, но ќе биде столб на власта и метастаза низ сиот политички систем и институции. И тоа ќе биде коската во грлото на Мицкоски дури и доколу успее да избори победа на изборите и тег околу нозете во постигнување на неговата посакувана цел. А тоа не е да биде новиот Груевски, туку тој да биде македонскиот Али Ахмети а ВМРО-ДПМНЕ биде македонската ДУИ.
Целата дебата за Груевски е само персонализирана, бурлескна демонстрација на целосната ерозија на авторитетот во Македонија, како на политиката, така и на дипломатијата. Нештата се толку отидени во аут и безнадежност, што дури и овие некадарни за асална автократија премиери, суб-премиери, сенка-премиери, во исчекување премиери, се принудени да спасот го побараат во Original Gangsta на автократијата во Македонија, стариот лош Никола Груевски. О да, навреме пензионерите сонуваа да Тито стане од гроб и се повампири во нашите животи. За да потоа разочараните сопруги, кафенски камион-бизнисмени, дебели џандари и скопски шмизли имаат дневни сновидувања за враќањето на Бранко Црвенковски, Патријархот. Но ова е прв пат да севкупната политичка камарила, дипломатија и владина коалиција со отворени очи сонува и се навлажнува од враќањето на оној за кој се испокршивме обидувајќи се да го избркаме.
Очигледно, евидентно, Македонија заслужува да ѝ се врати Груевски. Но, не ми оди во глава, не можам ниту да вкопчам и камо ли разберам, не ми паѓа жетонот и не ми светнува сијаличката во глава за да разберам што фајде и кој андрак му треба на Груевски да се врати во нашите мизерни животи?! Токму затоа, не дека некогаш го ценев, но доколку се врати – ептен ќе ме разочара.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.